за

Toyota ја најавува GR Corolla, но многу тајно

Во промотивното видео што е изработено за новата Toyota GR86, не се врти сé околу спортското купе со заден погон. Ако се гледа повнимателно, тоа е реклама и за GR Corolla.

Спортските изведби на Toyota Corolla низ историјата не се прочуја посебно на автомобилската сцена, иако не им недостигаше моќност, а уште помалку им недостигаше имиџ. Причината за тоа е Celica. Спортските верзии на Corolla постојано остануваа во сенка на купето со големо име во релито. Toyota наскоро ќе почне со испорака на новиот GR86, чистокрвна спортска машина. Но, очигледно е дека ќе има и Corolla, GR Corolla.

Мотоспортот е голема занимација во Toyota во овие денови. Додека останатите големи производители на автомобилската сцена се зафатени со електрификација и со соодветно приспособување на имиџот, Јапонциве можат спокојно да продолжат да работат на имиџот. Кај нив електрификацијата започна пред повеќе од 20 години и во моментов само се чека да почнат во салоните да пристигаат електричните модели од новата генерација bZ, кусо од beyond Zero. Покрај хибридните модели на Toyota и Lexus, нормално.

GR Yaris е ѕвезда на сцената, GR Supra носи вредни бодови во GT-шампионатите, купето GR86 со заден погон и боксер мотор е кусо пред да почне да се испорачува од салоните. Нешто недостига? GR Corolla на пример, храбрата и добра Corolla во изведба на Gazoo Racing, на одделението за мотоспорт во Toyota.

Прикриената најава за GR Corolla е во самиот завршеток на видеото

На сцената долго време кружеа гласини дека Toyota ќе пушти нагласено спортска GR-изведба од Corolla. Тоа што беа гласини, сега станаа факти. Но, за тоа да се дознае, прво треба до крај да се изгледа рекламото видео за новиот GR86, во коешто експертската група „Focus Group“ предлага да се направи реклама во којашто GR-моделите на Toyota ќе се појават во форма на буквата V. Во кадарот, сепак се прикажуваат само две возила, за да се направи V-формација, недостига трето возило. Тоа трето возило ќе биде GR Corolla.

Во видеото се забележуваат само контури од задните светла, но е јасно дека тоа се светлата на Corolla. Ова ефектна најава за GR Corolla завршува со кус звук од моторот. Дали тоа е истиот 1,6-литарец од GR Yaris или можеби е четирицилиндарец, што ќе извлече вредност од околу 300 КС? Се чини дека сцената допрво ќе почне да шири гласини околу спортската Corolla. Во меѓувреме, Toyota нуди спортски пакет на опрема Corolla GR. Во комбинација со 2,0-литарски хибрид со 180 КС, и тоа е повеќе од доволно.

Во нашиот онлајн-каталот во којшто се наоѓаат сите марки и модели на македонскиот пазар, со детални технички податоци, опрема и можност за споредба до три модели, најдовме уште еден модел со ниво на опрема GR:

Toyota C-HR 2.0 Hybrid 2WD GR Sport

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Cupra подготвува наследник на Ateca, дизајнот различен од Seat

Леопард ја запре фабриката на Mercedes во Индија