Toyota Mirai постави Гинисов рекорд за најдолго растојание извозено со автомобил со водороден погон, со едно полнење. Рекордните 845 милји или 1.360 километри беа извозени во јужна Калифорнија. По возењето, резервоарот на автомобилот што Toyota го продава веќе во втора генерација, повторно беше полн за само пет минути.
Сега е многу појасно кога шефот Акио Тојода му порачува на целиот свет, не само на автомобилската индустрија, да не го сосредострочува сето свое внимание и огромните финансии во батерискиот електричен погон. Водородниот погон не е ништо помалку добар. Заменикот на извршниот директор на Toyota Motor North America, Боб Картер, коментираше по подвигот: „Во 2016 година, Toyota Mirai беше прв електричен автомобил со водороден погон од сериско производство, што беше достапен во продажба во Северна Америка. Втората генерација на Mirai сега поставува рекорди во изминат пат“.
Возењето се одвиваше во присуство на претставници од Гинисовите Светски Рекорди, со почитување строги правила и со уредно документирање. Toyota Mirai на возењето на 23-ти и 24-ти август постигна просек од 152 милји со галон водород (1,55 l/100 km), без ниту грам штетна емисија. Од издувната цевка на Mirai излегува само чиста водена пареа.
Местото зад воланот му беше доверено на искусниот Вејн Гердис, кој се заменуваше со совозачот Боб Вингер. Патешествието започна во Техничкиот центар на Toyota во Гардена, Калифорнија, каде што се развиваат горивните ќелии за водородниот погон. Следно одредиште беше Сан Исидро на југ, потоа Санта Барбара, Санта Моника и автопатот по крајбрежјето во Малибу. Потоа се возеше назад за Гардена. Во првиот ден беа поминати 473 милји (761 km) со само две возачки замени.
Во следниот ден се возеа локални релации, во вкупна должина од 372 милји (599 km), вклучувајќи возење во метеж по автопатот во Сан Диего, меѓу Лос Анџелес и Оринџ Каунти. Откако резервата од водород дојде при крај, тимот се врати назад во центарот за водород на Toyota, по вкупно 845 милји или 1.360 километри.
На целото патешествие, Toyota Mirai потроши само 5,65 kg водород, поминувајќи покрај 12 станици за полнење водород, секако без потреба од запирање за долевање „гориво“.