Тојота се враќа во суперспортската лига со осумцилиндарски ГР ГТ и електричен наследник на ЛФА

Тојота ќе го повтори поглавјето со Лексус ЛФА и ќе го понуди како целосно електричен автомобил, но паралелно воведува и нова суперспортска марка ГР, со модел ГТ со 8-цилиндарец.

Тојота најави враќање на легендарниот Лексус ЛФА на сцената, но како електричен брзински демон, а заради „рамнотежа“, воведува суперспортска марка ГР, чијшто прв модел ќе биде суперспортскиот ГТ со Ве-8 и 650 КС. Тоа се случува во време кога челниот „бензинаш“ во компанијата, Акио Тојота, го обновува генот на компанијата во мотоспортот.

Двата различни автомобили, концептните ЛФА и ГР ГТ, ќе доживеат и сериско производство. Заедничка им е носечката рамка што целосно е изработена од алуминиум и тоа е прва ваква конструкција на Тојота. Рамката овозможува врз неа да се конструираат два модели со сосем различен погон, едниот целосно електричен, другиот со мотор Ве-8.

Втората варијација од бензинскиот модел и трета во триото, ќе биде наменета за трки, како ГР ГТ3, и исто така ја користи заедничката носечка структура, што е воедно и услов за моделот да може да учествува во првенствата во ГТ3 на ФИА.

Претседателот на Тојота и правнук на основачот, ги прикажа трите спортски автомобили што се прилепени на земјата, со долг нос и агресивен стил, на свеченост, во комплексот за развој на мобилноста на Тојота во Воуен Сити, „Плетенград“, во подножјето на планината Фуџи.

Повторното раѓање на Лексус ЛФА

Автомобилот на Лексус беше прикажан како концептно возило. Развлечениот двосед го најавува духовниот наследник на оригиналниот ЛФА, со цена од тогашни 375.000 долари. Серијата од 500 примероци беше расподадена уште пред да започне производството во Тојота Сити, во декември 2010 година.

Изгледот на кароеријата го следи стилот на Лексус Спорт Концепт што изненади во август, за време на Автомобилската недела во Монтереј и потоа блескаше на Јапан Мобилити Шоу во октомври.

Лексус Спорт Концепт, прикажан годинава на Автомобилската недела во Монтереј и на Јапан Мобилити Шоу, го најавува духовниот наследник на суперспортскиот ЛФА.

За разлика од легендарниот ЛФА, којшто користеше 4,8-литарски Ве-10 со 560 КС, новиот ЛФА Концепт е замислен како целосно електричен автомобил.

Тојота не открива детали околу големината на батеријата, моќноста или досегот. Но, имајќи го предвид можното време за негово влегување во производство, тоа веројатно ќе биде првиот модел на Јапонците со батерија со цврст електролит. Таа подолго време се развива во Јапонија и директорите повеќепати најавија дека нејзината прва примена во сериски модел ќе се случи во 2027 година.

Батерија со цврст електролит, со големина на актовка, на ЛФА ќе му донесе голема предност во тежината во споредба со останатите батериски технологии.

Тојота во изминатите неколку години развива батерија со цврст електролит и најави можност дека ќе почне да ја вградува во сериски автоообил во 2027 година. Уште е неизвесно дали тоа ќе биде идниот Лексус ЛФА, но временската рамка се совпаѓа.

Двоседот со долг нос и ниска каросерија што е прилепена за земја, долг е близу 4,7 метри, широк 2 метри и висок само 1,2 метар, со меѓуоскино растојание од 2,72 метри.

Иако не се откриваат детали од внатрешноста, Лексус наведе дека таа е дизајнирана со „минималистки пристап“ што овозможува „интуитивно ракување со возилото“, без вниманието на возачот да е одвлекува од патот или од тркачката патека.

Концептот ЛФА и неговите два пандани од ГР, со бензински мотор, користат иста платформа. Конструирана со цел да вдоми и електрични погонски варијанти и мотори со внатрешно согорување, платформата е олицетворние на стратегијата на Тојота, за паралелно да се туркаат повеќе видови на погон.

ГР ГТ и ГТ3

Од моделите од новата марка ГР, кусо од Газу Рејсинг, името на одделението за мотоспорт на Тојота, ГТ е замислен како спортски автомобил за јавен сообраќај, додека ГТ3 е осмислен како тркачка машина што е подготвена да се пушти по трачка патека, за приватни тимови што се натпреваруваат во првенствата во ГТ3.

Производителот соопшти дека во ГТ ќе го вградува новиот твинтурбо 4,0-литарски мотор Ве-8, комбиниран со електромотор и со нов 8-степен автоматски менувач. Двете погонски единици заедно ќе произведуваат најмалку 650 КС и 850 њутнметри. Крајната брзина ќе изнесува околу 320 километри на час.

Тојота напомена дека ГТ и ГТ3 се развивани со намера да се даде предимство на аеродинамичноста и на ладењето на моторот, место да се води грижа околу конечниот изглед на возилото. Внатрешноста е изведена со цел да се постигне оптимална положба на возачот и прегледност при динамично возење.

Производителот соопшти дека „продолжува развојот“ на ГТ и ГТ3 во „насока кон нивно лансирање околу 2027“ и дека ќе објави повеќе поединости кога ќе дојде време за тоа. Меѓу другото и дилерите на големите пазари решаваат кога точно да се лансира ГР ГТ.

Тојота, 69, самопрогласениот главен тест возач на Тојота, кој и самиот се трка под псевдонимот Моризо, лично ги тестира спортските прототипи при нивниот развој.

Истото го прави и неговиот син Даисуке Тојода, 37-годишник. Помладиот Тојода исто така е тест возач на компанијата и раководи со проектот на Воуен Сити, како потпретседател на Воуен бај Тојота, огранок на компанијата за софтвер и автоматизирано возење.

Претходна објаваТесла нуди поевтин Модел 3 во обид да си ја врати продажбата
Следна објаваПаѓа побарувачката за премиум лимузини од средна класа во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here