за

Акциите на Tesla продолжуваат да паѓаат

Вредноста на акциите на Tesla и натаму се движи надолу. Тоа што шефот Илон Маск во моментов е посветен на твитер, претставува само една од причините.

Продолжува падот на вредноста на акциите на Tesla. Вредносните хартии на производителот на електрични автомобили се најдоа под силен притисок, по релативно добриот почеток на тргувањето на берзата, за на крајот нивната вредност да опадне за околу шест проценти, на 140,79 долари. Тоа беше најниска вредност од сите акции што се користат за пресметување на индексот S&P 500. Овој индекс на крајот малку се зголеми.

Курсот на акциите на Tesla во моментов се наоѓа под најголем притисок поради загриженоста околу тоа како ќе се одвива продажбата на важниот автомобилски пазар Кина. Коментарите на аналитичарите на таа тема го поттикнаа падот на вредноста на акциите.

Аналитичарите од Evercore ISI го намалија целниот курс на акциите од 300 на 200 долари. Експертот Крис Мекнели го образложи тоа со потрадиционален пристап при проценувањето на американскиот производител на електрични автомобили. Tesla и натаму има голема предност во бруто маржата во споредба со конкуренцијата, поради силното присуство на светскиот пазар и вертикалната интеграција.

Меѓутоа, инвеститорите порано беа добро запознаени со предностите на Tesla. Сега е различна ситуацијата, затоа што предвидувањата за тоа како ќе се одвива продажбата во периодот од 2023 до 2025 година стојат под голем знак прашање.

Твитер е пречката

Експертот Виџај Ракеш од консултантската компанија Mizuho ги спушти предвидувањата за крајниот курс на акциите на Tesla од 330 на 285 долари. Тој исто така предупреди за можното намалување во продажбата на возила, поради целата економска ситуација и ослабнатиот потрошувачки дух. Сето тоа би можело да влијае врз продажбата на скапите електрични автомобили на Tesla.

Покрај тоа, брокерите стравуваат дека шефот на компанијата Илон Маск троши премногу време и пари во спасувањето на друштвената мрежа твитер, којашто сега е во негова сопственост и под негово раководство. Поради тоа, Маск не може да се посвети доволно на Tesla. Загриженоста е уште поголема поради тоа што Маск мора да продаде голем дел од своите акции во производителот на електрични автомобили, за да го спаси твитер.

Маск во меѓувреме најави повлекување од местото на шеф на твитер, по прашалникот меѓу корисниците на мрежата. Меѓутоа, повлекувањето од шефовското место ќе се случело дури откако тој ќе најде наследник, што значи дека продолжува да управува со двете компании.

Вредноста на акциите се намали за 60 проценти

Акциите на Tesla во моментов се движат околу нивото што го имаа во ноември 2020 година. Само годинава, нивната вредност изгуби 60 проценти. Од рекордната вредност во ноември 2021 година, кога таа достигна 414 долари, падот изнесува 66 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo ќе се пробива со квалитет на пазарот во САД

Филм: Автомобилите на Peugeot се направени од привлечност, страст и историја