за

Ауто Билд знае кој шампон е најдобар за перење автомобил

Германскиот магазин Ауто Билд ја провери делотворноста на девет шампони за автомобили. Секако дека има и вредни совети.

Шампонот за автомобил е основно средство при секое подетално перење автомобил. Иако законите се строги и заради заштита на животната средина не се дозволува автомобилот да се пере секаде, автошампоните и натаму се меѓу најпродаваните производи.

Секогаш има да се дознае нешто ново од нашите колеги од Германија, па дури и кога станува збор за перење автомобил. Авторите на Ауто Билд откриваат дека богатото запенување на автомобилот во автоматските перални повеќе е шоу, отколку што е корисно. За шоуто да биде поефектно, „сапунирањето“ на автомобилот обично е придружено со светлосни ефекти. Затоа, кој сака автомобилот вистински да го измие, не останува друго освен да се посегне по автошампон во продавниците за прибор.

За победничкиот од вкупно деветте производи на тест во Ауто Билд, за Sonax Glanz-Shampoo, колегите велат дека тој се меша одлично и освојува максимален број бодови во речиси сите категории. Единствено има забелешки за незначителните и одвај забележливи рабови на лакираното парче ламарина што се користело при тестирањето. Гланц-шампионот од познатата марка пропушти 100 бодови само поради мали пропусти на прелакиран лак, па затоа го заврши тестот со 98 бодови.

Sonax има минимална предност од два бода пред производите од Dr. Wack и Nigrin. Производот на Nigrin има одлична делотворност и поволна цена. Поради ниската цена и дозирањето од 60 милилитри на 10 литри вода, тој е победник во поглед на противвредноста, односно цена-квалитет. Недостаток е создавањето ситни влакна во водата по мешањето на шампионот, како и слабо видливите рабови на тестираното парче ламарина. Шампонот мириса на цреша.

Тестирањето донесе и бројни важни сознанија, коишто укажуваат дека и кај автошампоните постои разлика од производ до производ

Најважното својство е чистењето, за што се освојуваа максимално 50 бодови. Се тестирало со растворање на препорачаната количина во 10 литри вода и со рачно пенење преку 20 цедења и повторни натопувања на сунѓерот. Потоа следела десетминутна пауза, па оценување на преостанатата количина пена. Иако пената е всушност контрапрктуктивна за чистењето, важно е производот да пени, затоа што корисниците го очекуваат тоа.

Предмет на тестирањето биле бели автомобили, неиспрани два месеци. Натопен сунѓер со соодветното средство, прво се повлекувал по страната на возилото од горе надолу, па оздола нагоре, и пак од горе надолу, со среден притисок. Секој производ се тестирал на по една страна од возилата. По бришењето следело плакнење со вода.

По четири повторувања на тестот, било утврдено дека со ниту еден производ не остануваат видливи остатоци на парчето вата, со коешто било поминувано по уште влажна површина на каросеријата. Во тој поглед, сите производи се исти. Бидејќи станува збор за германски стандарди, тестирањето почнува дури сега. Во лабораторија се мерела pH-вредноста и се проверувало дали составот на шампонот влијае врз тест-лента од поликарбонат (48 часа на 80° C), врз пластика (маска, 20° C) и гума (заптивки на врата, 20° C).

Ауто Билд заклучува дека отстранувањето на нечистотијата не се должи на шампонот, туику на водата и на механичкото дејство на суѓероот. Големи разлики има во дозирањето, односно во цената на 10 литри добиен раствор за перење. За споредба, од шампонот на Kärcher се потребни 300 милилитри, додека од премиум производителот Swissvax е доволна една стотина од оваа количина, значи три милилитри. Тоа ја оправдува и цената од 45 евра за флаша од 250 литри. На крајот произлегува дека 10 литри раствор со шампонот од Kärcher чинат 4 евра. Тоа е најскапиот раствор од сите тестирани средства.

Разликите што решаваат за конечниот пласман се однесуваат на тоа колку одделните шампони влијаат врз материјалите и колку е практично средството. Најважното сознание: Многу пена не значи и дека автомобилот ќе се испере подобро. Напротив, експертите што ги советуваше Ауто Билд откриваат дека пената всушност го намалува дејството на чистење на водата. Објаснувањето е во тоа што тензидите, коишто се главни за чистењето, место да останат во водата, тие се пренесуваат во пената. Бидејќи се намалува присуството на тензиди во водата, чистењето е послабо. Тензидите ја собираат нечистотијата и ја пренесуваат во водата. Според тоа, помалку пена. Подобро чистење. Германскиот магазин вкилучи и неутрално средство за чистење за домаќинство, од марката Frosch. Тоа чини три евра во германските супермаркети, со што е поевтино од секој автошампон.

Резултати од тестот на автошампони на магазинот Ауто Билд

# Производи на тестот Цена Оцена
1 Sonax Glanz-Shampoo 6,49 EUR 1,1 (многу добро)
2 Dr. Wack A1 Speed Shampoo 9,90 EUR 1,2 (многу добро)
Nigrin Auto-Shampoo 4,79 EUR 1,2 (многу добро)
4 Alclear Auto-Shampoo 17,49 EUR 1,3 (многу добро)
Armor All Heavy Duty Car Wash 9,95 EUR 1,3 (многу добро)
Liqui Moly Auto-Wasch-Shampoo 7,89 EUR 1,3 (многу добро)
7 Meguiar’s Gold Glass Car Wash 24,20 EUR 1,4 (многу добро)
8 Kärcher Auto-Shampoo-Konzentrat 6,64 EUR 1,5 (добро)
9 Swissvax Car Bath 45,00 EUR 2,0 (добро)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електрична Scania минува цела држава со батерија од 624 kWh

Ferrari 296 GTB е најубав автомобил според жирито на Car Design Award