за

Заврши производството на Нисан Лиф, се чека наследничката

Наследничката на Лиф ќе биде прва од трите нови СУВ со електричен погон, што Нисан ќе ги произведува во фабриката во Британија.

Нисан го заврши производството на пионерскиот електричен модел Лиф во Европа. Се очекува наследничката на компактот со погон на батерија, што треба да се појави во 2025 година.

Лиф е меѓу првите ЕВ што беше достапен во слободна продажба во светски рамки. Европската продажба на моделот сепак подзабави нагло, под влијание на новите конкуренти, што понудија подолг досег и подобра технологија.

Нисан лани продаде 17.907 примероци од Лиф во Европа, што е за 39 проценти под продажбата една година претходно, покажуваат податоците од Датафорс.

„По 13 години голем успех, Лиф се приближува кон завршетокот на својот животен циклус во Европа,“ објави Нисан во петокот. Лиф ќе продолжи да се продава годинава, од претходно произведените залихи.

Европското производство на Лиф се одвива во фабриката на Нисан во Сандерленд, Англија. Моделот од првата генерација почна да се произведува таму во 2013 година, кусо по глобалниот старт во 2010 година. Втората генерација е во продажба од 2017 година.

Батериите за автомобилот исто така се произведуваа во фабриката во Сандерленд. Таа се вбројува меѓу најнапредните погони за производство на батериски ќелии за автомобили.

Нисан вложува 423 милиони фунти (близу 500 милиони евра) за фабриката да ја унапреди да произведува до 100.000 примероци од новата генерација на Лиф. Место комбилимнузина, како досега, таа во иднина ќе биде СУВ од компактната класа. Се гради и нова фабрика за батерии во Сандерленд, од страна на батерискиот партнер на Нисан, Енвижн АЕСЦ.

Концептот Чил-Аут го најави изгледот на идниот Лиф.

Новиот Лиф се очекува да се појави кон завршетокот на годинава, а испораките ќе започнат во 2025 година. Нисан уште нема потврдено датум кога ќе биде лансиран новиот модел.

Нисан посочи дека изгледот на новиот Лиф бил наговестен со концептот Чил-Аут од 2021 година. Со тој автомобил беше прикажана аеродинамична каросериска форма во стил на купе, со мошне едноставни површини.

Новиот Лиф ќе биде прв од трите нови целосно електрични СУВ модели што Нисан ќе ги произведува во фабриката во Сандерленд. По него ќе следи целосно електрична наследничка за градскиот СУВ-модел Џук, што се очекува во 2025 година, а потоа следи и електричен Кашкај, што веројатно ќе стартува во 2027 година.

Првичната замисла на Нисан беше со Лиф да се даде одговор на успехот што Тојота го постигна со хибридниот Приус. Тоа на еден автомобилски конгрес во 2022 година го изјави поранешниот директор на Нисан, Енди Палмер. Тој раководеше со развојот на првата генерација на Лиф, додека беше главен оперативен директор во јапонската марка. Тој си замина од Нисан во 2014 година.

Досегот на Лиф во почетокот беше мошне мал, со 208 километри и батерија од 24 кВч. Со текот на годините се зголемуваше досегот. Моделот во моментов е достапен со батерија од 39 кВч и досег од 270 километри. Поскапата изведба со батерија од 62 кВч постигнува досег од 385 километри, меѓутоа таа престана да се нуди лани.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

За електричниот Рено 5 се регистрирале 50.000 заинтересирани купувачи

Мерцедес Ве-Класа Марко Поло: Каде што ќе го подигнеш покривот, таму ти е домот