Илон Маск повикува браншата да се заштити од кинеските производители

Кинескиот БИД во последниот квартал од '23 ја презеде од Тесла титулата на најпродавана марка електрични автомобили во светот.

Илон Маск, извршен директор на Тесла, вели дека мора да се воведе заштита за кинеските производители да не ги „демолираат“ ривалите на светската сцена. Шефот со тоа го признава притисокот под којшто се наоѓа американскиот производител на електрични возила, од кинескиот производител БИД, во трката за освојување на светскиот пазар.

Маск се јави за коментар, откако БИД – коишто имаат поддршка од мултимилијардерот Ворен Бафет – со подостапни цени и со поширока понуда од модели ја престигна Тесла и стана најпродавана марка електрични возила во последниот квартал од 2023 година. За тоа да се избегне не помогнаа ниту масивните намалувања на цените на Тесла.

Кинеските автомобилски компании биле „најконкурентни“ и „тие може да постигнат значителен успех надвор од Европа, зависно од тоа какви царини или трговски бариери ќе се воведат,“ кажа Маск при претставувањето на деловните резултати пред аналитичарите во средата.

„Доколку не се воведат трговски бариери, тие ќе ги демолираат повеќето останати автомобилски компании во светот,“ кажа Маск. „Тие работат исклучително добро.“

Маск има причини за загриженост.

Тој лани ја отпочна ценовната војна, за да ги привлече купувачите погодени од зголемени трошоци од повишените камати. Од друга страна, тоа ја скуси заработката на Тесла и ги загрижи инвеститорите. Маск во средата предупреди дека Тесла го достигнала „природниот лимит на скусување на трошоците“ со својата постоечка понуда од модели.

Тесла планира да започне со производство на подостапен модел, што се развива под ознаката Редвуд. Станува збор за малечок кросовер, наменет за најширокиот пазар. Датумот на старт е средината на 2025 година, целта е Тесла со него да се спротивстави на ривалите што нудат модели по достапни цени. Маск во средата потврди дека моделот треба да почне да се произведува во фабриката во Тексас во втората половина од следната година.

Во 2011 година тоа уште му беше смешно на Маск, дека БИД е конкурент на Тесла

Кинеските производители на електрични возила, коишто можат да ги држат своите трошоци под контрола, благодарение на стабилниот ланец на добавувачи, напредуваат брзо. Како што расте конкуренцијата и се појавуваат неискористени капацитети во Кина, повеќето од нив работат на брзо проширување на своето присуство на странските пазари. Тоа се случува по периодот во којшто кинеските власти со години ја потпомагаа продажбата на електрични возила во земјата, со масивни субвенции и разни видови поддршка.

„Сеопфатноста и отпорноста на индустријата за производство на материјали за батерии во Кина, што државата со децении ја потпомагаше, е тврд орев да се загризе,“ вели Рос Грегори од австралиската консултантска компанија Њу Електрик Партнерс.

Кинескиот САИЦ, на пример, нарача нови бродови за транспорт на автомобили во својата флота, за да ги намали транспортните трошпоци и да ја зголеми продажбата на извозните пазари.

За изгледите за кинеските производители во САД зборува Спенсер Ајмел, од фирмата за следење на пазарот Ленстон, кој вели дека „тие се мошне малку познати во САД и нивната издржливост, трајноста и безбедноста се просечни, така што имаат пред себе уште долг пат за да освојат поголем пазарен удел.“

„Тие постигнуваат висока побарувачка во Кина со иновации, како што се кабинска технологија и замена на батерија,“ кажува Ајмел. „Верувам дека тоа ќе биде важна состојка и ќе прави разлика за нивниот иден раст на светскиот пазар.“

Коментарите на Маск се совпаѓаат со почетокот на претседателските избори во САД. Претседателот Бајден кажа дека Кина е решена да доминира со пазарот на електрични возила и дека „нема да дозволи тоа да се случи“.

Поранешниот претседател Доналд Трамп, кој годинава е носечки претседателски кандидат на Републиканците, наведе дека при негов избор ќе се заложи за воведување повисоки царини, за единствена царинска тарифа од 10 проценти за сите увози во САД и за поништување на статусот на Кина како земја со којашто се тргува најмногу.

Во меѓувреме и Европа зазеде заштитнички став кон кинеските производители на електрични возила. Европската Комисија лани отпочна истрага, којашто може да доведе до воведување казнена царина, за европските производители на ЕВ да се заштитат од кинескиот увоз, под сомнение дека кинеската влада финансиски им помага на домашните производители и на тој начин овозможува тамошните автомобили да бидат поевтини на извозните пазари.

Претходна објаваФолксваген воведува дополнителни работни смени во Волфсбург
Следна објаваЧетири Мерцедес-АМГ ГТ3 викендов се тркаат на 24 часа Дајтона

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here