за

Toyota лани продала близу 4.000 автомобили со погон на водород

Погонот на водород вооошто не е толку „иднина“, јапонскиот примус лани продал близу 4.000 примероци од своите возила со погон на водород, главно Toyota Mirai.

Веста дека Toyota е најголем производител на возила во светот е стандард веќе три години во низа, и уште бројни години претходно. Тоа што посебно се издвојува во извештајот од продажбата на возила на Toyota во минатата година е бројот на возила со погон на водород.

Четири илјади возила, од ковот на лимузината од средна класа Toyota Mirai и слични на неа, што се испорачани ширум светот во текот на 2022 година, можеби и не се чинат многу. Но, Toyota ги продава овие возила со најнапредниот вид на погон што го има доживеано автомобилската индустрија во својата историја, уште од 2014 година.

Во продажниот извештај на Toyota за ’22 стои дека со „стандардниот“ хибриден погон, лани се продадени точно 2,6 милиони возила. Точно два милиони возила со самополнечкиот хибриден погон се продадени на извозните пазари на јапонската компанија.

Во меѓувреме, Toyota продава и возила со приклучен хибриден погон. Тие не се толку масовно застапени, во споредба со самополнечкиот хибриден погон, но над 90.000 продадени возила со овој вид погон, секако дека се забележлив успех во споредба со останатите производители.

Батериските електрични возила, главно Toyota bZ4X, на којашто моќните „групи на интерес“ ѝ смислија афера дека тркалата отпаѓале во возење, за вообичаено да му наштетат на чесниот јапонски производител, постигнале продажба во близу 25.000 примероци. Toyota извесно време паузираше со испорака на моделот, но bZ4X сега повторно е пуштен во редовна продажба. Секако дека овој важен модел пречекува и во салонот на Тојота Авто Центар.

Четвртата погонска варијанта се однесува на возилата што користат водород како „погонско гориво“. Toyota го означува овој вид погон како FCEV, од Fuel Cell Electric Vehicle, во превод, електрични возило со горивни ќелии. Лани се продадени вкупно 3.924 возила со водороден погон. Во 2015 година, Toyota продаде 507 примероци од првата генерација на Mirai. Од 2016 до 2020 година, продажбата се движеше на околу 2.000 до 2.500 примероци. Во 2021 година, пазарот на овој модел порасна на близу 6.000 примероци. Тоа дава вкупно 17.940 возила, што вклучувајќи ја ланската продажба од 3.924 примероци, доаѓа до збир од близу 22.000 возила. Фантастична бројка, несомнено!

Водородниот погон со горивна ќелија користи хемиска реакција на водородот, којашто создава електрична струја. Главниот дел во горивната ќелија е т.н. мембрана за размена на протони. Низ таа мембрана можат да поминат само протоните, додека неутроните се премногу „крупни“ и остануваат од другата страна на мембраната. На тој начин се создава нестабилност, односно се поттикнува движење на неутроните. А, тоа не значи друго, туку електрична струја. Таа енергија се користи за напојување на погонскиот електромотор.

Тоа значи дека погонот на водород не е „многу различен“ од батерискиот елеткричен погон, со таа разлика што тука не е потребна батерија, туку резервоар со неколку килограми водород, што се чува под висок притисок во скапи и технолошки најнапредни боци.

Бројот на станици на коишто се точи водород, одвај дека е барем незначителен. Најблиската таква станица до нас е во Загреб. Според статистиката, во светот во 2021 година постоеле само 685 јавно достапни станици на коишто може да се наточи водород.

Toyota Mirai во Германија чини 65.990 евра, на што следи субвенција во висина од 6.000 евра, како за секој елеткричен автомобил во земјата. Во САД се продава поедноставно опремена изведба на Mirai, па соодветно и гамата таму стартува од околу 50.000 долари.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тјунерската работилница Irmscher ѝ стокми третман на Opel Astra GSe

Нафтените и гасни концерни бележат рекордни добивки