за

Мерцедес Ве-Класа Марко Поло: Каде што ќе го подигнеш покривот, таму ти е домот

Мерцедес може многу нешта: Ес-Класа крстосува, Ге-Класа качува, АМГ победува, а Ве-Класа кампува – во изведбата Марко Поло што постои близу 40 години.

Кога ќе се слушне кликнување додека електромотор ја отвора портата, тоа не е звук од возилото, туку е знак дека човек „кликнал“ со оваа Ве-Класа во специјалната изведба Марко Поло.

По важната премиера на АМГ ГТ, со „славчетаневски дизајн“, Мак Аутостар веќе ја има следната премиера, од сосем различен вид. Од македонскиот Мерцедес во понеделникот испорачаа еден исклучително редок примерок од Ве-Класа Марко Поло, луксузно возило за кампување, што во Западна Европа има голем круг на фанови и корисници, но е апсолутен раритет на нашите простори.

Тоа е дополнителна ексклузивност на Штутгарт, затоа што од германското премиум трио, единствено Мерцедес-Бенц Груп може на своите клиенти да им понуди ванови, во најразлична изведба, вклучувајќи ја и легендарната Марко Поло, што близу 40 години е присутна во понудата на марката со ѕвездата.

Целото вопшебство на Ве-Класа Марко Поло е во покривот. Таму каде што „авантуристите“, љубителите на природата и на безусловната слобода, ќе го подигнат покривот на својата Марко Поло, таму е домот. Горе има комотен простор за две лица, одлично осветлен, затоа што платнените страници пропуштаат зачудувачки многу светлина. Дополнително може да се отворат и страниците и да се добие и прозорец.

Долу не треба многу вежба, за задната клупа да се трансформира, и да се добие простор за уште две лица. Сето тоа е на копче. Делот веднаш спроти влезната врата е кујна, со ладилник со горно полнење, плински шпорет и мијалник. Сé е изработено според врвни стандарди на Мерцедес, во поглед на материјалите и финишот.

Секако дека на тоа се надоврзува и промислена практичност. Каде и да се пушти рака, има некоја рачка, копче, дршка, прекинувач, приклучок за струја. Подот е изработен да изгледа како кај јахта. Кој сака различно, може да добие и под со изглед на камен. Во Мак Аутостар не пропуштаат да се пошегуваат, дека пред качување во возилото треба да се собујат обувките.

Нарачаниот примерок е во изведбата Ве 250, со дизел со 190 КС, секако со 9-степен автоматски менувач, но и со постојан погон на сите тркала 4Матик.

Цената е малку над 100.000 евра.

Што содржи „Марко Поло“?

Ве-Класа Марко Поло стандардно доаѓа со бројни ставки што прават кампувањето да биде луксузно доживување. За готвење служи поле со два горилници на гас, отстранлив мијалник и ладилник од 40 литри, сé вградено компактно и педантно во еден модул.

Опремата за кампување ја дополнуваат 38-литарски резрвоар за питка вода и 40-литарски сад за отпадна вода. Тоа е друг модул, заедно со простор за сместување предмети. На сето тоа следи и амбиентално осветлување, што создава посебно чувство додека се престојува во природа. Двете предни седишта се свртуваат наназад.

Горниот лежај е долг 2,05 метри и широк 1,13 метар. Клупата долу се претвора во лежај со притискање копче, по што се добива удобна површина за спиење со димензија 2,03 метри на 1,13 метар.

Опции за Марко Поло:
(избор од германскиот ценовник)

  • Челен прозорец во подигнувачкиот покрив, дополнително на страничните прозорци · 462,98 евра
  • Пневматска суспензија Ерматик · 2.284,59 евра
  • Електрика за покривот Изи Ап· 2.070, 01 евра
  • Странична тенда, широка 2,60 метри, долга 2 метри · 984,27 евра
  • Мрежа за инсекти · 109,62 евра
  • Бојлер · 1.376,12 евра

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Заврши производството на Нисан Лиф, се чека наследничката

ДХЛ го обнови партнерството со Ф1, двојно зголемена флотата на возила на биогориво