за

Тојота го презема уделот од Панасоник во бизнисот со батерии стар три децении

Тојота ќе го откупи уделот на Панасоник за целосно да ја преземе заедничката компанија за батерии Прајмерт ЕВ Енерџи.

Тојота ја презема контролата над важното производство на батерии, додека ја подготвува новата генерација електрични модели што ќе се произведуваат во Јапонија и ќе се извезуваат ширум светот.

Панасоник ќе ѝ го продаде на Тојота својот удел во заедничката компанија Прајмерт ЕВ Енерџи (ПЕВЕ), којашто во изминативе 28 години произведуваше батерии за автомобилите на Тојота. Со тоа компанијата ќе премине во целосна сопственост на производителот на автомобили.

Овој чекор претставува клучен момент за ПЕВЕ, еден од првите добавувачи на батерии за хибридните модели на Тојота, вклучувајќи го Приус. Јапонската компанијата со близу тридецениско искуство ќе почне да произведува батерии за новите целосно електрични модели на Тојота.

Тојота по традиција бара целосен надзор, па и непосредна контрола над клучните компоненти што ги вградува во своите возила. Со целосното преземање на ПЕВЕ и ставањето под заеднички покрив, ќе се постигне поголема флексибилност околу нивото на продукцијата, трошоците и технологијата на батериите.

ПЕВЕ е основана во 1996 година како заедничка компанија во сопственост 40:60 меѓу Тојота и Панасоник. Компанијата досега беше посветена само на производство на погонски модули за стандардн и приклучни хибриди.

Од 2026 година, ПЕВЕ ќе почне да произведува батерии за целосно електрични возила во нова фабрика во својата индустриска зона во Косаи, во префектурата Шизуока, во регионот меѓу Нагоја и Токио. ПЕВЕ годинава ќе ја отвори и новата фабрика во Араи, четврта во мрежата на компанијата. Таа прво ќе произведува батерии за хибриди, а потоа ќе почне и со батерии за приклучни хибриди, како и за целосно електрични автомобили.

Со седиште во Косаи, ПЕВЕ веќе располага со две фабрики во тамошниот комплекс, со фабриките Омори и Сакаиџуку.

Косаи е воедно и родниот град на основачот на Тојота, Сакичи Тојода.

Првото видео од серијалот 3000 километри со електрична Тојота низ Македонија

Другата фабрика на компанијата во Јапонија се наоѓа во префектурата Мијаги, северно од Токио. ПЕВЕ има и два ограноци што произведуваат батерии во Кина.

Низ годините, Тојота постојано купуваше дел по дел од акциите на Панасоник. Во 2006 година, Тојота поседуваше 60 проценти, за четири години подоцна, уделот да се зголеми на сегашните 80,5 проценти.

Тојота во моментов набавува хибридни батерии од ПЕБЕ и од јапонските добавувачи Тојота Индустрис и Прајм Планет Енерџи и Солушнс (ППЕС), што е втора заедничка компанија на Тојота и Панасоник. Првиве таму поседуваат мнозински удел од 51 проценти.

Батериите за електричните автомобили доаѓаат од ППЕС и од кинескиот ЦАТЛ.

По преземањето, што може да се случи веќе кон завршетокот на месецов, се размислува за менување на името. Во ПЕВЕ работат околу 4.700 лица.

Тојота зема залет со електричните автомобили

Јапонците лани продадоа само 104.018 батериски електрични автомобили, наспроти 24.466 во 2022 година. За споредба, Тесла лани продаде 1,8 милион возила на светскиот пазар.

Уште една, поверодостојна споредба кога станува збор за Тојота. Од хибридните модели, Јапонците продадоа 3,42 милиони возила лани. Тоа се 33 проценти од вкупната продажба, повеќе од 27-те проценти во 2022 година.

Каросеријата на новата генерација БЕВ модели на Тојота ќе биде изработена од три модули, побрзо и поевтино

Нема да потрае долго додека Тојота почне масовно да ги продава своите БЕВ-модели. Планот е веќе во 2026 година да се продадат 1,5 милион возила на батерија. Следната цел се 3,5 милиони во 2030 година.

Директорите кажуваат дека 1,7 милион од тие 3,5 милиони БЕВ ќе бидат модели од следната генерација, што ќе користат револуционерна технологија.

Новите БЕВ ќе почнат да се продаваат во 2026 година, прво во понудата на Лексус. Тие во почетокот ќе се произведуваат во Јапонија и ќе се извезуваат оттаму, иако е во план подоцна да се произведува и во странство.

САД ќе добијат прва фабрика за батерии на Тојота

Тојота веќе ја гради првата своја фабрика за батерии во САД, во Северна Каролина, од каде што ќе се снабдуваат со батерии моделите што во иднина ќе се произведуваат во Северна Америка. Во октомври Тојота ја удвои инвестицијата во фабриката во С. Каролина, со дополнителни 8 милијарди долари, за бројот на производствени линии да се зголеми од 2 на десет.

Новите модели ќе користат пет нови видови батерии. Планот е досегот да се зголеми двојно од сегашниот модел би-зи-фор-крос. Новите литиум-јон батерии ќе овозможат досег до 1.000 километри и цена пониска до 20 проценти.

Вториот вид се биполарни батерии литиум железо фосфат, што ќе дебитираат во 2026 или 2027 година. Со нив се постигнува зголемена енергетска густина, односно батерија со ист капацитет може да биде значително помала. Овие батерии ќе имаат досег за 20% повеќе отколку во сегашниот би-зи-фор-крос, со цена пониска за 40 проценти.

Потоа следи биполнарна литиум кон батерија на база на никел, за 2027 или 2028 година. Таа ќе има досег за 10% над следните литиум-јон батерии (1000 км досег), а ќе чини 10 проценти помалку.

Тојота во меѓувреме планира два вида батерии со цврст електролит, за втората половина од десетлетието.

Првата од овие батерии ќе се појави во 2027 или 2028 година, со 20% поголем досег од новите литиум батерии, што значи досег до 1.200 километри.

Следната фана е понапреден вид на оваа батерија, по 2028 година. Таа ќе има досег до 50 проценти подобар од следната генерација литиум-јон батерија, односно тогаш ќе се зборува за досег до 1.500 километри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Форд казнет во САД со 365 милиони долари, продавал турски Транзити со лажна декларација

Киа освои пет награди за дизајн, злато за ЕВ9