На салонот во Париз сите рефлектори светат исто. Полираните каросерии создаваат ист одблесок, за купувачите, критичарите и конкуренцијата да подзамижат. Ние ги ставивме очилата на реалноста и ги избравме нашите Топ 5 погодоци и утки на салонот
Големи ветувања, уште поголеми очекувања, марки што одбележуваат вековни и полувековни јубилеи, најави за иднината. Иако годинава е значајно смален бројот на изложувачи на автомобилскиот мондијал во Париз, значењето на салоните не е намалено. Сите марки и сите чинители на светската автомобилска сцена, сакаат преку своето присуство во халите покрај Сена да ја пренесат својата порака до светот. Ние си дозволуваме да провериме колку тие поираки се „искрени“.
Топ 5 Погодоци на салонот во Париз
Skoda Vision RS
Модел од Skoda кој ќе биде преблизу до Golf не смее да постои? Тоа важело некогаш порано. Наследникот на Rapid Spaceback се наѕира во овој автомобил, што на салонот се води како концепт. Со нормални светла, нормални бандажи и уште неколку детали во нормала, во Skoda Vision RS веќе се гледа серискиот модел. Динамичен, со убедлив стил, спортски, стегнато. Браво.
Peugeot e-Legend Concept
За овој автомобил се зборува најмногу на салонот, најмногу се фотографира и посетителите најчесто се навраќаат да го погледнат уште еднаш. Пораката сите ја разбраа. Peugeot, го очекуваме купето од 508, во традиција на 504. На Peugeot 406, исто така.
Renault, визии и историски наврати
Традиција од 120 години не се купува, туку се создава и се негува. Со три визионерски автомобили, преку коишто Французите верно го прикажуваат тоа што ни претстои во иднината.
Седма генерација на BMW од серијата 3
Овој автомобил се појавува по седми пат во ново издание пред светот и секогаш му успева да го понуди најдоброто, нешто што ангажираните возачи можат реално да го посакуваат.
Mercedes B-Class
Затоа што македонскиот дизајнер Славче Таневски има удел во изгледот на новата генерација на ванот.
Топ 5 утки на салонот во Париз
Големи СУВ-модели од кинески марки
Веќе станува заморно на големите европски салони да се среќаваат големи СУВ-модели под логоа на кинески марки. Купувачите ги обожуваат СУВ-автомобилите и заради имиџот. Тука спаѓа и марката. Пониска цена и побогата опрема, за поубедлива противвредност, „не пали“.
Виетнамската марка излезе дека е ѕвезда во Париз?
Vinfast е уште една ветена приказна? Супермоќен инвеститор во земја што нема искуство во производството на автомобили плаќа баснословни суми за мисијата на група „врвни“ автомобилски експерти, коишто марката ќе ја издигнат во светска марка. Се плаќаат скапи настапи на салони, титули на „најдобар светски автомобил на годината“, за потоа да следи масовно рекламирање, создавање скапа дилерска и сервисна мрежа … купувачите и натаму ќе ја игнорираат марката, од централата ќе следи уште една, двојно поголема доза на финансиска инјекција … Веќе видено. И култниот DeLorean беше таква приказна.
Toyota Corolla Hybrid, Toyota Corolla TS Hybrid, Toyota Camry Hybrid, RAV4 Hybrid…
Хибрид, хибрид, хибрид, хибрид … што е ново? Името Toyota обврзува секогаш да се понуди нешто ново.
DS 3 Crossback
Peugeot има таков модел во понудата, Opel има таков модел во понудата, зошто и премиум марката DS, којашто се повикува на иноваторското гение на Андре Ситроан и на култот на „ајкулата“, да нема таков модел во понудата?
Hyundai i30 Fastback N
Варијантата Fastback очигледно е замислена да ѝ парира на Skoda Octavia. Тоа е многу амбициозно. А сега, спортската верзија N треба да се спротивстави на имиџот на Skoda Octavia RS?


























