за

Фиат ќе го зголеми производството на Панда за една петина

Италијанската марка на Стелантис потврди дека најпродаваниот малечок автомобил во Европа, Фиат Панда, ќе се произведува најмалку до 2027 година.

Фиат потрди дека производството на Панда во фабриката на концернот Стелантис во Помиљано д'Арко, Италија, ќе продолжи „најрано до 2027 година, а веројатно и подолго.“

Фиат годинава ќе ја зголеми продукцијата на Панда за 20 проценти, со цел да се покрие високата побарувачка за моделот, како во Италија, така и ширум Европа.

Тоа значи дека продукцијата на Фиат Панда во 2024 година ќе се зголеми на 175.000 примероци, наспроти 144.000 примероци лани.

Извршниот директор на Фиат, Оливие Франсоа, ја соопшти веста во четвртокот од фабриката на италијанската марка во Неапол, каде што се произведува најпродаваниот малечок автомобил во Европа.

„Во минатото тука честопати произведувавме по 180.000 возила годишно, и сметам дека таа бројка е мошне веродостојна“, додаде Франсоа.

Директорот воедно потврди дека производството на Панда во фабриката ќе продолжи „најмалку до 2027 година, а веројатно и подолго.“

Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, предупреди лани дека производството на Панда може да биде загрозено, доколку Европа ја воведе построгата верзија на нормата за емисија на штетни материи Еуро 7.

Откако Комисијата на ЕУ сепак најави дека ќе ја одобри поблагата верзија на нормата Еуро 7, Фиат нема да биде присилен да го менува моторот и издувниот систем на Панда, со што ќе се продолжи векот на производство на малечкиот автомобил.

Од стартот на првата генерација на Панда во 1980 година, Фиат произведе повеќе од 8 милиони примероци од моделот. Таа во минатата година ја престигна сестринската Фиат 500, со 125.834 примероци, наспроти 104.590 примероци. Заслугата за тоа најмногу е во самиот италијански пазар, каде што се продадени повеќе од 80 проценти од продукцијата на моделот лани. Панда е најпродаван модел во Италија во 2023 година.

Фиат во текот на летото ќе направи освежување на Панда, за да ја донесе во согласност со новите барања за безбедност на ЕУ, коишто стапуваат на сила на 7-ми јули. Италијанскиот малечок автомобил во стандардната опременост ќе добие систем за сопирање при опасност, со цел да се спречи судир одзади. Панда ќе добие и систем за задржување во лента, препознавање замор на возач, камера за знаци, како и паркинг сензори назар. Меѓу останатите ставки што ќе бидат вклучени во опремата се темпомат и автоматско долго светло, иако тие ќе бидат достапни како дополнителна опрема.

Во понудата од модели на Фиат годинава ќе биде додадена попрестижна изведба на Панда, под името Пандина.

Овие опции ќе бидат стандард кај новата верзија на градскиот автомобил што ќе ја носи ознаката Пандина

За Пандина дополнително да се разликува од стандардната Панда, престижната изведба ќе добие бела табла со инструменти, седишта со име Пандина на нив, жолти ретровизори и лик на панда на тркалата.

Меѓу останатите внатрешни промени, и Панда и Пандина ќе располагаат со нова дигитална инструмент табла од 7 инчи, средишен дисплеј од 7 инчи со врска со мобилен телефон.

Производството на освежената варијанта на Панда и на Пандина ќе започне во јуни. Цените уште не се објавени.

Франсоа очекува дека унапредувањето на технологијата ќе придонесе за Панда повеќе да се продава надвор од Италија.

„Нема голем број конкуренти во Европа во овој сегмент, има само неколку од Азија“, кажува шефот. „Тоа ќе биде кинеска територија, а Панда ќе може да ја одбрани нашата позиција.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шкода го продолжи спонзорството на Тур д’Франс до 2028 година

Тојота во Германија: Новата Ц-ХР за три месеци доби 3.000 нарачки