за

Следната генерација на Дачиа Сандеро ќе се нуди и како електричен модел

Шефот на Дачиа најави дека следната генерација на Дачиа Сандеро ќе биде достапна и во електрична изведба.

Градскиот автомобил Сандеро беше најпродаван модел на Дачиа во 2023 година. Романската марка почна со продажба на моделот во 2020 година.

Актуелната Сандеро, вториот најпродаван модел во Европа, по Тесла Модел Ипсилон, не се нуди во електрична изведба. Тоа ќе се промени во 2027 или 2028 година.

Следната генерација на Дачиа Сандеро ќе биде достапна и во целосно електрична изведба, кога ќе почне со продажба во 2027 или 2028 година, најави извршниот директор Денис Ле Во.

Сандеро е најпроадван модел на Дачиа, основната марка во групацијата Рено. Со продадени 235.839 примероци во 2023 година, автомобилот од градската класа беше втор најпродаван модел во Европа, според податоците од Датафорс. Подобро се продаваше само Тесла Модел Ипсилон. Тековниот модел се продава од 2020 година.

Дачиа ја следи традицијата, во своите модели да користи малку постара технологија, поради што Сандеро не се нуди во електрифицирана изведба. Тоа ќе се смени кога ќе почне да се продава следната генерација, изјави извршниот директор Денис Ле Во, за време на салонот што се одржува во Женева.

„Следната генерација на Сандеро ќе има мотор со внатрешно согорување, но исто така ќе има електрична изведба,“ кажа шефот. „Таа ќе биде родена во 2027 или 2028 година и ќе вози до 2035“, кога ЕУ планира да ја запре продажбата на автомобили со мотор со внатрешно согорување.

По Сандеро, Дачиа ќе мора да се соочи со прашања околу следната генерација на СУВ-моделот Дастер, што се очекува околу 2032 година. Новиот Дастер што напролет ќе почне да се продава на европскиот пазар е целосно нов модел, достапен и со хибриден погон. Основата доаѓа од модерната платформа ЦМФ-Б на Рено и Нисан, каква што користи и Сандеро.

„Сандеро од следната генерација ќе биде огромен автомобил,“ кажа Ле Во, додавајќи дека комбилимузината ќе ги користи придобивките од развојот на малечки електрични автомобили во групацијата Рено. Тоа се однесува на Рено 5, што имаше светска премиера на салонот во Женева, како и на идниот Рено 4, што ќе биде конструиран како малечок СУВ.

Ле Во кажа дека марката уште размислува дали да остане во сегментот на мини автомобилите, откако ќе заврши производствениот век на електричната Дачиа Спринг. Групацијата Рено ја развива следната генерација на Твинго како електричен модел што ќе чини под 20.000 евра и ќе се произведува во Европа. Можно е Дачиа да искористи од тој проект.

„Прашањето не е дали да биде модел од А или Б сегментот, туку околу тоа на пазарот да се понуди достапна електромобилност,“ објаснува Ле Во.

Огранокот за електрични возила на Рено, што се води како Ампер, има развиено платформа АмпР Смол за Рено 4 и Рено 5. Следниот Твинго ќе користи модифицирана изведба од таа платформа.

Произведувана во Кина, Дачиа Спринг – што Ле Во ја нарекува „блокбастер“ автомобилот на Дачиа – доби освежување во новата моделска година, со сменета внатрешност, тркала од 15 инчи и заштитни додатоци за каросеријата. Таа ќе почне да се продава и во ОК. Овие промени ќе помогнат Спринг да надомести за губењето на субвенциите во Франција, својот најголем пазар, како и за новите конкуренти од Ситроен, па и Рено 5, кои чинат околу 25.000 евра.

Цената за Спринг во Европа во просек се движи околу 20.000 евра, кажа Ле Во, а таа е дури и пониска на некои пазари. „Доаѓа конкуренција; го очекувавме тоа, тоа е нормално,“ вели шефот. „Тоа што се воочува е дека постои пазар за електрични автомобили со достапна цена и тоа го умееме подобро од кој било.“

Слично како кај Спринг, новиот Дастер исто така се соочува со нови соперници во својот СУВ-сегмент, вклучувајќи го МГ ЗС од Кина, којшто во Шпанија се продава за помалку од 15.000 евра.

Дастер ќе стартува незначително под 20.000 евра, но Ле Во напомена дека тој и натаму ќе биде СУВ што навистина е способен да вози по терен, со верзија со погон на сите тркала и со големи агли на пристап и излез.

„Тој се користи во сите шумарски служби во Европа, како и во голем број полициски служби. Тие купуваат нешто што е цврсто и издржливо,“ кажува шефот.

Друга предност на Дастер е тоа што се нуди во изведба Е-Тек со хибриден погон со 140 КС, што според Ле Во се одликува со висока штедливост.

Сериската верзија на концептот на компактен СУВ, Бигстер, се очекува да донесе зголемување на маржата на Дачиа, кога ќе почне со продажба во 2025 година

Dacia Bigster

На Дастер во 2025 година ќе му се придружи Бигстер, компактен СУВ што е конструиран врз продолжена изведба на платформата ЦМФ-Б. Бигстер повеќе е „крстосувачко“ возило, отколку што е Дастер, објаснува Ле Во.

Над Бигстер, плановите на Дачиа предвидуваат уште два модели врз истата платформа, но Ле Во не открива детали.

Со Бигстер, Дачиа ќе има два модели во компакт сегментот, покрај кросоверот Џогер. Шефот кажа дека е можно останатите марки да ги повлечат моделите со мотор со внатрешно согорување од тој сегмент, што би оставило простор за повеќе каросериски варијанти од Дачиа.

Светската продажба на Дачиа во 2023 година достигна 650.000 возила, од кои повеќе од 550.000 возила се продадени во Европа, каде што марката имаше рекорден пазарен удел од 4,3 проценти.

Марката е во постапка на селење на производството на Сандеро и Џогер во Мароко. Двата модели се слични сé до средните столбови. Во главната фабрика на Дачиа во Питешт, Романија, ќе се произведуваат Дастер и Бигстер, коишто исто така се слични.

Тој распоред „би требало да е во ред за следните 12 месеци,“ кажува Ле Во, „но, во иднина веројатно ќе мораме да ја прошириме нашата производствена база.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тојота во Германија: Новата Ц-ХР за три месеци доби 3.000 нарачки

Мерцедес-АМГ ГТ прави секој ден да биде 24 часа Леман