за

Тест на Toyota Camry: Дали хибридот штеди и на отворено?

Наследникот на Toyota Avensis во освеженото моделско годиште доби нов изглед на предниот дел, заедно со неколку подобрувања во кокпитот и уште едно збогатување на системите за асистенција. Нас повеќе нé интересира друго.

Toyota Camry е лимузина за долги патувања, a за нејзиниот хибриден погон постои убедување дека е делотворен главно при возење во град. Направивме најверодостојна проверка и двапати ги потврдивме резултатите. Кога неоспорната штедливост ќе се остави настрана, ова е одлична лимузина што со причина е најпродавана во светски рамки во својот ранг.

Автомобилскиот свет честопати умее да биде свет на парадокси. Еден пример. Во земјите во кои што луѓето уживаат највисок стандард и можат релативно лесно да си дозволат нов автомобил одвојувајќи од плата, обично се достапни најразновидни и најповолни можности за финансирање нов автомобил. Не само што екстра поволностите постојат, туку и се користат масовно. Парадокси кај Toyota обично не се случуваат, меѓутоа може да се случи по некој одвреме навреме. Toyota Camry, на пример, претставува лимузина што ја избираат и што можат да си ја дозволат луѓе на коишто вредноста на потрошувачката на гориво им е помалку важна ставка во расходите. Тоа сепак е најдобрата лимузина што Toyota ја има во својата понуда и таа како знаменосец ја претставува својата марка, со сите нејзини квалитети и доблести. Но, токму Camry во целата понуда од модели на марката го нуди најдрастичниот сооднос меѓу големината на автомобилот и меѓу вредноста на потрошувачката на гориво. Најголемата лимузина штеди најмногу гориво, гледано според големината на автомобилот.

При возење во град, патниот компјутер на лимузинава на којашто малку ѝ недостига да биде долга пет метри, прикажуваше вредност под пет литри. Тоа е сосем очекувано, затоа што и Toyota Camry го користи специјалитетот на својата марка, хибридниот погон. Во изминативе две и пол години, Toyota во Европа нема продадено Camry со друг погон освен со хибриден – друг воопшто и не се нуди, сите го сакаат хибридот. Вредноста под пет литри во град е сосем очекувана за хибридот, кој секое сопирање, запирање, пуштање под залет, го користи за кинетичката енергија на возилото да се претвори во електрична енергија и таа комотно да се акумулира во батеријата што се наоѓа под задната клупа.

Во исто време постои убедување во дел од јавноста што се цени дека ја познава автомобилската сцена, според коешто хибридите се делотворни до 60 километри на час, односно штедат се’ додека се вози во град. Штом се излезе од град и се појде по автопат, според тоа убедување, хибридот повеќе нема смисла и троши исто колку автомобил со обичен погон. Во тој случај, дизелот и натаму е единствен и разумен избор на мотор во поглед на потрошувачката на гориво и чувањето на буџетот.

Camry на тестот вози во најлуксузното ниво на опрема; Тоа е уште една доблест на марката: Честопати е повеќе исплатливо да се посегне по топ-нивото кај Toyota, отколку да се нарачува ставка по ставка кај конкурентските модели

Toyota Camry со своите пет метри должина е создадена токму за автопат. Вентилација во седиштата што се обложени со мека кожа во беж боја, со нагодување во три степени, вклучувајќи ги задните седишта, потоа електрично задвижувана завеса за задното стакло, клима уред во три зони со посебно делотворно пречистување на воздухот, па уште и со јонизација на воздухот во кабината – ова очигледно е лимузина за долги патувања во комплетна директорска постава. А, денешните директори, прво што внимаваат е сведување на трошоците на најмала можна мера.

Колку е веродостојно тоа убедување дека хибридите се штедливи единствено во град и дека по излегување на автопат, тие трошат исто колку секој друг автомобил? Доколку тоа е точно, директорите би погрешиле ако ја изберат Camry како службена лимузина за долги патувања. Можеби некоја споредлива изведба на Opel Insignia со дизел мотор е достапна по пониска цена, а можеби има нешто интересно и во понудата на знаменосецот на Skoda, кај Superb. Passat, исто така се наметнува секогаш како можност за избор. Тоа „можеби“, ќе го разгледаме подоцна. Засега го превидуваме фактот дека некој може да се реши за модел на Toyota и само поради тоа што е Toyota. Има доволно вредности во оваа марка и без гледање дали нејзините автомобили трошеле помалку од другите или не.

Нормално, следи веродостојна проверка, колку навистина е штедлив хибридниот погон на Camry? На станицата на Макпетрол на автопатот кај Петровец, ги поништуваме претходните вредности за потрошувачката на гориво, за енергетскиот биланс, за предвидениот досег, се’ станува нула. Претстои возење долго 138 километри, строго по автопат, со сите патарини по пат, со брзина точно колку што е пропишано на одделните делници. Одредиштето е паркингот пред хотел и казино Фламинго на граничниот премин Богородица, по Гевгелија.

Реално возење заради добивање веродостојна вредност за потрошувачката на гориво: Прво до казино Фламинго, потоа назад до Скопје, па споредба на вредностите

Почнува возењето без откажување од динамиката во возење, нормално со внимавање при забрзувањето, при престигнувањето и со предвидување како ќе се одвива ситуацијата со сообраќајот напред, за да не мора да се сопира нагло, па потоа исто да се забрзува нагло. Значи, тоа е едно комотно и релаксирано возење, при коешто гарантирано нема да ни биде изречена казна за пребрзо возење, но исто така нема да претставуваме пречка во сообраќајот, влечкајќи се по автопатот до Гевгелија. Гугл Мапс кажува час и половина возење, сосем пристојно.

Camry прави возењето да биде посебно релаксирано, затоа што во низата од системи за асистенција, меѓу другото спаѓаат приспособлив темпомат и систем за следење лента. Тоа значи дека при возењето кон југ ќе треба единствено да се држи воланот – буквално, колку сензориката да препознае дека дланките се на воланот. Вртењето на воланот во свијоци, подзабавувањето при побавно возило напред, повторното забрзување по пуштањето трепкач и престигнувањето на истото, сето тоа самостојно ќе го извршува јапонската техника вградена во лимузинава. Од овие системи има уште камера што ги чита знаците со брзински ограничувања, предупредување пред Camry да се престрои доколку назад има возило во мртов агол, па дури и погледот не мора да се трга од патот, затоа што напред се појавува проекциски дисплеј со сите неопходни информации.

Веднаш на почетокот на кривулестата делница до Велес се покажува првата охрабрувачка вредност, како доказ дека хибридот си функционира примерно и при возење надвор од град. Просекот е 4,8 литри. Како што минуваат километри, така паѓа и вредноста на потрошувачката, на моменти се појавува и тројка пред запирката, меѓутоа на тој правец има неколку побавни секции. Реалната вредност што ја имаме на одминување покрај Велес изнесува 4,3 литри.

Бензинецот работи толку тивко што дури и не се чувствува кога електромоторот сам го презема погонот на петметарската лимузина

Патот кон Градско се искачува на неколку места, а тоа се покажува и на своевремено сензационалниот „енергетски монитор“. Моторот без турбонатполнење, што и сам може да повлече солидно, со зафатнина од 2,5 литри, 178 КС моќност и 221 њутнметри меѓу 3.600 и 5.200 вртежи, на благите искачувања добива помош од електромоторот и батеријата, додека Toyota вози со темпоматот поставен на 120 километри на час. Значи сепак е погрешна убеденоста дека хибридот е активен само до 60 километри на час. Нормално, во возењето не се чувствува дали електромоторот во моментот асистира или не. Всушност и самиот мотор во Camry работи толку тивко, што не се чувствува дури и кога електромоторот сам ќе ја презеде работата. Тоа исто така може да се случи при брзина од 120 километри на час, доколку патот е рамен или е блага удолнина.

Кога по рампата на патарина ќе се пушти темпоматот повторно да забрза, Camry внимава да ја држи стрелката на економетарот точно на границата меѓу најекономичното подрачје и подрачјето на екстра моќност. Тоа е искуството на оваа марка со хибридниот погон, на пионерот на електрификацијата на погонската спрега, во форма што е достапна масовно. Многу од работите што Toyota ги применуваше во своите повеќе од 20 години со хибридниот погон, сега се прераснати во стандард во браншата и во повеќе или помалку слична форма се среќаваат во електрификацијата кај останатите марки.

Вредноста пред новите тунели кај Демир Капија, каде што во моментот се случуваше вистински потоп, беше 4,9 литри на сто километри. Понатаму не се случуваа посебни спектакли, освен фактот што новиот автопат солидно искачува и висинската разлика со стариот пат покрај Вардар достигнува и четиристотини метри. Наспроти стариот пат, кој минува прилично рамно и на висина е од околу 120 метри, новиот автопат на места се искачува над 500 метри надморска висина.

Иако има батерија, електомотор и уште неколку компоненти екстра, Toyota Camry обично е полесна од конкуренцијата; Тоа е придобивка од платформата TNGA

Совладувањето на оваа релативно голема висинска разлика беше лесен предизвик за хибридниот Camry. Потрошувачката на делницата се искачи за два децилитри, една чаша, на 5,1 литри. Каде што има угоре, има и удолу. За кусо време, вредноста повторно се спушти на 4,9 литри. Интересен податок што го прикажува Toyota – во прилично големиот дисплеј во инструментите – е колкав дел од одреден пат е минат на струја. Тоа е мошне пријатно изненадување. Од 138 километри пат, Camry минала 19% со погон чисто од електромоторот. Не се малку 26 километри. Неосетно, дел по дел, лимузинава поминала чисто на струја пат долг колку што е растојанието од Тетово до Гостивар.

Следи уште едно понишување на патниот компјутер и поаѓање од нула, назад за Скопје. Таму каде што Toyota на доаѓање се искачуваше, сега се спушта, а тоа кај хибридот секогаш значи полнење на батеријата. Откако по искачувањето со оптимистичко темпо се покажа просечна вредност од 5,7 литри, пријатно беше да се гледа како Camry на надолнината ја полни батеријата и во исто време одржува брзина од нешто под 100 километри на час возејќи само на струја.

Бројките повторно беа доведени во ред на патот пред Градско, каде што вредноста на потрошувачката изнесуваше 5,0 литри. По пат за Скопје се прикажуваа и вредности од 4,7 литри, но на крајот пак се вратија „стандардните“ 4,8 литри. Децилитар помалку гориво на враќање.

Доказот е тука: Хубридниот погон на Toyota Camry не само што штеди гориво, туку и збунувачки е нечувствителен на промена на динамиката во возење; Дали се вози 100 или 130, не прави многу разлика во потрошувачката

Тоа што постигнавме речиси идентична вредност за просечната потрошувачка, 4,9 литри на рутата до Гевгелија и 4,8 литри на повратната рута до Скопје (поточно до Катланово, затоа што и поаѓањето беше неколку километри по Петровец), иако на враќање сме возеле побрзо и патувањето траело 1 час и 26 минути, претставува најдобар доказ за тоа, колку хибридниот погон на Toyota е нечувствителен на промена во динамиката на возење. тоа се покажа уште пред долги години, кога на тест на Prius од третата генерација, просечна вредност од 4,4 литри добивавме и при подинамично и при поштедливо возење. Половината литар гориво што Camry го бара за екстра комоцијата и луксузното сместување, тоа е добра „цена“.

Доказите се непобитни. Хибридниот погон на Toyota штеди и при возење по автопат, но не само што штеди, туку се минува и солидно растојание чисто со електричен погон – значи, не се смета времето кога електромоторот и бензинецот работат заедно, туку само времето кога единствено електромотот ја движи Toyota Camry.

Тоа што бизнисменскава лимузина изгледа малку видоизменето од порано, има објаснување. Најпродаваната голема лимузина во светот, со повеќе од 700.000 примероци годишно и дводецениски бестселер во САД, доживеа неколку измени во изгледот во изведбата за Европа. Нов е предниот браник, нова е маската, нов дизајн има и широкиот средишен отвор за воздух во браникот. Хоризонталните ламели во отворот во браникот ја нагласуваат ширината и прават Camry да изгледа како да е прилепена за асфалтот. Мошне се впечатливи и хромираните лајсни во форма на потковица.

Тркалата исто така добија нов дизајн,. Тестираниот Camry е во топ-изведбата и доаѓа стандардно со тркала од 18 инчи, со комбинација од црни и светли краци. Нова боја во палетата е паладиум сребрена, Toyota на фотографиите има графитна металик боја. Промените во изгледот завршуваат со новата внатрешна графика на задните светла.

Климатизацијата е вистинскиот луксуз во оваа лимузина: Поздрави испраќа сопствената премиум марка Lexus, со јонизација на воздухот во кабината

Главна новина внатре е средишниот дисплеј од 9 инчи, кој е поставен високо, заради подобра прегледност и полесно ракување. Софтверот на мултимедискиот систем исто така е освежен, а возачите што го почитуваат присуството на „физички“ копчиња ќе бидат среќни во Toyota. Системот сега работи побрзо, а мошне е лесно и поврзувањето со телефон преку Apple CarPlay и Android Auto.

Предните седишта во Camry на тест се во премиум-изведбата. Вентилацијата и грњето се стандард во топ-нивото Luxury, со три степени и со ситна перфорација по целата површина. Исто и назад. На арматурната табла и на вратите се поставени елегантни панели со изглед на дрво.

На овие стилски и функционални зафати им се придружува уште еднаш унапреден пакет системи за безбедност Toyota Safety Sense. Новите функции: Зафат во управувањето за посигурно избегнување пречка, самостојно запирање кога отспротива наидува возило, а возачот на Camry скршнува влево и не го забележува возилото, исто како и при скршнување на крстосница во десно и кога пешак минува улица и оди кон возилото.

Приспособливиот темпомат подзапира самостојно кога напред има поостар свијок, за веднаш потоа да се врати на наместената брзина

Приспособливиот темпомат отсега работи заедно со камера за знаци, олеснувајќи го местењето на брзината. Исто има зафати и во системот за задржување во лента, со зафат во управувањето кога лимузината почнува да преоѓа во соседна лента. Покрај тоа, темпоматот забрзува веднаш кога возачот ќе пушти трепкач и почнува да престигнува возило.

Во поглед на возните својства и комфорот нема промени, Camry и натаму остава впечаток на лесна и динамична лимузина, со фантастична прегледност напред, со одличен комфор и со мазна работа на погонската спрега. Возењето на петметарската лимузина е задоволство, а благодарение на релативно малиот круг на вртење, Camry не е проблем да се вози и секојдневно во град – не само поради штедливиот хибрид.

Toyota Camry го поседува волшебството на лимузините; Тоа не е најпрактичната каросериска форма, не е ниту најголема во уличната слика, но има нешто посебно што ги привлекува луѓето; Ова е лимузина ала гранде, што патем причинува задоволство и со хибридниот погон – не само поради тоа што погонот е штедлив

Уште едно кусо потсетување, Camry доаѓа на местото на Avensis, но повеќе им парира на лимузините во вишата средна класа. Најголемото изненадување всушност е во цените на новиот Camry. Основната изведба, во нивото Comfort, чини 32.190 евра. Од звучните имиња во конкуренцијата, прв e Ford Mondeo 2.0 TDCi со 190 КС и цена од 36.000 евра во основното ниво Trend. Следна е Opel Insignia, што во верзијата со дволитарски дизел со 174 КС и ниво Business Edition чини 33.420 евра. Секако дека не смее да недостига Skoda Superb 2.0 TDI DSG Ambition, со 200 КС и цена од 35.810 евра. Вечниот Passat парира со 2.0 TDI DSG Business со 200 КС и цена од 44.395 евра. Покрај фактот што Camry е опремена одлично уште во старт, а згора има и хибриден погон, цената е уште еден убедлив аргумент во корист на Toyota.

>>> Зошто ја возевме Toyota Camry до големите вештачки езера?

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најважните новитети кај Opel Astra L

Volvo XC60 е најпродаван модел на Швеѓаните во август