за

Alfa Romeo ќе се пробива со квалитет на пазарот во САД

Следниот голем чекор на Alfa Romeo е зголемување на продажбата во САД. Италијанската марка става нагласок токму на квалитетот на изработката и на услугата.

Планот на Alfa Romeo, во текот на следната декада да ја зголеми својата продажба на пазарот во САД, вклучува и збогување од моторите со внатрешно согорување до 2027 година.

Италијанската марка ги одредува насоките според коишто ќе ја изведе планираната експанзија на американскиот пазар. Главното внимание е купувачите да бидат задоволни од квалитетот на возилото и на услугата, на начин како што тоа обично се прави во луксузниот сегмент.

Менаџментот не цели на големи бројки. Во Alfa, во оваа фаза од враќањето на марката на пазарот во САД, се мисли многу повеќе, отколку само на постигнување високи бројки во продажбата.

За марката да фати залет на американскиот пазар е неспорно дека задоволството на купувачите и квалитетот на возилото се поважни отколку само да се постигне висока продажба, објаснува Винсент Ноарбен, потпретседател за планирање на производи и за трансформацијата на Alfa Romeo во Северна Америка.

Ноарбен посочува дека марката го има подготвено 10-годишниот план и финансиски е стабилна. Марката треба да ја задржи улогата на глобална премиум марка на концернот Stellantis. Повисоко ќе биде позиционирана само Maserati, за да нема поклопување во понудата на двете марки.

Лери Доминик, шефот на Alfa Romeo за Северна Америка, во февруари изјави дека марката цели на стабилност, задоволство на клиентите и на профитабилност на дилерите.

Таа посветеност на Alfa Romeo, купувачите да бидат задоволни, веќе носи резултати. Италијанската марка се најде на првото место според индексот на задоволството на клиентите при купувањето на возилото во истражувањето што редовно го спроведува агенцијата JD Power. На списокот што беше објавен во ноември, Alfa Romeo напредуваше девет места од лани. Подобрувањето на индексот за 25 бодови е најголем напредок меѓу сите премиум марки.

„Тоа беше најголема награда што може да ја добие еден тим. Сега кога сме Број 1, има само една насока во којашто треба да се продолжи и патот никогаш не престанува. Треба да осигураме дека и во следната година ќе го повториме резултатот. Треба да бидеме сигурни дека нашите процеси се совршени“, објаснува Ноарбен.

Alfa Romeo во исто време се подготвува и за важно воведување на нов модел во понудата во САД. Во вториот квартал од 2023 година, на големиот пазар стартува продажбата на Alfa Romeo Tonale со приклучен хибриден модел.

Погонската спрега на топ-моделот во гамата на Tonale се состои од 1,3-литарски турбо бензинец со 180 КС и електромотор со моќност од 90 kW (122 КС), што произведуваат системски 280 КС.

Првичните планови беа хибридниот модел да се продава покрај класичната бензинска изведба на Tonale, но планот се смени и место тоа СУВ-моделот ќе се продава во САД само во верзијата со приклучен хибриден погон. Менаџерите ценат дека на пазарот постои доволно голема побарувачка за модели со електрифицирана погонска спрега.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Alfa Romeo USA (@alfaromeousa)

„Пазарот се смени драматично во последните неколку месеци“, кажува Ноарбен. „Се чини дека е дојдено времето за да се каже, ‘да го направиме тоа.’“

Alfa не планира во рекламите да става нагласок на приклучниот хибриден погон во Tonale. Ноарбен вели дека хибридниот погон е додадена вредност и дека возилото ќе се нуди како „вистинска Alfa Romeo“.

Продажбата на Tonale во САД, или кој било друг модел на Alfa Romeo, нема да се базира врз попусти, за да се постигнат поголеми продажби. Ноарбен вели дека марката не се раководи според „стратегија што е базирана врз волумен“ и не се планираат попусти. Тој повеќе цели на „здрав бизнис“, место на зголемување на продажбата преку „вештачки засладувачи“.

Целта е да се зајакне имиџот на марката, за купувачите да бидат подготвени да платат повеќе. Затоа се посветува крајно внимание на квалитетот на возилата.

Шефот Доминик бара „прво автомобилите да бидат добри, потоа да се подобри корисничкото искуство и да се подигне вредноста на марката, за некој месечно да плаќа 100 долари повеќе“.

Tonale смени многу во начинот на којшто марката Alfa Romeo се гледа на европскиот пазар. Ништо помалку не се очекува од пазарот во САД.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Astra славенички ја извозе 160-та година на германската компанија

Акциите на Tesla продолжуваат да паѓаат