Тесла упати барање до владата на САД, да не ги спушта постоечките стандарди за емисија на штетни материи, објави Ројтерс. Повод за тоа е предлогот на Агенцијата за животна средина ЕПА, со којшто се бара спуштање на строгите граници за емисијата на штетни материи од возилата.
Производителот на електрични автомобили од Калифорнија, повеќе е загрижен околу заработката што ја постигнува, токму благодарние на строгите стандарди, отколку поради тоа што ќе се дозволи повисока емисија на штетни материи во животната средина. Продажбата на кредити за ЦО2 е суштински дел од бизнисот на Тесла.
Милијарди се заработуваат од продажбата на ЦО2-кредити
Тесла секоја година заработува милијарди од тргувањето со т.н. „регулаторни кредити“. Тоа се сертификати што ги купуваат други производители на автомобили, за да можат да ја спуштат високата емисија на ЦО2 од сопствените автомобили и со тоа да бидат под строгите граници.
Во 2023 година, производителот од САД заработи 2,8 милијарди долари од продажбата на овие кредити. Доколку властите ги спуштат границите за емисијата на ЦО2, тогаш и побарувачката за кредитите на Тесла ќе ослабне. Тоа ќе има сериозни последици врз бизнисот на Тесла.
Видеото од тестот на најдостапниот електричен автомобил во Македонија
На конкуренцијата ѝ одговара да се спуштат стандардите
Големите автомобилски концерни, како Џенерал Моторс, Тојота и Фолксваген, од друга страна побараа владата на САД да ги спушти стаднардите за емисијата на ЦО2. Тие се жалат дека престрогите стандарди ги изложуваат на високи трошоци. Традиционалните производители во тој поглед ѝ се спротивставуваат на Тесла, којашто одамна е предводник во продажбата на електрични автомобили.
Политички притисок од Вашингтон
Менувањето на курсот на владата на Трамп е дел од пошироката политичка агенда. Производителите на автомобили да не се казнуваат поради тоа што не ги исполнуваат строгите барања од 2022 година наваму, како и да се блокира планот на Калифорнија, по 2035 година во сојузната држава да се продаваат само електрични автомобили. Покрај тоа, наскоро истекуваат и даночните повластици за е-автомобили. Сето тоа ги одвлекува купувачите од електричните автомобили, а секако дека ја ослабнува и позицијата на Тесла на автомобилскиот пазар.
Тесла критикува поради нееднаквата конкуренција
Тесла предупредува дека спуштањето на стандардите, покрај тоа што ќе ѝ го ослабне бизнисот, ќе ја наруши и конкурентноста. Без строги стандарди, производителите на автомобили со мотор со внатрешно согорување ќе бидат во повластена позиција во однос на компаниите што произведуваат исклучиво електрични автомобили. Со тоа ќе се изгуби и интересот за вложување во технологии во насока на заштита на животната средина и ќе запре иновирањето.
















