
Новиот основен модел е наречен Стандард и постигнува досег до 534 километри, што е само 20 километри послабо во споредба со досега најдостапната изведба на Тесла Модел 3. Продажбата на овој модел во САД почна во октомври, по цена од 36.990 долари.
Тој следи по поедноставената изведба од Модел Ипсилон, најпродаваниот автомобил на производителот од САД.
Во Стандард отсуствуваат амбиенталното осветлување, екран на допир назад, греење на задните седишта и електрично местење на воланот. Место девет звучници има седум, и ретровизорите не се самозатемнувачки.
Седиштата се платнени, место со вештачка кожа и немаат вентилација.
Тесла последен пат ги спушти цените подрастично во средината на 2023, предизвикувајќи потрес на европскиот пазар на БЕВ. Некои производители одговорија и исто така ги спуштија цените, но повеќето одговорија со воведување нови модели од подостапните сегменти.
Овој потег следи откако во октомври во Европа беше пуштена во продажба поевтинета изведба од Модел Ипсилон и доаѓа во време кога Тесла се обидува да ја качи продажбата, во услови кога европските и кинеските соперници нудат сé побројни електрични модели со подостапна цена на европскиот пазар.
Новиот модел 3 Стандард чини 37.970 евра во Германија, 330.056 круни (28.000 евра) во Норвешка и 449.990 круни (41.050 евра) во Шведска. Француската цена е 36.990 евра, меѓутоа за Тесла 3 не следи субвенција од 4.000 евра, затоа што е увезувана, за разлика од Модел Ипсилон, што се произведува во Германија.
Продажбата на Модел 3 во Европа опадна за 29 проценти до октомври. Тоа сепак не ја симна Модел 3 од најпродаваните БЕВ модели во сегментот, со продадени 64.785 возила, пред Фолксваген ИД.7 со 60.800 возила.
[the_ad id=”85764″]
Продажбата на Тесла во Европа е во силен пад годинава. Експертите ценат дека тоа се должи на застарените модели, на новите модели од Кина и од традиционалните производители од Азија и Европа, како и лошиот имиџ од политичките излети на директорот Илон Маск.















