Уште еден триумф на водородниот погон што Toyota го подготвува за следна погонска авангарда во автомобилската бранша. Toyota Mirai е веќе во втора генерација и ги докажа најголемите предности на водородот наспроти батерискиот погон – досегот што е ист како кај обичните автомобили, но и времето од само 5 минути што е потребно за резервоарот повторно да се наполни со водород. „Малку“ е проблем тоа што станиците за точење водород се ретки.
Toyota Mirai на 26-ти мај, во минатата среда, во 5:43 часот наутро појде од станицата за точење водород Hysetco на парискиот аеродром Орли и возеше 1.003 километри без потреба од дополнување со гориво, во случајов чист водород.
Се возеше во редовен сообраќај, јужно од Париз, а растојанието и потрошувачката беа надгледувани од овластена институција. За потфатот се користеше водород произведен со користење струја од обновливи извори. Просечната потрошувачка изнесуваше 0,55 килограми водород на 100 килограми. Во резервоарите на Mirai собира 5,6 килограми водород под притисок.
Во услови кога не се вози за рекорд, Toyota Mirai минува околу 650 километри со полни резервоари водород. Една од најголемите предности е тоа што за повторно полнење на резервоарите се потребни помалку од 5 минути, на посебна станица што го полни водородот под притисок од 700 бари.