за

Тест · Тојота Ц-ХР 2.0 Хибрид АВД-и ГР Спорт

На секој може да му успее еднаш. Предизвикот е нешто посебно да се направи вторпат. Бројни филмови, музички хитови, не доживеале втор дел. На Тојота ѝ успеа да направи уште еден Ц-ХР.

Од моделот чијашто ознака доаѓа од „купе хај рајдер“, односно купе качено повисоко од земја, почнаа сите промени што Тојота ја донесоа на местото што марката го ужива денес. Ц-ХР воведе емоции во изгледот и во возењето Тојота. Сé друго, марката веќе одамна го имаше вградено во својот имиџ. Поради Ц-ХР, бројни конкуренти денес нудат фастбек, купе-СУВ. Дали еден таков модел ќе може да го постигне истото вторпат?

Вонзејманинот И-Ти, Седум, Почеток или Инсепшн, па дури и Кој го намести зајакот Роџер, сé тоа се големи филмови што не доживеале продолжение. Потоа, Т-Пау со Срце и Душа, Шинед о’Конор, Боби Мек Ферин со непреводливата „донт вори би хепи“, тоа се само неколку од безбројните светски ѕвезди со само една хит песна.

Тојота Ц-ХР за автомобилската сцена е значајна исто колку што е гимбалот за филмската индустрија или „Видео килд д радио стар“ за музичките тв-канали. Секако дека првото прашање пред тестот на Тојота Ц-ХР во Аутомедиа беше: Дали втората генерација на моделот ќе биде исто толку моќна, како нејзината претходничка?

За присетување, првата Ц-ХР во почетокот на 2010-те требаше да се продава под марката Сајон на северноамериканскиот пазар, меѓутоа Тојота тогаш ја згасна младешката и динамична марка за преку океанот, па го пренасочи моделот кон Европа. Во 2014 година, Ц-ХР Концепт имаше премиера во Париз, две години подоцна следеше серискиот модел. И тоа каков старт!

Купе Хај Рајдер не само што изгледаше различно од шемата на Тојота, туку и возеше различно. Таа меѓу првите модели ја доби новата платформа на Тојота, ТНГА, што стои за Тојота Нова Глобална Архитектура. Прв беше Приус во 2015 година, кусо потоа следеше Ц-ХР. Со новата архитектура, моделите на Тојота добија динамичен изглед, но и механика, односно инженеринг што се надополнуваше на таквиот изглед.

Акио Тојода, до скоро шеф на најголемиот производител на автомобили во светот, кој во средината на својата седма деценија уште е активен во мотоспортот, како Моризо, тогаш имаше идеја Тојота да ја направи брза и згодна марка. Ништо полесно од тоа. Јапонците веќе имаа имиџ на квалитет, трајност, издржливост, практичност, штедливост, противвредност, задржување на вредноста. Многу полесно е таква марка да се направи брза и згодна, отколку марка што само е брза и згодна, да се направи да биде издржлива, трајна, штедлива, практична, вредна за автомобилот да се задржи на подолго.

Ц-ХР повлече таква бурна реакција што секој следен нов модел на Тојота предизвикуваше уште посилно одушевување

Потоа следеа такви бурни промени, што сцената безмалку ја заборави Ц-ХР, моделот од којшто почна сé. Во Аутомедиа тогаш се возеше големиот круг од преку 700 километри низ цела Македонија, со хибридната и лимузинска Корола, следеше качувањето со РАВ4 на Стрезимир, Попова Шапка, Пелистер, потоа со Јарис Хибрид се возеше по велешките улички, во градот на поетите и револуционерите. Не останаа „поштедени“ и Хајлендер, Камри, Јарис Крос, Корола Крос, а маратон извозе и електричен би-зи-фор-крос. Сите се модели што се повикуваат на архитектурата ТНГА, односно тоа се брзи и згодни Тојоти.

Купувачите не ја заборавија Ц-ХР. До смената на генерациите, од првиот модел се продадоа повеќе од 840.000 примероци. Секако дека тоа е огромен успех. Кросоверот можеше само да добие нови светла и поголем дисплеј, и Тојота да се провлече на успехот на претходничката. Меѓутоа, голем е влогот, Ц-ХР се покажа големо име. Место тоа, Јапонциве сменија сé. Остана само формата на каросеријата.

Прозорецот во задните врати намерно е направен помал и двобојното лакирање на каросеријата – достапно од нивото „Класи“ нагоре – дополнително ја скусува задната врата, за на тој начин да се нагласи формата на купе, да се сокрие присуството на вториот пар врати. Претходничката имаше рачки сокриени во прозорската рамка на задните врати, новата има рачки вовлечени во каросеријата. Тоа првично изгледаше како повод за паника, но се покажа дека Тојота сепак не ги менува нештата, без да обезбеди нештата да бидат исто толку практични како порано.

Како се однесува хибридниот погон при градско возење

Најголемото задоволство сепак следи откако ќе се отворат вратите. Однатре доаѓа потребната свежина, во формите, материјалите, боите, во многу нешта. Ц-ХР оддава впечаток за квалитет, го има неизбежниуот ап-ту-дејт во содржината на дигиталните инструменти и во графиката на средишниот дисплеј. Седењето е пријатно и поради тоа што на средишната конзола меѓу седиштата, невпечатливо, а пак делотворно, одземена ѝ е масивноста што денес веќе почнува да пречи кај други автомобили. Така се ослободува простор, се добива и практичност.

Гребенот во средишната конзола на којшто се оставени главните прекинувачи, можеби изгледа премногу средено и по малку ретро, но токму тоа е подрачјето во коешто е избрано Ц-ХР да убедува во квалитетот на изработката.

Сé има дополнителна смисла. Амбиенталното осветлување, во верзијата од нивото Класи па нагоре, не само што внесува избор од 64 бои, туку и може да се менува зависно од времето во денот, зависно од тоа дали е пуштено греење, дали е пуштена спортска програма. Истото важи и за покривот. Во стаклото се вградени филтри, материјали, технологија, што спречува прегревање лете и мрзнење зиме, и нема потреба од заштитен панел. Со тоа се добиваат три сантиметри повеќе простор за глава, и се губат пет килограми непотребна тежина во најчувствителното подрачје, високо, во покривот.

Тојота Ц-ХР на инстаграм профилот на Аутомедиа.мк

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Првиот впечаток во возењето е делотворната амортизација, што прави сите познати дупки одеднаш да почнат да се чинат поправени. Тоа е посебен талент на ГР Спорт нивото на тестираниот автомобил – стандардно со тркала од 19 инчи. Тоа е прв модел на Тојота со амортизери што работат зависно од фреквенцијата што допира до нив од нерамнините. Тоа значи, помека реакција на погруби нерамнини, потврда реакција при повисока брзина и при помали нерамнини.

Заедно со повишеното ниво на комфор, доаѓаат и подинамични возни својства. Тоа се две различни подрачја што обично не се подржуваат едно со друго, меѓутоа во Ц-ХР тоа успева. Чувството во воланот и хармоничната работа во амортизацијата создаваат впечаток како да се работи за градски модел, за Јарис во некоја спортска варијанта. Кој сака да вози подинамично, Ц-ХР и тоа го сервира во своето мени.

Во погонот има бројни зафати. Главната разлика во споредба со претходничката е што Ц-ХР сега вози исклучиво како хибрид, и тоа како хибрид од петта генерација. Тојота не навлегува во детални описи, какви сé промени се извршени, меѓутоа суштината е во тоа што погонот е полесен и покомпактен, посилен и подинамичен, и целосно може да се заборави на завивањето што беше својствено за раните генерации на хибридниот погон, при секое посилно забрзување. Тоа што беше потврдено на тестот на Корола Крос, како прв модел со 5-то колено на хибриден погон, уште повеќе е унапредено во новиот Ц-ХР.

Првпат во гамата на Ц-ХР е присутна и изведба со приклучен хибриден погон, со 223 КС и околу 60 километри на струја, што ќе стартува со испорака напролет

За време на тестот, кросоверот пријавуваше потрошувачка во распон меѓу 5,5 и шест литри. Тоа е за околу еден литар повеќе отколку што може да се очекува за хибридна Тојота од компакт класа, меѓутоа ова е „необична“ хибридна Тојота. Првата разлика во споредба со изведбата со шампионска штедливост, е во тоа што во ГР Спорт работи дволитарски место 1,8 литарски бензинец, со 152 место со 98 КС. Тука има и втор електромотор, со моќност од 30 кВ и вртежен момент од 84 њутнметри, покрај предниот електромотор, со 83 кВ и 206 њутнметри. Така се постигнува интелигентен погон на сите тркала, односно АВД-и.

Кога електрониката ќе препознае потреба да се впрегне и задниот електромотор, било да станува збор за проблематична подлога, било да се работи за сценарио кога возачот ќе се стави во спортски режим, Тојота Ц-ХР, со сите свои таленти – 2.0 Хибрид АВД-и ГР Спорт – може да постигне системска моќност од 197 КС, и погон на сите тркала. Покрај сите овие ангажирани технологии, потрошувачката од шест литри е подарок.

Едно романтично место по патот на тестот на Тојота Ц-ХР

Затоа и стартот на Ц-ХР е високо. Нормално е дека кросоверот, како стилско парче автомобил, по дифолт чини повеќе од класична комбилимузина од компакт класа – од лимузина исто така. Купе Хај Рајдер не може да стартува од 22.000 евра, колку што чини лимузинската и пристојна семејна Корола, ниту од 26.790 евра, колку што е стартот за Јарис К. Затоа, кога ќе се земе предвид дека Ц-ХР е петнаесетина проценти над Корола со пет врати, целиот овој ексклузивен статус на кросоверот чини разумна доплата наспроти стандардните модели.

Зошто Тојота може да си дозволи толкава дизајнерска, па и ценовна слобода со Ц-ХР?

Тојота не мора да калкулира со својот стилски кросовер во компакт класата, во вториот најпродаван сегмент на европскиот пазар. Јапонците ја имаат Корола во сите варијанти, силна потпрепа оздола дава бестселерот Јарис Крос, а имиџот го заокружува РАВ4, како татко на целото СУВ-движење. За купувачите што ги бараат традиционалните квалитети на марката и не им е потребен стилот на кросоверот, тука е и Корола Крос. Затоа, Тојота може да го понуди Ц-ХР чисто како стилски автомобил што не мора да зафаќа во други сегменти и да покрива за евентуален неуспех или слаб успех на некој друг модел во гамата.

Тоа им дава слобода на менаџерите, за Купе Хај Рајдер во пресудната втора генерација да го надгради и дополнително да го нагласи сето тоа што го разликуваше првиот Ц-ХР, кога се појави во 2016 година. Тоа, пак, прави вториот Ц-ХР да биде уште повеќе Ц-ХР од првиот, и пак да биде оригинален. Второто продолжение на Купе Хај Рајдер успеа.

Тестираната Тојота Ц-ХР 2.0 Хибрид 2.0 АВД-и ГР Спорт во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Toyota C-HR 2.0 Hybrid AWD-i GR Sport

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рено и Стелантис во трка да направат поевтини електрични автомобили

Стелантис сака да произведува кинески ЕВ во Италија