Екстремисти ја саботираа фабриката на Тесла во Берлин

Производствените ленти во Гринхајде, место на триесетина километри од Берлин, каде што се наоѓа фабриката на Тесла, во моментов мируваат. Оштетена е трафостаницата од којашто се напојуваат погоните. Група од леви екстремисти стои зад нападот.

Фабриката на Тесла во Гринхајде во моментов мирува, прекинато е напојувањето со струја. Производствените ленти мируваат, работниците си заминаа. Причина е подметнат пожар во една трафостаница во близина на единствената фабрика на Тесла во Европа. Тоа предизвика прекин во струјното напојување на фабриката и на соседниот град Еркнер. Погодени се и делови од германската престолнина Берлин. Тесла потврди дека фабриката нема струја.

Неизвесно е колку време ќе мирува фабриката и нема да се произведуваат електричните автомобили на Илон Маск. Според економскиот дневник Ханделсблат, електро-пионерот очекува дека фабриката нема да произведува цела недела.

Одговорноста за нападот ја презеде лево-екстремистичката „Вулкангрупе“. Во нивното соооштение до берлинскиот локален дневен лист „Тагесшпигел“, екстремистите наведуваат: „Заеднички ја присиливме Тесла да потклекне. Свич оф за Тесла. Поздрав до сите што се во бегство, до подземјето во затворите и до отпорот! Денес ја саботиравме Тесла.“

Екстремистите продолжуваат: „Затоа што целосното уништување на гигафабриката и со тоа отсекувањето на ‘технофашистите’ како Еленд Маск (Еленд е германски збор за јадник, се мисли на Илон Маск) е чекор напред кон ослободувањето од патријархатот.“

Полицијата е запознаена со содржината на писмото во коешто има увид Тагесшпигел и отпочнала истрага. Премиерот на сојузната покраина Бранденбург, Дитмар Војдке, кажа: „Нападите врз нашата критична инфрастуктура се вид на тероризам. Доколку се потврдат сомнежите за терористички напад, случајот ќе биде предаден на сојузното обвинителство.“

За заднината на нападот пишува Билд. Во 4.50 часот наутро се слушнала силна експлозија во трафостаницата Штајнфурт и еден од далноводите бил зафатен од пожар. Во 5.15 часот била известена противпожарната служба во Гозен-Ној Цитау, потврдува полицијата. Гаснењето на пожарот било одолговлечено, затоа што покрај запалениот трансформатор бил откриен шатор, на којшто пишувало „тука се сокриени експлозивните средства.“ Службите потоа се повлекле и било побарано вклучување на сили за отстранување експлозивни средства.

Од завршетокот на минатата седмица, околу 100 активисти за животна средина запоседнаа дел од шумата во близина на фабриката на Тесла. Таму беа подигнати дрвени бараки и платформи, со цел да се спречи проширување на фабриката. Тие бараат да се заштити шумата. Дали Вулкангрупе и еко-активистите постапуваат заеднички, уште не е утврдено.

Претходна објаваФолксваген очекува забавен раст во продажбата, жестока конкуренција
Следна објаваАвстрија: Кој вози пребрзо, ќе остане без автомобил

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here