Кросоверите беа паднати речиси во заборав, кога Toyota со првата генерација на C-HR реши да ги менува нештата. Од Peugeot 408 до Renault Megane Conquest, денес сите сакаат повторно да имаат кросовер во својата понуда. Новиот C-HR привлекува со изгледот, а секако и со техниката. Првпат е достапна изведба со приклучен хибриден погон.
Првата Toyota C-HR беше пресвртница и за марката Toyota и за европскиот сегмент на СУВ-возила во компакт класата. Сега стартува втората генерација, со авангарден изглед, напредни техниологии и бројни зафати во електрификацијата на погонот. Новиот модел е посилен, постигнува уште поголема возна динамика, како и примерен досег за возење чисто на струја, во изведбата со приклучен хибриден погон.
Новиот модел е развиен во Европа, имајќи ги во предвид барањата и вкусовите на европските купувачи. Овдешните корени на моделот се разгрануваат дополнително со тоа што и високонапонските батерии се изработуваат исклучиво во Европа.
Првата Toyota C-HR донесе радикално освежување во сегментот на СУВ- и кросовер возила, со дизајнот со остри линии, којшто потсеќа на спортско купе. Сцената одговори со изненадувачка одушевеност, дури и менаџерите не очекуваа да се подигне толку „врева“ околу новакот.
Според Toyota, повеќе од половината од клиентите се решиле за купување поради изгледот. C-HR прерасна во најуспешна нова моделска серија на Toyota, во „модел за освојување на пазарот“ како што е посочено во денешното соопштение од европското седиште на компанијата.
C-HR го смени начинот на којшто возачките и возачите во Европа ја гледаат марката Toyota

На стратезите на марката им беше посебно важно да се додаде токму модел како C-HR во понудата, за емоциите да се внесат меѓу квалитетите на марката Toyota, покрај издржливоста, практичноста, штедливоста и уште бројни чинители на нејзиниот имиџ.
Новата генерација продолжува во таа насока, со дизајнот што повеќе потсеќа на концептен автомобил за големите салони на автомобили, отколку на големосериски модел. Вредностите на моделот ги надополнува ново дигитално искуство во кокпитот, нови форми на електрификација, но и уште потемпераментни возни својства. Со тоа се обезбедува основа за да продолжи освојувањето на овој специфичен дел од пазарот, на којшто марката последен пат беше толку силно застапена со легендарната Celica.
Видео: Премиера на Toyota C-HR
Дизајнот на новата моделска генерација се раководи според C-HR Prologue, којшто беше прикажан кон завршетокот на минатата година. Со впечатливата појава, новиот C-HR изгледа како концептен аавтомобил да е пуштен да вози по улица.
Со линиите во стил на купе, првата Toyota C-HR го смени од корен традиционалниот начин на којшто се „црта“ формата на СУВ-возилата. Овие линии се уште повеќе нагласени кај новиот модел. Toyota зборува за профил на „супер-купе“.
Првпат во Toyota се користат рачки што се впуштени во каросеријата
Предниот дел го прикажува новото СУВ-лице на Toyota, во коешто се препознаваат црти од целосно електричниот bZ4X и од новиот Prius. Кога се гледа отстрана, се создава „впечаток како возилото во секое време да ќе полета нанапред“, кажуваат дизајнерите.

Куси каросериски превиси и тркала со големина до 20 инчи ја нагласуваат динамичната и моќна појава на C-HR. Нова двобојна комбинација го продолжува црниот контрастен покрив сé до задниот браник. Целта на дизајнерите беше да се создаде беспрекорна целина со остри линии, без нарушување од камери, радарски сензори или прскалки за светлата.
Дизајнерите работеа во чекор со тимот за аеродинамиката, за изгледот да мами погледи, но и да се нагласи аеродинамичноста на возилото. Главните зафати во таа насока се во профилот на предниот браник и во формата на кровниот спојлер.
[the_ad id=”73735″]
Првата Toyota C-HR внесе промени и со посебното чувство при допир на површините во кабината. Новиот модел прави уште еден чекор во таа насока и го засилува впечатокот за квалитет, како на око, така и на допир. Арматурната табла има нагласена хоризонтална ориентација и заедно со шемата на „крило“ им посредува чувство на комфор на патниците.
Посебно корисничко искуство
Toyota C-HR воведува ново корисничко доживување со вмрежувањето на автомобилот со телефонот на корисниците и овозможува функциите да се користат преку апликација, преку дисплејот на допир или преку говорна команда.

Кога возачка или возач се приближува кон возилото, светлата почнуваат со поздравна шема. Соодветно за корисникот се местат седиштето, содржината на дигиталните инструменти, проекцискиот дисплеј и дисплејот на инфо-забавниот систем.
Стандард во новата Toyota C-HR се дигитални инструменти од 12,3 инчи, со остра графика и лесно читлива содржина. Може да се избираат три разлчични начини на прикажување во дисплејот, коишто се менуваат преку копчињата на воланот.
Видео: Хибридните изведби на Toyota C-HR
За амбиенталното осветлување може да се избира меѓу 64 бои, со тоа што површините што се осветлуваат и тонот на бојата се менува кон потопла или постудена нијанса, зависно од времето во денот и од температурата. Постои посебна програма со 24 бои што се менуваат автоматски преку денот. При наидување на опасни ситуации во возењето, соодветно и амбиенталното осветлување преоѓа на црвена боја, заради предупредување на возачот. C-HR е прва Toyota со таква функција.
Мултимедискиот систем Toyota Smart Connect, зависно од нивото, доаѓа со дисплеј од осум или 12,3 инчи и со интелигентна говорна асистентка. Навигација што користи податочен облак исто така е стандард.
Меѓу ретките во класата, C-HR нуди автоматско паркирање. Се работи и на апликација што ќе се користи за далечинско управување со возилото при паркирање во тесен простор.
Меѓу системите за асистенција е новина т.н. спречување на забрзување, односно заштита што спречува автомобилот да забрза нагло, кога ќе се притисне силно врз гасот, а директно напред има возило. Друг систем е проактивниот асистент за возење што меко го забавува возилото откако возачот ќе ја отпушти педалата за гас, кога напред има побавно возило или свијок. Во истиот правец продолжува и асистент за управување, што утврдува колку е остар свијокот напред и соодветно ја приспособува силата на сервоподдршката

Toyota вградува и нов вид на панорамски покрив во C-HR. Тој располага со слој што го намалува продорот на инфрацрвени зраци и со тоа го намалува и загревањето на кабината под сончевите зраци. Бидејќи нема потреба од дополнителна заштитна завеса, со стаклениот покрив всушност се добиваат 3 сантиметри повеќе простор над главата во споредба со верзијата со обичен покрив. Се заштедуваат и пет килограми тежина.
Четири погонски изведби, сите се електрифицирани
Toyota го нуди C-HR во четири погонски изведби. Понудата опфаќа хибрид со 1,8 и 2,0-литарски мотор, како и приклучен хибрид со дволитарски бензинец. Класичниот дволитарски хибрид може да се нарача и во изведба со интелигентен погон на сите тркала AWD-i.

Секако дека станува збор за хибриди од петтата генерација, коишто ја имаа својата премиера во Toyota Corolla Cross. Верзијата со 1,8-литарец постигнува системски 140 КС и тоа е истиот погон што се користи и во семејството на Corolla. Новиот хибрид е покомпактен, полесен, а во исто време постигнува и подинамични перформанси. Дволитарскиот хибрид доаѓа до 198 КС, што е веќе нова димензија на хибридниот погон во компактната класа на Toyota.
Видео: Приклучна хибридна изведба на Toyota C-HR
Приклучниот хибрид располага со системски 223 КС и нуди можност со батерија наполнета на полнач да се минат повеќе од 50 километри во чисто електричен режим. Може да се користи и принципот на „One Pedal“ и да се избира меѓу три степени на „моторно сопирање“.
Посебна функција на приклучниот хибрид е т.н. Geofencing, односно автоматско префрлување во електричен режим, кога ќе се пристапи во градски подрачја во коишто се дозволува влез само за електрични возила.

Кај верзијата со погон на сите тркала се вградува дополнителен електромотор на задната оска. Тоа е систем што досега е докажан од RAV4 до Yaris Cross.
Две специјални серии за стартот на новиот C-HR
За почетокот на продажбата, Toyota ќе понуди две изведби Premiere Edition, со највисоко ниво на опрема и со стилски детали. Едната изведба е GR SPORT Premiere Edition, со спортски нагласок, вклучувајќи и груб растер на предната маска, тркала од 20 инчи и спортски седишта. Стандардна боја на специјалниот модел е космички-сребрена во црн покрив.
Втората изведба е Lounge Premiere Edition, со двобојна каросерија во комбинацоија со сулфур-жолта боја, но може да се нарачаат и други бои. Седиштата се обложени со веганска кожа со жолти штепови. Панорамски покрив и аудио систем JBL се вклучени во богатата опременост на оваа ексклузивна изведба.
















