за

Toyota Corolla најпродавана и во април, целиот пазар брои 412 нови автомобили

Продажбата на нови автомобили во Македонија и во април ја предводеше Toyota Corolla. На ниво на марки, највисоко котира Skoda.

Вкупно 412 нови патнички автомобили и 34 доставни возила им се испорачани на македонските возачки и возачи во април. Лани во истиот месец, пазарот броел 394 нови автомобили, што значи дека пазарот пораснал за 4,5 проценти.

Во првите четири месеци од годината, на македонскиот пазар се испорачани вкупно 1.451 патнички автомобил и 263 доставни возила. Во споредба со истиот период лани, пазарот во 2023 година бележи раст од 11,3 проценти, кај автомобилите, односно раст од 15,2 проценти кај доставните возила.

Дванаесетте најпродавани модели на скромниот список што е достапен во отсуство на официјална статистика за македонскиот пазар, сочинуваат дури 44 проценти од продажбата во месец април.

Најпродаван модел и во април беше Toyota Corolla, со 26 испорачани возила. Бестселерот на јапонската марка ја предводи и вкупната продажба од јануари до април, со 93 возила. Нема промени ниту на второто место, каде што Renault Clio втор месец се докажува како вицешампион. Францускиот модел од традиционалната класа на македонскиот пазар во април регистрирал 22 продажби, односно вкупно 68 возила во првите четири месеци. Тоа воедно му обезбедува и трето место годинава, по Toyota Corolla и уште еден „големец“ на нашиот пазар, Kia Sportage.

Неуморен од генерација во генерација, Sportage во април се најде на 10-то место, од четвртото место во март. Според разговори со менаџерите на Kia, побарувачката за моделот останува на високо ниво, така што не може да стане збор за намален интерес, туку за преоптовареност на производствениот капацитет. Од јануари до април, Sportage има постигнато 85 испораки.

Второто место со Clio го дели уште еден свеж модел во Топ 10, Skoda Scala. Чешкиот модел меѓу Fabia и Octavia држи добра динамика годинава, со 54 возила. До шестото место, следат модели од марките на Порше Македонија: VW Polo со 19 возила (43 досега), Seat Ateca со 15 возила, Skoda Kamiq со 14 возила (67 досега).

Шестото место со Skoda го дели кинескиот MG ZS со 14 испораки. Ова необично високо место за кинески автомобил може да се објасни со испораката на возила по дампинг цени за такси-компании и други подрачја надвор од приватниот сектор. Тоа може да помогне да се зголеми видливоста на моделот по улиците, но од друга страна тоа ги обесхрабрува приватните купувачи, коишто за истите возила треба да платат многу повисока цена од такси-компаниите и фирмите.

Dacia Sandero, европскиот шампион, на нашиот пазар постигнал 13 испораки. СУВ-феноменот Duster отсуствува од априлскиот Топ 10. Осмото место со Sandero го дели еден од ретките модели во класата на мини-автомобилите, Toyota Aygo X. Тоа што Јапонците го унапредија Aygo, познат и успешен со генерации, во мини-СУВ, вродува плод и носи резултати и на македонскиот пазар.

Листата ја комплетираат Skoda Octavia со 10 возила (38 до април) и Citroen C3, со 8 испорачани возила во април (63 во првите четири месеци).

Најпродавани марки патнички автомобили во Македонија во април 2023

  • Skoda: 64 возила
  • Toyota: 60 возила
  • Volkswagen: 38 возила
  • Dacia: 33 возила
  • Renault: 25 возила

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првата пратка од електричниот Aiways е на брод за Европа

Трошоците за бродски транспорт им ги поскапуваат автомобилите на Кинезите

Great Wall разгледува локации за фабрика во Германија