Пазарните аналитичари предвидуваат дека калифорнискиот електро специјалист во следната година ќе продаде 120.000 примероци од Tesla Model 3.
Според повеќе експертски кругови, новиот Tesla Model 3 ќе се продава подобро и од најоптимистичките очекувања. Аналитичарот Адам Џонас од познатата консултантска компанија Morgan Stanley предвидува дека во третиот квартал ќе пристигнат над 1.500 нови нарачки за најдостапниот модел на Tesla.
Во последното тромесечје, бројот на нарачки за Model 3 веќе ќе се искачи на 8.000 возила. Калифорнискиот специјалист за електричен погон неодамна стартуваше со испорака на лимузината којашто со цената од 35.000 долари за основната моделска изведба е најмалку двојно поевтина од останатите модели на Tesla.
Над 120 илјади примероци од Tesla Model 3 за следната година место 90 илјади
Аналитичарите на Morgan Stanley предвидуваат дека Tesla Model 3 во 2018 година ќе постигне продажба од 120.000 возила. Тоа е значително над досегашните предвидувања за 90 илјади примероци во првата полна година на производство на новиот модел.
Шефот Илон Маск среднорочно калкулира со 700.000 примероци од Model 3 на годишно ниво. Продукцијата во следната година би требало да достигне половина милион примероци. Лани Tesla продаде околу 85.000 примероци од луксузните Model S и Model X.
















