за

Тојота на дилерите во Јапонија ќе им исплаќа поддршка за секој вработен

Кампањата е осмислена со цел да се создадат подобри услови за работа кај дилерите, да се подобри обуката и да се поттикне посветеноста на вработените кон Тојота.

Тојота прво реши да им плати повисоки цени на добавувачите. Потоа на своите вработени во Јапонија им потпиша најголемо повишување на платата во последните 25 години. Производителот сега ја споделува својата добросостојба со дилерите – барем во Јапонија.

Почнувајќи од месецов, Тојота ќе ја троши својата рекордна добивка за на дилерите во Јапонија да им исплаќа по 10.000 јени (околу 3.750 денари) месечно, по вработен. Кампањата е осмислена со цел да се одобрат условите за работа кај дилерите, да се подобри обуката и да се поттикнат посветеноста на вработените кон компанијата.

Тојота годинава се расфрла со многу пари, за своите деловни партнери да ги заштити од последиците што инфлацијата ги остава врз стопанството. Најголемиот производител на автомобили во светот е со став дека преку својата поддршка ќе овозможи одржлив раст, во време кога светот повторно застанува на нозе, по долги години со ограничувања поради пандемијата и непредвидливи фактори врз бизнисот.

Дилерите на Тојота во Јапонија трпеа силен удар од тоа што роковите за испорака на популарните модели на корпорацијата, како Лексус Ен Икс, се оддолжија до четири години, поради тоа што фабриките немаа доволно микрочипови за вградување во возилата.

Долгите листи на чекање ги разочаруваа клиентите, се откажуваа нарачките. Намалениот број на испорачани возила за продажба повлече намалени провизии и плати за вработените во салоните. Тоа влијаеше врз моралот на вработените и врз задржувањето на персоналот.

Првпат за Тојота

Исплатата ќе биде насочена кон 250 дилерски компании што продаваат возила на Тојота и Лексус во Јапонија. Во нив работат околу 6.000 лица во продажба и сервисирање, вклучувајќи лизинг и рентакар.

За споредба, во САД работат околу 1.150 дилери на Тојота и Лексус, со 1.495 салони.

Парите што ќе им бидат исплатени на дилерите сепак нема да отидат директно во џебовите на вработените, како месечен бонус. Тојота само го користи бројот на вработени како основа за пресметување на фондот за секој дилер.

Дополнителните средства ќе бидат исплатени во следните 12 месеци и може да се потрошат на обуки, понапредни дигитални алатки, или за подобрување на работните услови. Фондовите треба да послужат како помош за дилерите подобро да ги претставуваат своите марки.

„Иако инвестициите се пресметуваат по луѓе, целта е да се подобри марката Тојота,“ кажува претставник од компанијата. „Тоа е прва иницијатива од таков вид за Тојота.“

Засега нема планови за програмата да се примени надвор од Јапонија.

Кон завршетокот на јануари, шефот за продажба во Јапонија, Шигеки Томојама, за време на годишниот состанок со домашните дилери, најави дека годинава ќе биде побавна, со помалку лансирања на нови модели. Тој кажа дека дилерите треба да го искористат затишјето за да го зајакнат својот бизнис за следниот замав.

„Ова е година за да ја наостриме нашата секира,“ кажа Томојама.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Лимузината на Шаоми изгледа како Порше, поевтина е од Тесла

Мото Клубот Гардијан Енџелс најавува настан за безбедноста во сообраќајот