за

Toyota C-HR е следниот модел што добива изведба GR Sport

Големо освежување во гамата на кросоверот што досега е продаден во повеќе од 400.000 примероци.

Toyota C-HR е следниот модел што добива изведба GR Sport

Стилскиот кросовер Toyota C-HR доби нова изведба GR Sport, заедно со избор од неколку дополнителни бои за каросеријата. Има и нови материјали во кабината за нивото на опрема Chic.

Лансиран во 2016 година и развиен како динамичен кросовер што соединува впечатлив изглед со одлични возни својства и врвна штедливост, C-HR направи големо раздвижување во сегментот на компактните кросовери. Во првата година, C-HR постигна 120.000 продажби во Европа, освојувајќи 10% од сегментот.

Во претходното освежување, кросоверот меѓу другото доби хибридна погонска варијанта со 2,0-литарски мотор и 184 КС, како динамичен избор покрај изведбата со 1,8-литарски мотор и 122 КС. Продажбата во меѓувреме надмина 400.000 примероци.

Нова спортска изведба GR Sport, нагласена елеганцијата на верзијата Chic, освежување за целата гама

Новата изведба GR Sport црпи инспирација од GR Yaris и GR Supra, како модели што се поврзуваат со одделението за мотоспорт Toyota Gazoo Racing. Во нивниот стил се изведени и промените во надворешноста и кабината на C-HR GR Sport.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Меѓу новините што се однесуваат на нивото на опрема Chic се вбројуваат неколку нови комбинации на двобојна каросерија, тркала од 18 инчи и кожа во две бои. Има новини и за останатите моделски изведби во гамата на C-HR, главно во системите за асистенција и безбедност што се дел од Toyota Safety Sense.

Верзијата GR Sport од напред се препознава по црната основа на којашто се наоѓа логото, заедно со темна основа на светлата. На тоа се надоврзуваат браник во сјајна црна боја, како и маска, основа на магленките и поагресивно изведен преден спојлер во црна боја.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Отстрана се забележуваат црните прагови, заедно со тркалата од 19 инчи со дизајн што е ексклузивен за спортскиот модел. Назад се повторува стилот со црна основа за логото и за рефлекторите, заедно со црн стилизиран дифузор и со лого GR Sport.

Сива каросерија и црн покрив се достапни само за спортската изведба C-HR GR Sport

Сега се достапни вкупно девет ексклузивни комбинации на двобојна каросерија, вклучувајќи ја новата комбинација на сива боја на каросеријата и црн покрив, што единствено може да се нарача за C-HR GR Sport.

Кабината на GR Sport пречекува со сребрени украсни елементи. Опција за седиштата е обложување со комбинација од алкантара и кожа, со штепови во црвена и сива боја, кои се заштитни бои на GR. Меѓу останатите посебности на GR Sport се перфорирана кожа на воланот, дигитални инструменти, лого GR Sport и старт-стоп копче GR, посебни прагови и соодветна анимација на дисплејот при стартувањето.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Нивото на опрема на GR Sport вклучува уште затемнети задни стакла, диодно долго светло и собирање на ретровизорите. Опции се електрично местење и греење на предните седишта и озвучување JBL.

Промените не остануваат само на стилот, туку има зафати и во техниката. Подвозјето е дотерано различно, во насока на повисока динамика. Фабрички се вградуваат премиум гуми Continental Premium Contact 6 со димензија 225/45–19.

Нивото на опрема Chic добива уште понагласена елеганција и ексклузивност

Додека GR Sport става нагласок на спортската динамика на C-HR, во нивото на опрема Chic се нагласуваат ексклузивноста и елеганцијата. Toyota понуди четири нови комбинација на двобојна каросерија, вклучувајќи и нова оксид-бронза боја. За тркалата има нова опција на 10-краки тркала од 18 инчи. За кабината може да се нарача комбинација од боја на орхидеја и црна боја.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Пакетот од системи за асистенција и безбедност Toyota Safety Sense е надополнет со неколку нови функции, како Emergency Steering Assist (ESA), кој прво звучно го предупредува возачот, а потоа и самостојно запира, кога при скршнување в лево или во десно наидува возило отспротива или кога пешак минува улица.

Новото годиште на G-HR располага и со систем за задржување во лента Lane Trace Assist (LTA), кој применува отпор во управувањето, кога системот ќе препознае опасност возачот невнимавајќи да премине во соседната лента. Во арсеналот спаѓаат и радарскиот темпомат кој во комбинација со камерата за знаци овозможува возилото да ја следи дозволената брзина што се прикажува на сообраќајните знаци.

Почетокот на продажбата на Toyota C-HR GR Sport е најавен за јануари 2021 година, додека елегантната C-HR Chic ќе појави во салон веќе во текот на ноември.

>>> Toyota C-HR отсега ќе штеди и со 184 КС

 

toyota c-hr 2020

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Нови знаци во Холандија покажуваат станици што имаат полначи

Нови знаци во Холандија покажуваат станици што имаат полначи

Полска го избра Mercedes-Benz Actros за камион на годината

Полска го избра Mercedes-Benz Actros за камион на годината