за

Стелантис сака да произведува кинески ЕВ во Италија

Во историската фабрика на Фиат во Мирафиори може годишно да се произведуваат до 150.000 електрични возила од кинеската марка Липмотор.

Концернот на Фиат и Пежо има намера електричните возила на својот кинески партнер Липмотор да ги произведува во Италија.

Автомобилите на кинескиот партнер Липмотор, што ќе се произведуваат во фабриката на Фиат во Мирафиори, во Торино, понатаму ќе се продаваат преку сопствената дилерска мрежа на Стелантис.

Производството би можело да отпочне уште во 2026 или 2027 година, кажуваат извори што се упатени во преговорите.

Стелантис во октомври постигна договор за преземање 21 проценти од акциите на Липмотор во вредност од 1,5 милијарда долари. Потоа следеше и формирање заедничка компанија Липмотор Интернационал, што е со седиште во Холандија и под контрола е на Стелантис.

Италијанските медиуми во петокот го цитираа извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, кој кажа дека е можно автомобилскиот концерн да ги произведува автомобилите на Липмотор во Италија, доколку се постигне добра деловна зделка.

„Доколку имаме можност, бидејќи постои економска смисла за автомобилите на Липмотор да се произведуваат во Италија, секако дека ќе го направиме тоа,“ кажа Тавареш.

Тој напомена дека е голема предност тоа што Стелантис може да ги донесе автомобилите на Липмотор на европскиот пазар, и тоа преку компанија што е под контрола на Стелантис, односно преку Лимпотор Интернационал. „Сé зависи од тоа колку ќе бидеме конкурентни со трошоците и со квалитетот,“ додаде Тавареш.

Извор што непосредно е вклучен во плановите на Стелантис кажа дека неговата компанија добила известување дека производителот на автомобили размислува во фабриката во Мирафиори да произведува 150.000 возила годишно. Тоа ќе бидат батериски електрични автомобили со напредна технологија.

Втор извор кажува дека Стелантис бара начини за профитабилно да ги произведува електричните автомобили на Липмотор за европскиот пазар, во фабриката во Торино.

Фабриката во Мирафиори е меѓу најстарите автомобилски фабрики во Европа и своевемено една од најголемите, во којашто се произведуваа иконските италијански модели, како Фиат 600 и Фиат 500. Таму во моментов се произведуваат автомобили на Масерати во мал обем, а главнината од продукцијата отпаѓа на електричниот Фиат 500е, што постигнува одлична продажба во Европа.

Со вклучувањето на 150.000 возила од Липмотор во Мирафиори, Стелантис ќе биде во состојба да излезе во пресрет на барањата на италијанската влада, којашто настојува концернот да ја зголеми продукцијата во земјата. Рим бара до завршетокот на деценијата да се постигне продукција од најмалку еден милион возила годишно, наспроти 750.000 возила лани.

Производството на Масерати Леванте во Мирафиори завршува во март годинава

Во октомври, директорката за динансии на Стелантис, Натали Најт, опиша дека Липмотор е „15-та марка“ на Стелантис, за време на видео средбата со аналитичарите, кога беше објавена и соработката меѓу двете компании.

Најт кажа дека Стелантис додал уште една марка што е наменета за купувачите „што се свесни за цената, но бараат и најдобра технологија во своите возила.“

Заедничката компанија цели до 2030 година да постигне продажба од 500.000 возила надвор од Кина, како што тоа се наведува во презентацијата за резултатите од третиот квартал на Стелантис, што беа објавени на 31-ви октомври.

Главните европски марки на Стелантис се Фиат, Пежо, Ситроен и Опел, додека марки од САД се Џип, Крајслер и Рам.

Производството на автомобилите на Липмотор во Мирафиори ќе ѝ помогне на кинеската компанија да ги избегне можните казнени царини, што Европската Унија планира да ги воведе за увезените автомобили од Кина. Европската Комисија отпочна истрага за масивната помош што кинеската влада им ја дава на своите производители на електрични возила, стравувајќи од „поплава“ од евтини автомобили од Кина на европскиот пазар.

Се ослободува место во фабриката

Стелантис веќе има донесено две стратешки одлуки што може да создадат простор за можно производство на голем број модели од Липмотор во Мирафиори.

Кон завршетокот на март престанува производството на Масерати Леванте. Замената за големиот луксузен СУВ ќе се произведува во Касино, во централна Италија, почнувајќи во 2027 година.

Како најпродавано батериско електрично возило – БЕВ, во целиот концерн Стелантис, Фиат 500е во моментов е присутен на 44 пазари во светски рамки.

Продукцијата на електричниот Фиат 500е ќе престане кон завршетокот на 2026 година. Наследничката ќе биде префлена на платформа СТЛА Смол – се изговара Стела – а во меѓувреме се решава во која европска фабрика ќе се произведува моделот.

Постои голема можност дека за тоа ќе биде избрана фабриката во Помиљано д’Арко. Тоа е единствена фабрика на Стелантис во Италија што ќе биде наменета да произведува модели штоп се базираат врз платформата СТЛА Смол на концернот Стелантис. Со производството на наследничката на Фиат 500е во Помиљано, Стелантис ќе може да продолжи да го рекламира автомобилот како „мејд ин Итали“.

Липмотор веќе го продава своето електрично мини Т03 во Франција

Лани продукцијата на Фиат 500е и на Леванте во Мирафиори беше намалено за 9,3 проценти, на 95.000 возила. Продукцијата на чинквеченто уште се држи добро со 77.000 возила, меѓутоа застарениот Леванте падна под 9.000 примероци.

Производството на електричните возила на Липмотор во Мирафиори ќе биде голема предност на Стелантис, во време кога кинеските производители, од ковот на БИД, целат кон европсктие пазари со електрични модели што честопати нудат подобра батериска и софтверска технологија од традицииналните европски производители, па и по подобра цена од нив.

Липмотор е меѓу помалите глобални играчи на Кина на светскиот автомобилски пазар, но планира во следните две години да лансира пет модели наменети за светскиот пазар. Компанијата на салонот ИАА Мобилност во Минхен, лани во септември, го претстави електричниот СУВ-модел Ц10. Тоа е нивниот прв модел наменет за светските пазари. Липмотор веќе е присутен на францускиот пазар со минито Т03, што го продава локален увозник.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест · Тојота Ц-ХР 2.0 Хибрид АВД-и ГР Спорт

Пежо: Вештачка интелигенција разговара со патниците и дава информации