за

Тесла изгуби 8,5 проценти од продажбата, доаѓа конкуренција

Тесла во првите три месеци произведе 433.371 електрични автомобили.

Испораките на Тесла во првото тромесечје се намалиле за 8,5 проценти, поради забавувањето на побарувачката и вжештувањето на конкуренцијата.

Испораките на Тесла на светскиот пазар во првите три месеци се намалиле за 8,5 проценти, на 386.810 возила. Производителот од САД се соочува со остра конкурецнија и со забавување на побарувачката за електрични возила на главните пазари.

„Смалениот обем се должи во дел на воведувањето во производство на обновениот Модел 3 во нашата фабрика во Фремонт и затворањата на фабриките што проследија поради нападите врз бродовите во конфликтот во Црвеното Море и подметнатиот пожар во гигафабриката Берлин,“ објави Тесла во соопштение во вторникот.

Фабриката на Тесла во Фремонт, Калифорнија, е најголема фабрика на производителот во САД.

Тесла последен пат имаше пад во продажбата во второто тромесечје во 2020 година, кога пандемијата го присили производителот да го прекине производството.

Првиот пад на квартално ниво во бројот на испорачани возила во последните четири години е воедно знак дека слабеат придобивките од ценовните попусти на Тесла. Компанијата од САД во периодот од јануари до март произведе 433.371 возила.

Тесла објави позитивни резулати за минатата година, но се очекува дека 2024 ќе донесе повеќе предизвици.

Аналитичарите предупредуваат дека растот на Тесла годинава може да спласне, поради слабеењето на побарувачката за ЕВ во САД, како и жестоката конкуренција на светскиот пазар.

Извршниот директор Илон Маск кажа во јануари дека нов бран на раст нема да се случи до завршетокот на 2025 година, кога Тесла треба да почне со производство на нов модел, што ќе биде достапен за поширок круг купувачи.

Кокс Аутомотив проценуваат дека Тесла во првото тромесечје продале 166.734 возила во САД, што претставува раст од 3,2 проценти во споредба со лани. Тоа е далеку послабо од вкупниот раст во продажбата на ЕВ во САД од 15 проценти, како и од вкупниот раст во продажбата на возила во земјата од 5,6 проценти.

„Забавувањето на ЕВ се претора во забавување на Тесла“, кажа аналитичарката на Кокс, Стевани Валдез Стрити за време на конференцијата во четвртокот.

Аналитичарите на Волстрит, кои главно имаат позитивни оцени за Тесла, исто така се огласија со аларм.

„Најголемиот и најзагрижувачки предизвик за Тесла – и за нејзините инвеститори – останува Кина, како растечки конкурент во ЕВ, додека долготрајната ценовна војна направи овој клучен пазар да стане мошне проблематичен,“ објави аналитичарот Ден Ајвс од Ведбуш во истражувањето што тој го објави во минатата недела.

Дојче Банк предвидува дека испораките на Тесла во 2024 ќе достигнат околу 1,9 милион возила, што претставува едноцифрен раст во споредба со продажбата од малку над 1,8 милион возила во 2023, објавија од банката во минатата недела, наведувајќи ја и слабоста на пазарот во Кина.

Тесла во САД ја зголемува продукцијата на пикапот Сајбертрак, како резултат од високата побарувачка. Маск во октомври кажа дека не очекува продукцијата на пикапот со каросерија од благороден челик да достигне големоволуменски размери до следната година.

Еден од проблемите на Тесла е отсуството на свежи модели, кажуваат аналитичарите, со исклучок на необично дизајнираниот Сајбертрак, што можеби нема да постигне толку голема побарувачка на пазарот, откако тој ќе почне да бледее како нов модел.

Модел 3 доби освежување во јануари, но лимузината од средна класа пак изгледа исто како во 2017 година. СУВ-моделот врз истата основа, Модел Ипсилон, почна да се продава во 2020 и ќе добие освежување в година или подоцна. Лимузината Модел С и нејзината СУВ-варијанта Модел Икс не се сменети подолго од една деценија.

„Тесла за првпат се соочува со реалноста, кога побарувачката е таа што е ограничена, а не производството,“ посочи Карл Броер, главен аналитичар во Ајсикарс. „Покрај постојаното заострување на конкуренцијата, стареењето на понудата и општиот пад во продажбата на ЕВ, најуспешната автомобилска компанија во последните 10 години треба да го провери својот долгорочен план“, порачува Броер.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Суперкар Блонди ќе продава скапи автомобили за колекционери

БМВ ќе соработува со индиска Тата, денес моќта е во софтверот