за

Тест · Тојота Ц-ХР 1.8 Хибрид · Тука почнува луксузот

Кросоверите се новите купеа, Ц-ХР е новата Тојота Селика, Тоа што овој автомобил е сосем способен и за излети надвор од теренот, претставува само уште една дополнителна вредност. Тест.

Во ова убаво парче Европа, што уште нема развиено вештина да ги разбере законите од ЕУ како корисни, многу вешто се снаоѓаме со автомобилите во последниве близу две децении. Сé што уни-Европа ќе отфрли како автомобил што им го загадува воздухот и загрозува животот на жителките и жителите на ЕУ, плус на по некој-а-е евровизистка, тука се пречекува како Тито на 25-ти мај. Тојота Ц-ХР нé враќа во нормалните автомобилски времиња, кога и лускузот беше нормален, не само за глума по улица.

Тоа што пред дваесет години во Германија го возел директор на фирма што прави промет од стотина милиони евра, денес не можат да продолжат да го возат Мујо и Аспарух, оти таму треба да се плаќа по илјада евра секоја година на сметка на заштита од ПМ10 и азотни оксиди. Затоа, пак, може тука да го возат Трајче и Шабан, без каква било грижа за загадувањето. Најдобро на бугарски таблици, затоа што така не ќе мора да се плаќа и таа еко-давачка што требаше и тука да нé заштити од ПМ10 и азотни оксиди. Дизел афера, де.

До толку ни настрани автомобилската сцена, во некогаш автомобилски угледната Македонија. Точно таква заднина се разоткри зад оваа Тојота Ц-ХР, кога дојде на тест возење. Заборавивме дека во нашата најубава Македонија, возилата од оваа сорта се луксузот, почеток на луксузот. Лажен е оној луксуз, кога две три години ќе се глуми аристокрација во директорските лимузини од пред дваесет години, додека не се случи дефектот што ќе биде поскап отколку што вреди возилото – па и тоа да заврши во отпад, за авто делови.

Веројатно за враќањето на таа слика придонесе и општото расположение, во исчекување на промените што ќе ги донесат полит-изборите. До завршетокот на 2000-те, во Македонија главно се купуваа модели од градската класа, Пунто и Поло, нови, од втора рака, на кредит, на лизинг, како кој. Ако некој можеше да си дозволи Тојота Јарис, тоа важеше како отмен и познавачки избор. Голф или Астра? Тоа беше обезбедување за следните дваесет години, најмалку. Кога доаѓаше време, за Пунто и Поло, или Голф и Астра, да се заменат со ново возило, тие доаѓаа како свежа понуда на пазарот на користени. И целиот круг се затвораше достојно, домашно.

Ако градските автомобили се доволни, а компактите реален врв, сé нагоре е луксуз. Затоа Ц-ХР е луксуз, почетокот на луксузот

Сортата на Ц-ХР и не постоеше во тие последни години на нормална автомобилска сцена. Денес ситуацијата е сосем сменета, кросоверите повеќе не се исклучок, туку се редовна понуда кај марките. Тојота дури има право да си пришие заслуги, дека Ц-ХР придонесе за кросоверите да се пробијат повеќе на сцената. На луѓето им требаше освежување меѓу единствените два избори што останаа, лимузина или СУВ.

Кросоверите се изнедрија во оној дел од сцената што некогаш им припаѓаше на купеата. Во времето на автомобилското повеќеумие, во смисла на разновидноста од каросериските изведби, Тојота ја имаше во понуда славната Селика. Таа постоеше и во народски достапна изведба, и во тркачки осветена изведба, што беше основа за хомологацијаза рели. Според тоа, Ц-ХР е новата Селика на Тојота.

Втора генерација, патем. На марката вторпат ѝ успеа да биде пред сцената, да се издвои и да постави нов правец со новата Ц-ХР. Дизајнот е за сладокусци. Неверојатно е колку детали се откриваат во каросеријата, рабови, споеви, штосови.

Ц-ХР е трипати луксуз

Ц-ХР е трипати луксуз. Прво е луксуз, затоа што Тојота чини. Чини производството, развојот на моделот, грижата да се постигне тојота-баланс меѓу сите одлики на еден автомобил од оваа марка. Значи, Тојота не може да биде најевтина, ниту цели да биде најевтина. Ц-ХР е луксуз вторпат, затоа што едно „купе“ мора да има финеси, и во дизајнот и во изработката. А, бидејќи Ц-ХР реално е кросовер, тоа што прави таа да е над Корола со цената, се практични детали, на пример, пластичните облоги над праговите, што имаат улога да ги примат сите гребаници што инаку лакот би ги претрпел при излегување од асфалтот.

Toyota изработува нови резервни делови за старите легенди
Надуваните крила се по углед на суперспортската Тојота 2000ГТ од 1960-те

Тојота Ц-ХР е луксуз третпат, затоа што секогаш вози со хибриден погон. Во оваа генерација, Тојота Сити се префрли на целосно хибридна понуда – во четири степени. Првиот степен е со 1,8-литарски хибрид и 140 КС, вториот е 2,0-литарски хибрид со 197 КС и поголем нагласок на динамика, третиот е 2,0-литарецот со погон на сите тркала АВД-и, а врвот е приклучниот хибрид со 223 КС и способност за шеесетина километри да мине чисто на струја. Последниов не постоеше кај претходничката.

Ц-ХР во оваа еднобојна каросерија е повеќе симпатична, оти е поприродна

Првата Ц-ХР на тест, во изведба со погон на сите тркала, во ниво ГР Спорт, па уште и во огнено црвена и црна комбинација, со целосно црн опаш, тоа беше автомобил за ѕвезди. Кога човек ќе излезе од тој автомобил, треба да се слушне аплауз. Оваа е многу поприземна, целата каросерија e во сива боја, иако за сивило не може да стане збор, затоа што формата и сите детали во каросеријата, внесуваат богат колорит.

Вешти се дизајнериве во Тојота, тоа несомнено. Додека пред два три месеци, Ц-ХР уште бараше окото на сцената да се привикне, денес оваа форма веќе може да почне да се обожува. За пример, продажбата во Германија, најголем пазар и воедно статистички најбрз и најдетален пазар. До април, таму се продадени 3.084 примероци од Ц-ХР, наспроти 5.675 промероци од Корола или 8.472 примероци од Јарис. Како што Германците велат за такви работи, Ц-ХР е „трефен инс шварце“, погодок во црно (во мета).

Тојота Ц-ХР во природна средина, вистински

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Како возило што е осмислено да привлече луѓе што се свесни за стилот во животот и самите негуваат стил, бараат нешто повеќе од обичното и секојдневното, Ц-ХР и во внатрешноста останува доследна на најавата од каросеријата. Дежурните критичари од око проценија дека немало простор назад, оти задниот прозорец е храбро скусен, за да се нагласи формата на купе. Простор назад има во изобилство. Вратите исто така се извонредно широки и назад се седнува полесно отколку во класична комбилимузина. Сé е визуелен трик, за Ц-ХР да изгледа како купе.

Посебноста напред ја создаваат надуваните крила што возачот ги гледа. Тука дизајнерите веројатно биле поведени од суперспортската Тојота 2000ГТ, од 1960-те години. Тоа заводливо заоблување по краевите на хаубата, продолжува и во кокпитот. Две површини поаѓаат од арматурната табла и постепено се втопуваат во вратите. Такви детали ќе забележи човек што е свесен за стилот.

Во комфорот во подвозјето, Ц-ХР се приближува до РАВ4

Разлика со првата, спортската Ц-ХР, секако дека се чувствува и во возењето. Тоа важи најмногу за комфорот. Овој кросовер амортизира меко, тивко, способно, на ниво на РАВ4. Првата, ГР Спорт, имаше тркала од 19 палци, иако и таа амортизираше господски, благодарение на активното приспособување на работата на амортизерите.

Колку е широк опсегот на подрачја на примена на овој Ц-ХР 1.8 Хибрид, се покажува кога ќе се излезе по земјен пат. Инженерите и тоа го имале предвид при развојот. Со оваа Тојота може спокојно да се излезе и на подолга релација по земја. Дури и изненадува кога ќе се забележи дека дизајнов, што сето време го мислиме дека е само динамичен и спортски, одлично се вклопува во природна средина, далеку од асфалтот. Царски дизајн, поточно концепт.

Кросоверов е многу динамичен во возењето. Каросеријата не се навалува премногу во остри свијоци, подвозјето правилно ги води силите кон тркалата и одвај дека може да се зборува за подуправување, а уште помалку за надуправување, што не е исклучено кај еден автомобил со преден погон, кога на граница на стабилност нагло ќе се одземе гасот во свијок и ќе се притисне неуко врз сопирачката. Во споредба со Корола, што и самата е темпераментна, Ц-ХР е во предимство во динамиката, субјективно. Сите системи за безбедност во Тојота и Ц-ХР се на број и се будни, тоа е веќе одамна затворено поглавје.

Хибридот е отпорна сорта. Отпорна, затоа што без разлика дали возачот ќе си умисли да вози поштедливо, или ќе си пушти малку адреналин, 1.8 Хибрид упорно ќе троши четири литри. Распонот може да биде од 4,0 до 4,9 литри, но повеќе од тоа би било нереално. Со напредувањето во 5-то колено на хибридниот погон на Тојота, моторите и електромоторите не станаа многу посилни, и погонот не стана многу поштедлив, тоа што се смени е чувството во возење.

Во вакви услови, човек цени што е во Тојота и во кросовер

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Со фини зафати, што се необјасниви без подробно навлегување во техниката, менувачот ЦВТ, менувачот што постојано го менува преносниот однос според условите на возење и барањето на возачот, повеќе не го придружува наглото забрзување со завивање, што беше својствено за раните генерации на тојота-хибридот. Во возењето пак ќе се чуе завивање, но само при силно забрзување или престигнување на нагорнина.

Тоа е една од највпечатливите промени. Останатите промени во новата генерација би ги почувствувале сопствениците на хибрид. Префрлувањето меѓу хибриден, целосно електричен, бензински погон – прашање е дали Ц-ХР воошпто може да успее да вози само на бензин, затоа што електромоторот секогаш наоѓа доволно енергија во батеријата, за да се придружи во погонот – воопшто не се забележува.

Тојота Селика своевремено беше достапна и во поедноставна погонска изведба,и во шампионска изведба, со силен имиџ од релито

Зафати во електрониката и електриката се направени во насока на зголемување на делотворноста на работата, што пак има одреден удел во заштедата на гориво. Главниот напредок е токму во тоа што електромоторот многу почесто е активен, а тоа значи во 80-90 проценти од возењето, ако претходно биле 60 или 70 проценти. Користа од сето тоа: Хибридот се грижи за возењето секогаш да биде штедливо, возачот може да си се однесува по волја и по расположение – во граници на законите.

Тојота Ц-ХР со 1,8-литарски хибрид и опрема Култ има моќ на привлекување

Оваа Тојота се засакува. Сé е погодено по мера. Таа е привлечна за луѓе што во животот се свесни за стилот, веројатно за дами и господа што имаат креативна работа, уметници луѓе. Со колку љубов се работело, ете нека посведочат надуваните крила што се гледаат од возачкото седиште. За цената од 33.990 евра, ова е луксуз во живеењето во Македонија и разбирливо е што не може секој да си го дозволи. Не мора поради тоа да се фрла со дрва и камења по новите автомобили, откако Муртино и Мала Речица ни ги направија понедостапни отколку до втората половина на 2000-те. Во поглед на концептот на кросовер, Ц-ХР е елегантна за в град, а пак е доволно теренска за да може да се отиде подалеку. Оптимум, би се рекло.

Тојота Ц-ХР 1.8 Хибрид Култ во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

https://avtosalon.mk/listings/toyota-c-hr-1-8-hybrid-cult/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Киа ЕВ9 е електрично возило на годината во Тексас

Рено почна со нарачки за електричната 5-ка