за

Toyota додава уште еден автомобил со погон на водород во понудата

Toyota очекува дека со воведувањето на водородната изведба од моделот Crown ќе ја удвои светската продажба на возила со овој погон, на 8.000 илјади возила во тековната година.

Светскиот број 1 планира годинава да отпочне со продажба на вториот модел со погон на водород, со намера за продажбата на оваа понапредна форма на електричен погон да ја зголеми за повеќе од двојно уште во тековнава фискална година (до 31-ви март ’24).

Место да основа целосно ново моделско име, како што е пример со Mirai, а исто и сдо Prius пред 25 години, Toyota ќе го понуди водородниот погон во посебна моделска изведба на новата генерација на моделот Crown. Продажбата на новиот Crown на јапонскиот пазар ќе започне наесен.

Претсерискиот прототип од Crown со водороден погон неодамна беже прикажан пред јавноста на Фуџи Спидвеј. Автомобилот имаше волан од лева страна, а тоа беше суптилна порака дека Јапонците сепак имаат намера моделот да го нудат и надвор од Јапонија.

Технологијата на водороден погон со горивни ќелии е клучна алка во стратегијата што ја води Toyota, со цел да постигне целосна неутралност во поглед на емисијата на СО2. Со додавањето на вториот модел со водороден погон во својата понуда, покрај Mirai – којшто патем е присутен на пазарот во својата втора генерација – Toyota почнува со популаризација на оваа технологија.

Покрај лимузината од средна класа Mirai, јапонскиот производител има во редовна понуда уште едно возило со погон на водород, автобусот Sora.

Toyota очекува дека со водородната изведба на Crown ќе ја зголеми својата продажба на возила со овој погон на светскиот пазар, од 3.440 возила во минатата фискална година, на 8.000 возила во тековната фискална година (за јапонските компании завршува на 31-ви март).

Возилата со водороден погон сочинуваат незначителен дел од светскиот пазар. За споредба, возилата со батериски електричен погон на Toyota, во тековната фискална година се очекува да постигнат петкратно зголемување на продажбата, на 202.000 возила.

На брифингот во април околу водородната погонска технологија, извршниот потпретседател Хироки Накаџима кажа дека очекува масовно производство на возила со водороден погон, главно товарни возила.

„Овој енергенс, водородот, лесен е, па кога се патува на подолги растојанија, возилото не е толку тешко како батериско електрично возило, и бара помалку простор“, објаснува Накаџима. „Полнењето исто така е многу побрзо. За да ги искористиме овие предности, ќе соработуваме со операторите на возни паркови, за да ги промовираме електричните возила со горивни ќелии, стартувајќи од комерцијални возила, од средна до тешка категорија“.

Технологијата со горивни ќелии беше една од главните причини за Toyota во минатата недела да се спогоди со Daimler Truck за соединување на посестринските компании за товарни возила Hino и Mitsubishi Fuso.

Лимузинската изведба на Crown е една од четирите каросериски варијанти што го сочинуваат моделското семејство на овој прочуен модел на Toyota во новата генерација. Првата варијанта е кросовер со динамичен изглед, којшто веќе се продава во САД и во Јапонија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинески Gotion најавува револуција во батериите за електрични автомобили

Volvo во мај ја зголеми продажбата за близу третина