за

Toyota во јануари го зголемила производството, Honda и Nissan во минус

Јануарското производство на Toyota порасна за 8,4 проценти. Недостигот од микрочипови во меѓувреме попушта, во април презема новиот шеф Коџи Сато.

Toyota пријави мал пад во продажбата во светски рамки во првиот месец од годината, како последица од ефектите на пандемијата и хроничниот недостиг од микрочипови за возилата. Наспроти тоа, продукцијата порасна, а исто и на домашниот пазар се зголеми продажбата.

Продажбата на возила на корпорацијaта Toyota, вклучувајќи ја марката специјализирана за мини-возила Daihatsu и марката товарни возила Hino, во јануари е намалена за 3,6 проценти во споредба со лани, со вкупно 795.847 патнички и товарни возила. Продукцијата порасна значително, за 8,4 проценти, на вкупно 819.727 возила. Светскиот број 1 денес ги објави  податоците во извештајот за првиот месец од годината.

Пред една година, производителот се соочуваше со многу посериозен недостиг од микрочипови. Како резултат од попуштањето на кризата, Toyota во минатиот месец можеше да произведе повеќе возила.

Резултатите се објавуваат на приближно еден месец, пред сегашниот шеф на лускузната марка Lexus, Коџи Сато, да ја преземе функцијата на извршен директор на Toyota во април. Производството заздравува од ограничувањата што ги имаше во времето на пандемијата, покрај тоа попушта тесното грло во снабдувањето со микрочипови и почнува да се надминува долготрајниот недостиг од компоненти.

Во минатата седмица, компанијата објави дека го одобрила највисокото покачување на платите во последните две десетлетија. Корпорацијата веќе трета година во низа одговара брзо и целосно на барањата на работничкиот синдикат.

Домашната продажба и производството во споредба со лани бележат раст веќе трет месец во низа. Во јануари во Јапонија се продадоа за 18 проценти повеќе возила, односно вкупно 186.998 примероци, соопшти Toyota.

Добивката во третото тромесечие далеку ги надмина предвидувањата, меѓутоа производителот остана приземен во очекувањата за фискалната година, што завршува во март. Според предвидувањата, оперативната добивка треба да достигне 2,4 трилиони јени, односно 17,6 милијарди долари.

Светското производство на Honda во јануари опадна за 22 проценти, на 280.757 возила, и тоа се случува веќе трет месец во низа, објави компанијата. Продукцијата во Северна Америка се зголеми, додека во Азија опадна значително, пренствено во Кина, каде што во јануари беа произведени помалку од половина од бројот на возила во истиот месец лани.

Nissan исто така имаше пад во производството за 25 проценти во светски рамки, со вкупно 224.236 произведени возила во јануари. Светската продажба на марката назадуваше за 26 проценти, на 228.557 возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првиот човек за дизајн во Volvo првпат работи за автомобилска компанија

Фабриката на Tesla во Берлин произведува 4.000 возила неделно