за

Fiat ќе се произведува и во Алжир, двесте милиони евра за новата фабрика

Изградбата на фабриката ќе заврши во август, а првите примероци од Fiat 500 се очекува да почнат да излегуваат од фабриката пред завршетокот на годината.

Концернот Stellantis, со своите 16 марки – Fiat, Peugeot, Opel, Citroen, Jeep, Alfa Romeo, Maserati и други, вложува повеќе од 200 милиони евра за да произведува четири модели на Fiat во Алжир.

Извршниот директор на марката Fiat, Оливие Франсоа, во денешното соопштение порачува дека „Fiat 500 Hybrid ќе биде прв модел на Fiat што ќе се произведува тука, кусо по почетокот на производството на Doblo, а за неколку години, сосем нов модел – што уште е во рацете на нашите дизајнери – исто така ќе почне да се произведува во Алжир“.

Изградбата на фабриката во Оран се предвидува да биде завршена до август, за пред завршетокот на годината, од неа да почнат да излегуваат и првите примероци од Fiat 500 Hybrid од алжирско производство.

До 2026 година, фабриката ќе создаде близу 2.000 нови работни места и ќе располага со капацитет за производство на 90.000 возила годишно.

Stellantis наведува дека Алжир е еден од клучните придонесувачи за остварување на целта на концернот, да достигне продажба од 1 милион возила годишно во регионот на Средниот Исток и Африка до 2030 година. Возилата произведени во фабриките во регионот ќе учествуваат со 70 проценти во вкупната продажба на концернот.

Во минатиот октомври беше потпишана спогодба со владата на Алжир, за производство на автомобили Fiat во земјата.

Алжир не им нудеше посебни поволности за бизнис на автомобилските концерни што имаа намера да произведуваат во земјата. Во 2019 година, владата забрани увоз на китови за монтажа на возила од готови или полуготови модули, исто како и увоз на користени автомобили од странство.

Renault, VW Group и Kia ги затворија свопите фабрики во земјата во периодот 2019-2020, како последица од воведувањето на новите даноци, но и од масовно присутната корупција.

Владата сега бара начини да ѝ обезбеди нов старт на автомобилската бранша.

Renault исто така има фабрика во Оран, каде што PSA Group, пред спојувањето со Fiat Chrysler во концернот Stellantis во 2021 година, се подготвуваше да отвори фабрика, пред да бидат воведени ограничувањата од страна на алжирската влада за производството на автомобили во земјата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki развива роботи што ќе носат пошта до врата

Toyota со двојна победа на 1000 милји Себринг