Помалку продадени возила поради пандемијата, а заработката зголемена. Директорот за финансии на Toyota, Кента Кон, ја објаснува мајсторијата: „Направивме нашите автомобили да бидат уште подобри.“
Корпорацијата Toyota ги објави финансиските резултати за фискалната година што заврши на 31-ви март. Во услови на пандемија, Toyota продаде 7.646.000 возила на светскиот пазар, што е за 1.309.000 возила помалку отколку во претходната година. Вкупниот промет се смалил на 27.214,5 милијарди јени, но чистата заработка се зголемила од 2.036,1 милијарди јени на 2.245,2 милијарди јени.
Деловните резултати за минатата година ги коментира Кента Кон, директор за финансии на автомобилската корпорација Toyota.
Ги смаливме трошоците и го спуштивме прагот на заработка за 2 милиони возила по лемановиот шок, преку нашите напори да правиме уште подобри автомобили
Кента Кон, финансиски директор на TMC
Позитивните резултати во крајно отежнати услови на работа ги охрабрија менаџерите да ги зголемат инвестициите во развој на технологија со ниска емисија на СО2, во насока на остварување на целта на компанијата да се постигне целосна неутралност во поглед на стакленичките гасови до 2050 година во светски рамки. Мерки за намалување на емисијата се преземаат во целиот спектар на делување, од производство, транспорт, полнење горива и полнење батерија, до рециклирање на возилата.
Toyota досега има продадено повеќе од 17 милиони возила со хибриден погон, со близу два милиони возила само во текот на минатата година
Понудата од возила со хибриден и електричен погон на Toyota моментно се состои од 55 модели. До 2025 година, оваа понуда ќе се зголеми на 70 возила, вклучувајќи 15 модели што ќе користат чисто електричен погон. Менаџерите најавија дека компанијата ќр продолжи да инвестира во нови технологии за батерии, меѓу другото батерии со цврст електролит.
Секако дека водородот останува важно поле на развој и инвестирање. Водородот како чисто погонско гориво може да се користи и во камионите, во железницата, во автобуси, такси возила, авијацијата, бродскиот транспорт, како и во индустриските процеси.
















