за

Тојота во Германија: Новата Ц-ХР за три месеци доби 3.000 нарачки

Најголемиот и не само поради тоа најважен пазар во Европа во февруари беше 5,4 проценти во плус. Наспроти тоа, Тојота имаше близу трипати поголем раст.

Од германската централа на Тојота, уште во првиот ден од новиот месец ги објавуваат продажните статистики за февруари. Главната вест: Новата Тојота Ц-ХР постигнала успешен пазарен старт за време на Тојота Тимдеј. Повеќе од 3.000 нарачки за кросоверот што во новото издание ги раздвижува нештата уште повеќе од претходничката.

Само во февруари, Тојота во Германија има продадено повеќе автомобили отколку што сите марки заедно имаа продадено на македонскиот автомобилски пазар во цела 2023 година. Во вториот месец од годината, јапонската марка постигнала 7.280 продажби на патнички модели. Тоа е за 14 проценти повеќе во споредба со истиот месец лани.

Колку значат 14-те проценти на Тојота во плус, покажува фактот што целиот автомобилски пазар во Германија, во вториот месец од 2024 година, пораснал за само 5,4 проценти. Како што тоа го толкуваат познавачите на пазарот: Тојота им ги презела купувачите на конкурентските марки.

Статистиката во Германија, не само што е брза, туку и темелна е: Растот од 5,4 проценти важи за приватни и службени возила; Кај продажбите на приватни лица, растот е 3,7 проценти. Тоа покажува дека фирмите повеќе покажале зголемен интерес за моделите на Тојота.

Нова динамика во продажбата донесе втората генерација на Тојота Ц-ХР хибрид, за којашто од германската централа јавуваат дека имала „херфоррагенде Штарт“, односно исклучителен старт. За новиот кросовер, што се нуди исклучиво во електрифицирана изведба, како хибрид со 1,8 или 2,0 литарски мотор, или како приклучен хибрид, од стартот во декември досега се потпишани повеќе од 3.000 купопродажни договори.

Стратегијата на Тојота во поглед на електрификацијата се покажа дека е вистинска. Насоката од претходниот шеф, сега претседател на компанијата, Акио Тојода, е „никој да не се запостави на патот кон неутралноста во ЦО2“. Тоа подразбира подеднакво напредување и со хибридите, и со батериски електричните и со водородните електрични, а каде што треба, и со обичните бензинци.

Видеото од тестот на Тојота Ц-ХР ГР Спорт со дволитарски хибрид и погон на сите тркала

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фиат ќе го зголеми производството на Панда за една петина

Следната генерација на Дачиа Сандеро ќе се нуди и како електричен модел