за

Шефот на Тојота вели дека е-автомобилите се „алката што недостига“ за најголемиот производител во светот

Електричните возила му се важни на извршниот директор Коџи Сато, но Тојота „почитува пристап од повеќе страни и примена на различни видови погон.“

Кога го презеде кормилото на Тојота, како нов извршен директор, Коџи Сато укажуваше колку е важно да му се даде предимство на електирчниот погон. На салонот во Токио, шефот објасни дека „тоа не значи дека Тојота отсега ќе прави само батериски електрични автомобили.“

Коџи Сато има големи предизвици на своето работно место. Тој го презеде местото на извршен директор од внукот на основачот на Тојота, кој семејниот бизнис до донесе до врвот на браншата. Акио Тојода и натаму е мошне влијателен, додека компанијата го менува својот пристап и се преструктурира.

Тоа е описот на работното место што во април му беше доверено на Коџи Сато, кој ја наследи позицијата од Акио Тојода, кој пак, стана претседател на Тојота Мотор.

Јапонскиот производител продава повеќе автомобили од кога било досега, а батериските електрични автомобили уште се „алката што недостига“ во огромната понуда од модели, кажа Като во едно од своите први интервјуа, откако во април беше именуван за извршен директор на Тојота Мотор.

Во јануари, откако компанијата објави дека тој ќе ја преземе извршната директорска функција, Коџи Сато (54), имаше други ставови околу ориентацијата на Тојота.

Неговата најава дека на Тојота ѝ е потребен пристап во којшто им се дава предимство на електричните возила, беше поздравен од инвеститорите, кои очекуваат компанијата да се впушти против Тесла или Би-Уај-Ди. Други, пак, го гледаа тоа како клатење на кајчето. Тоа важи најмногу за Тојода, 67, кој е еден од најгласните поборници во браншата, што се залага за постепена декарбонизација на автомобилите – преку примена на хибриди со бензински мотори, како и алтернативи, вклучувајќи го водородот во комбинација со горивни ќелии.

„Кога го најавивме новиот правец и го користевме изразот ‘батериските електрични возила се први’, тоа привлече големо внимание“, кажа Сато во интервју на маргините на Јапан Мобилити Шоу, салонот во Токио што е во тек. „Но, кажаното тогаш разјасни дека Тојота има пристап од повеќе страни и дека ќе се користат различни видови погон.“

Сато зборуваше за големите промени во Тојота на коишто тој им посведочил во својата повеќе од 30-годишна кариера. На полчасовната средба со новинарите, шефот зборуваше и за тоа како компанијата пристапува во развојот на електрични возила, како и на бројни други теми. Во продолжение се наведени неколку суштински прашања (со задебелени букви) и одговорите од Сато, коишто се скусени заради читливост на објавата.

Акио Тојода го опиша овој момент како „целосна промена на моделот“, што е слична со времето кога семејниот бизнис преоѓал од производство на машини за предење во производство на автомобили. Дали во денешната Тојота уште можете да ја препознаете компанијата за којашто почавте да работите во 1992 година?

Начелото да се произведуват добри автомобили не е сменето, но целта на компанијата стана појасна. Промените се сé поголеми, особено откако Акио стана претседател. Задачата да шириме среќа е срце на сé што правиме. Тоа е задача со мошне широк опсег, но таа ни е исклучително важна. Пред триесет години, еден единствен одговор важеше како најдобро решение. Денес, еден одговор не е доволно добар. Живееме во период кога треба во исто време да им се посветиме на различни потреби. Поради тоа го користиме поимот ‘пристап од повеќе страни’. Најголемата промена што ја имам почувствувано во изминатите 30 години е тоа што целта на компанијата стана многу јасна.

Колкав предизвик е Тојота да прерасне во производител на батериски електрични автомобили, во земја во којашто продажбата на електрични автомобили е толку слаба?

Развојот на батериски електирчни возила и нивната продажба, мене не ми претставува преголема тешкотија. Тојота е глобална компанија. Во некои региони постои голема потреба за батериски електрични возила (БЕВ) и во тие региони повеќе и побрзо расте побарувачката за зелена енергија. За тие подрачја, БЕВ се вистинското решение. Во глобални рамки, нашите цели сепак нема да се сменат. При произведувањето и продавањето БЕВ треба да се земе предвид природата на регионот. Тогаш локализацијата станува важен фактор.

Тојота подготвува платформа за БЕВ од следната генерација за 2026 година, користејќи сосем нов пристап во инженерингот, софтверот и производството. Колку ќе биде тешко да се направат сите тие промени во исто време? Дали Тојота ќе се соочи со истиот „производствен пекол“ каков што искусија Илон Маск и Тесла, кога почнуваа со продажба на Модел 3?

Платформата за којашто зборуваме се состои од три слоеви. Постојат каросериска структура, софтверска платформа и платформа за апликации. Овие три слоеви во комплет даваат платформа што функционира меѓусебно, и тие се развиваат истовремено. Разбирлива ми е загриженоста дека тоа е премногу комплексно. Но, доколку немаме добра софтверска платформа, не можеме да имаме добра каросериска структура. Овие три нешта, овој триаголник, соработуваат едно со друго. Не можеме само да кажеме дека ќе работиме на едното од нив, затоа што тоа било тешко. Тоа што ќе го добиеме од тројството, додека преземаме фактор на ризик, вреди да се работи на него. Секако дека тоа е предизвик, и поради тоа временската рамка мора да биде проспособлива, но нема да лансираме нешто што е несовршено, затоа што завршил рокот. Ние правиме нов БЕВ, затоа што возилата профитираат од тоа, на пример, се постигнува повисока ефикасност. Тоа ќе има влијание и врз нашите автомобили што не се батериски ЕВ.

Кажавте дека Тојота мора да им дава предимство на БЕВ. Тојота вложи многу во електрични возила со горивни ќелии, но во рамките на целата бранша, БЕВ напредуваа далеку понапред. Дали ќе продолжите да вложувате во возила со горивни ќелии со погон на водород? Кога ќе решите дали БЕВ се подобриот избор?

Кога го најавивме новиот правец и го користевме изразот ‘батериските ЕВ прво’, тоа предизвика големо внимание. Но, тој говор разјасни дека Тојота има пристап од повеќе страни и дека ќе се користат различни видови погон. БЕВ беа алката што недостига. Доколку треба сега да почнеме да развиваме БЕВ, тоа нема да биде дел од нашиот вообичаен процес на развој, туку ќе биде нов пристап во развојот.

Доколку се посветиме на процесот да развиваме БЕВ, сé што ќе постигнеме со тоа ќе биде менување на погонот, место да направиме БЕВ каков што сакаме. Затоа го нагласив значењето на пристапот ‘батериите прво’. Тоа не значи дека Тојота отсега ќе произведува само батериски електрични автомобили.

Во поглед на водородот, најважно нешто е енергетската сигурност. Зависноста од само еден извор носи голем ризик и затоа е важно да постои флексибилност. Не се менува целта да постигнеме карбонска неутралност и цениме дека водородот е важен извор на енергија. Сакаме да бидеме подготвени да понудиме мобилност што се темели врз водородот. Секако дека е важна струјата, но цениме дека водородот е важно решение.

Развојот и производството на водород и изградбата на синџирот за набавка ќе трае долго. Тој расте, но потребно е уште долго време. Потребно е да ги зголемиме вложувањата и да ја подготвиме инфрастуктурата. Времето на полнење е покусо во споредба со полнењето на батеријата, така што доколку го гледаме како извор на енергија, треба да започнеме од комерцијалната примена. Тоа е насоката во којашто се движиме и отворени сме за соработки.

Тојота со голем ентузијазам говори за батериите со цврст електролит. Колку сте сигурни дека компанијата ќе успее да ја комерцијализира таа технологија?

Како што најавивме со Идемицу, целиме кон масовно производство на батерии со цврст електролит и постигнавме значаен чекор. Во партнерството со Идемицу, на лабораториска основа, убедени сме дека батериите со цврст електролит ќе станат реалност. Но, додека се движиме кон масовно производство и комерцијализација, почнуваме пилот проект и ќе работиме на предизвиците како што тие ќе се појавуваат. Потребно е да го забрзаме циклусот во тоа што го работиме и да бидеме агилни.

Дали тоа поседува потенцијал да стане технологија што од корен ги менува нештата? Дали таа има потенцијал, за Тојота од фазата на БЕВ што се алка што недостига, да стане лидер во БЕВ?

Тоа е само една варијација. Не сметаме дека батериите со цврст електролит ќе ги сменат нештата, само поради тоа што ги имаме. Вредноста на производот нема да се одредува само врз батериската технологија што се користи. Имаме биполарни литиум јон батерии, а исто и перформансите на батериите со течен електролит ќе се подобрат. Батериите исто така се развиваат во повеќе правци. На крајот, прашањето е каков автомобил ќе направиме.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Викендов пробно возење на СУВ-моделите на Хавал во Сити Мол

Дизајнерот на Пежо одликуван од францускиот магазин Ауто Мото