Toyota Gazoo Racing, тркачкото одделение за јапонскиот производител, со најдобриот можен исход за тимот ја отвори сезоната 2023 во трки на долги патеки.
Мајк Конвеј, Камуи Кобајаши и Хозе Мариа Лопез, зад воланот на Toyota GR010 Hybrid со стартен број #7, по 239 кругови во жестока борба на врвот, постигнаа победа во домот на американските трки на долги патеки.
За победата на Gazoo Racing да биде уште поубедлива, за второто место на 1000 милји Себринг се изборија актуелните шампиони и победници на Леман, Себастијан Буеми, Брендон Хартли и Рио Хиракава. Временската разлика меѓу двата хиперавтомобили Toyota GR010 Hybrid изнесуваше само 2,168 секунди.
Основа за двојниот успех беа постојаноста во држењето водечко темпо, беспрекорната тимска работа и вештата стратегија со гумите. Сите овие чинители, придонесоа Toyota Gazoo Racing да ги престигне за два круга новите хиперавтомобили од реномираните марки во мотоспортот, како Cadillac, Ferrari, Peugeot или Porsche. Тоа е 40-та победа за тимот на јапонската марка во трките во издржливост.
Иако тимот не ја стартуваше трката од пол-позицијата, Toyota Gazoo Racing постојано беше на врвот. Буеми вршеше притисок врз водечкиот Ferrari, а Конвеј беше сигурен на третото место.
Раното излегување на безбедносниот автомобил на патеката, поради незгодата на возило во класата GT во петтиот круг, услови 25-минути да се вози практично без трка. За тоа време, водечкиот Ferrari мораше да се упати во боксовите заради полнење гориво. Тогаш GR010 Hybrid се најде на челото на трката и долго време остана таму. Буеми постави нов рекорд во класата хиперавтомобили и ја предводеше трката заедно со Конвеј.
Тимските колеги водеа тесна битка за врвот и по два часа во трка се заменија со нови возачи. На половина од трката, Кобајаши го презеде водството, за кусо потоа да го препушти на Лопез. Хиракава во втората Toyota го продолжи тимскиот дуел.
По следната возачка смена, на Конвеј му припадна честа да ја мине целта прв. Со 2,168 секунди предност пред Toyota GR010 Hybrid #8, тој го здогледа црно-белото знаме во мракот во Флорида.
„Почна нова сезона со нови конкуренти. Сакам да им честитам на сите возачи и членови на тимот, и да им се заблагодарам, за тоа што важната прва трка ја завршивме со двојна победа. Многу ме радува тоа што победи болидот со стартен број 7, посебно откако во минатата сезона мораше да се соочи со многу фрустрации,“ порачува основачот на тимот Акио Тојода.
Второто одмерување на силите во трките во издржливост е на 16-ти април, кога е вози во Портимао, Португалија. Сезонава се возат вкупно седум трки.