за

Toyota Aygo X: Големо колку е мало

Toyota во секое време мора да биде единствена во нешто. Така беше долго со хибридниот погон. Сега марката (речиси) единствена нуди СУВ во класата на Aygo. Значи, Aygo X. Старт на моделот во Македонија.

Тоа мора да се признае како вештина на Toyota, во автомобил во којшто навидум нема многу слобода за нешто да се изведе поинаку, сепак да се открие место за една малечка револуција. Toyota Aygo X не е само малечок автомобил со малечок мотор, туку е различен концепт на автомобил, што своите компактни димензии ги претвора во предност од бројни гледишта.

Прво мора овој автомобил да се погледне во живо. Уште на првите фабрички фотографии, Toyota Aygo X изгледаше симпатично и оригинално. Но, дури откако човек ќе се најде покрај ова свежо креирано автомобилче, Aygo X почнува да зрачи. Тоа е слично како што некогаш на познајничка или познајник им кажуваме дека зрачат. Без премногу драматика во описот, Aygo X е различен, поради тоа што изгледот не оддава впечаток дека се работи за модел од основата на понудата на Toyota.

Aygo уште во двете претходни генерации правеше отстапка од унифицираноста и здодевноста на малечките автомобили. Aygo X, што сега е моделско име, претходно беше ниво на опрема. „Иксот“ беше голема тема кај претходникот Aygo, главно поради тоа што линиите во носот на автомобилот се вкрстуваа како X. Затоа и се изведуваа нивоа на опрема x-style, x-press и разни други варијации. Впечатливиот стилот сепак не е толку новина кај Aygo. Сцената навикнала малечката Toyota да биде различна, или поверно, да гледа со симпатии.

Има многу историја и многу „Зошто и Затоа“ околу Aygo, за што ќе се навратиме подетално, откако во скоро време ќе го пречекаме Aygo X на тест во редакцијата. Со посебноста што ја ужива на сцената, новакот на Toyota многу потсеќа на времето на Lancia Y10 од 1980-те години. Автомобилот што се произведува во Чешка, во фабриката во Колин што стартуваше како заедничка инвестиција на Toyota и PSA Peugeot Citroen, настапува како автомобил за којшто никој не се прашува на која класа припаѓа.

Ана Трајковска, менаџерка за маркетинг во Тојота Авто Центар, традиционално го има првиот поздравен збор, кога пристига нов модел на Toyota во Македонија

New item by Automedia MK / Google Photos

Aygo X е малечок за да им се допадне на купувачките и купувачите што ќе го сакаат, затоа што е малечок, симпатичен и го носи најактуелниот печат на времето. Во неговата појава се чита порака: Вака денес изгледаат градските и необврзувачки автомобили, во коишто ви е сеедно дали некој ве престигнал на градскиот асфалт и во коишто човек нема намера да врти кругови додека му се ослободи место пред кафуле.

Подолг за петнаесетина сантиметри од Aygo, кросоверот чини најмалку 13.490 евра, но и „содржината“ на автомобилот одговара на цената. Безбедносните системи во состав на Toyota Safety Sense 2 се исто толку комплетни колку во Yaris или Corolla, вклучувајќи дури и приспособлив темпомат, систем за задржување во лента и камера за знаци, како и препознавање пешак или велосипедист на патот. Тркалата имаат 17 инчи уште во старт, иако се во челична изведба во нивото Joy, ретровизорите имаат грејачи, клима уред е стандард, исто и средишниот дисплеј од 7 инчи. Тојота Авто Центар во цената на Aygo X вклучува и каско осигурување, авто одговорност и помош на пат за период од 5 години. Фамозната гаранција од 10 години секако дека важи и за Aygo X.

Целосно стаклениот поклопец на багажникот остана заштитен знак и во Aygo X, што правилно според Toyota се изговара Aygo Cross

New item by Automedia MK / Google Photos

Врвната моделска изведба е Envy и навистина има што да се завидува во опременоста, па дури и во благородната нота на овој автомобил што е голем со тоа што е мал: Безстепен менувач CVT е стандард во Envy, заедно со тркала од лесен метал, пристап без клуч, сензор за дожд, осветлување на просторот околу возилото при отклучување, автоматика за клима уредот, грејачи во предните седишта, безжично полнење телефон и еко-кожа на седиштата. Тоа е врвот и чини 18.690 евра. Меѓу основното ниво Joy и топ-моделот Envy се нудат уште две нивоа на опрема.

Посебност во целиот концепт на Aygo X (се изговара Cross) се четирите псоебни бои во палетата, коишто се изведени по пример на главните зачини во светската кујна. Тоа се чили црвена, ѓумбир беж, кардамом зелена и смреча сина. Автомобилот што „го зачинува секојдневието“ се спомнува уште од првиот момент, кога Toyota најави дека ќе стартува со нова генерација на Aygo, со Aygo X.

Посебна препознатливост на секој модел, меѓу Aygo X и Yaris Cross, во заднина, нема црти што се повторуваат; Колку што се различни, толку и се препознаваат како модел на Toyota

New item by Automedia MK / Google Photos

Моторот е еден и сосем е вреден како таков. Трицилиндарецот уште од првата генерација е дел од имиџот на Aygo (и самото име содржи порака, I go, јас одам и сл.). Инженерите направија неколку нови зафати за да скусат уште некој грам СО2 од издувот и во исто време да ги подобрат перформансите. Со 72 КС и 93 Nm, за автомобил што тежи помалку од еден тон, може да се живее сосем комотно и на релации надвор од градовите.

Новиот модел имаше и пионерска улога во Тојота Авто Центар, уште пред првите возила да пристигнат во Македонија. Во рамките на европската кампања, што беше солидно присутна на веб, заинтересираните клиенти во Македонија, преку банерите на културен македонски јазик се водеа до вебсајтот за резервација на Aygo X. Овој модел и фактички го означи почетокот на онлајн-продажбата на автомобили кај нас. Бројот ќе изненади многумина. Девет примероци од Aygo X веќе се продадени во Македонија, буквално на невидено.

Toyota му додаде фактор X на новиот Aygo

Линк до страницата за моделот на Тојота Авто Центар

https://www.toyota.com.mk/model/aygo-x/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во студиото на Volvo во Лондон е исто како да се влегува во кафуле

Со електричните автомобили се прават за 19% подолги километражи