за

Три сценарија за иднината на Тесла

За електро пионерот се предвидуваат три можни сценарија, од враќање на тронот, до целосно пропаѓање.

Дали ѝ се стемнува на Тесла: Тековната понуда од модели на производителот на електрични автомобили од САД.

Кои сценарија за иднината на Тесла се остварливи и колкава е веројатноста дека тие ќе се случат? Аутомобилвохе, гласник на германската автомобилска индустрија, дава неколку насоки околу натамошниот развој на автомобилската компанија што ја предводи Илон Маск.

Во браншата се дискутира жестоко околу Тесла. Светскиот лидер во електричните автомобили имаше турбулентно прво тромесечје. Финансиските бројки исто така вршат притисок врз компанијата од САД. Како што соопштија оттаму, прометот првпат падна по 2020 година, за 8,5 проценти, на 21,3 милијарди долари. Уште поголем удар претрпе добивката, којашто се намали за 55 проценти, на 1,1 милијарда долари. Прашањето е, како ќе продолжат да се развиваат нештата во Тесла?

Дали електро пионерот ќе се врати на тронот како најголем иноватор во светот на електромобилноста? Дали Тесла ќе прерасне во нормален производител на автомобили со целосно електрична понуда од модели, како што и се случи со повеќето конкуренти во изминативе години? Дали можеби се заканува целосно пропаѓање и крај на Тесла како автомобилски гигант? Германскиот Аутомобилвохе предвидува три можни сценарија, наведувајќи и колкава е веројатноста за тие сценарија да се случат.

Прво сценарио: Да живее кралот – враќање на тронот, како светски шампион во продажбата и иновациите во електричните автомобили

Доколку се гледа реално, Тесла веќе се врати на тој трон. Откако БИД во четвртото тромесечје лани првпат ѝ ја симна круната, Тесла и покрај слабите финансиски резултати го возврати ударот во првиот квартал во 2024 година, и повторно ја предводеше продажбата со 386.110 електрични автомобили, наспроти 300.114 автомобили на БИД. Аналитичарите сепак очекуваат Кинезите да одговорат уште во вториот квартал, или најдоцна во третиот квартал, по што ќе се случи трајна превртница и тронот ќе им припадне на БИД.

Бродскиот транспортер БИД Експлорер број 1 со 3.000 натоварени електрични автомобили

Кинескиот производител штотуку почнува со својата продажна офанзива на европскиот пазар, чекор по чекор. Првите бродски транспортери на автомобилскиот гигант допловија до европско копно кон завршетокот на првото тромесечје. Европа во моментов се соочува со забавување на продажбата на електрични возила. Со приклучувањето на европскиот пазар и со продолжувањето на растот во продажбата во Кина, постојат големи изгледи дека БИД ќе го повтори успехот од последниот квартал во 2023 година, кога продаде 526.409 возила на светскиот пазар.

Компанијата расте забрзано долги години и за разлика од Тесла, постојано воведува нови модели, со коишто освојува нови делови од пазарот. Во поглед на понудата од модели, Тесла не е толку конкурентна колку БИД, со своите четири релативно стари моделски серии, со пикапот Сајбертрак што не ги исполнува очекувањата и со камионот Семи.

Доколку се земат предвид иновациите, тогаш нештата (уште) изгледаат добро. „Автопилотот“, како што Тесла го нарекува системот што е далеку од тоа, привлекува внимание кај купувачите. Голем број клиенти веруваат во тоа што Тесла го ветува со „целосно самостојно возење, ФСД“ и Тесла многу повеќе ја поврзуваат со технички напредни функции за автоматско возење, отколку што го прават тоа со големите производители на автомобили, а уште помалку со новите конкуренти од Кина. Тоа е шанса за Тесла.

Веројатност: 30 проценти.

Второ сценарио: Една од многуте – место на пазарот како докажан производител на електрични возила, но без поврзување со големите успеси во минатото

Притисокот од конкуренцијата врз Тесла расте постојано. Вистина е дека докажаните производители на автомобили имаа забавен старт на пазарот на електрични автомобили. Меѓутоа, Фолксваген, Мерцедес, БМВ, Стелантис, сите во меѓувреме развија јасни планови според коишто се одвива трансформацијата и постојано ја зголемуваат понудата од електрични модели. Автомобили како „Фолкс-теслата“ за 25.000 долари, за којшто шефот Илон Маск зборува постојано, во Европа веќе произведуваат Ситроен и Рено. Фолксваген се вклучува в година.

Ситроен е-Ц3

Рено и Фолксваген имаат планови и за автомобил што ќе чини 20.000 евра. Маск исто така најави нови модели за следните години, меѓутоа не ги наведе цените.

Друг проблем: Мерцедес и БМВ притискаат во премиум сегментот и со своите нови платформи ММА и Ное Класе се закануваат да го преземат технолошкото предводништво. Овие платформи меѓу другото се одликуваат со централни компјутери, што се исклучително моќни и ги заменуваат бројните помали контролни единици и кабли кај постоиечките модели. Тоа донесува голема придобивка во досегот и потрошувачката. Во Ное Класе ќе работат и тркалезни ќелии, какви што користи Тесла. Во таква средина, Илон Маск и неговите инженери се издвојуваат сé помалку.

За тоа се грижат и актуелното законодавство на ЕУ за емисијата на ЦО2 на ниво на возен парк. Тесла е под сé посилен притисок од докажаните производители на автомобили, особено од Европа. Овие производители од 2025 година постојано ќе ја зголемуваат својата понуда од електрични мoдели, главно поради тоа што мораат да ги исполнат целите за ЦО2 на ЕУ, што в година ќе се спуштат за 15 проценти под вредноста од 2021 година. На купувачите им се нуди сé поширок избор од модели, многу поширок отколку што има Тесла во својата понуда.

Тоа значително ќе го смали уделот на Тесла во Европа, меѓутоа пак нема да доведе до целосно пропаѓање на производителот од САД. Тесла е големо име и ужива силен имиџ, така што верните клиенти нема преку ноќ да се решат за друга марка. Времето на доминацијата на Тесла во сегментот на ЕВ сепак завршува во 2024 година.

Веројатност: 60 проценти

Трето сценарио: Целосно пропаѓање, крај за Тесла како производител на автомобили, во сегашниот облик

Производител што лани во светот има продадено 1,8 милион автомобили, не може да пропадне толку брзо? Веројатно може, доколку извршен директор е Илон Маск. Веќе одамна се покажува дека контроверзниот милијардер почна да губи волја за некои подрачја што ги покрива со своите компании. Новиот лек за Тесла треба да пристигне на 8-ми август, кога компанијата ќе го претстави своето роботско такси.

Познавачите се скептични околу тој бизнис и се сомневаат дека може да се изнајде решение што ќе носи профит. За време на објавувањето на деловните резултати за последниот квартал пред аналитичарите и инвеститорите, Маск првпат го спомнат името „Сајберкаб“ за своето роботско такси. Проблем е тоа што шефот на Тесла ги потценува законските ограничувања, кога се работи за неговиот возен парк од роботски такси возила: „Не верувам дека постојат големи законски пречки“.

Што ѝ преостанува на Тесла ако не успее роботското такси? Во минатата недела мораше да бидат повикани во сервис сите досега произведени 3.878 примероци од Сајбертрак, поради проблеми со педалот за забрзување. „Фолкс-теслата“ според објавите на Ројтерс е напушптен проект, иако Маск го порекнува тоа. Четирите модели, Модел С, Модел Икс, Модел 3 и Модел Ипсилон, веќе се застарени и се освежуваат само во мал обем.

Дополнително е штетен и имиџот на Илон Маск, со тоа што ги поддржува десничарските ставови и партии. За да ги скуси трошоците и да компензира за смалената продажба, Тесла ќе отпушти 10 проценти од својата работна сила во светски рамки.

Се спуштаат и цените, за да се привлече интерес за четирите модели што се во понуда на марката. Постојано заминуваат директори што долги години работеа за Тесла. Последен таков пример е шефот за односи со инвеститорите Мартин Века, што ненадејно кажа дека заминува од компанијата.

За да се случи целосен крај на Тесла, банкарските сметки на Илон Маск се премногу полни. Само радикална промена на бизнис расположението на шефот на Тесла и долга криза во продажбата на електрични воизла би можеле трајно да ѝ наштетат на компанијата и да доведат до крај на Тесла.

Затоа, веројатноста за ова сценарио е само 10 проценти.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шефот на Стелантис предупредува дека царините за кинеските ЕВ се „замка“

Дачиа пред Голф: 25-те најпродавани модели во Европа годинава