
Со завршени повеќе од 90 проценти од преправките во фабриката на Мерцедес-Бенц во Виторија, што се неопходни за самиот старт на сериското производство на новиот електричен модел, од производствените ленти излегоа првите претсериски примероци од ВЛЕ.
Оваа подготвителна фаза има за цел да обезбеди врвен квалитет во производството, во моментот кога ќе биде означен стартот на големосериското производство на новиот Мерцедес-Бенц ВЛЕ, електричната В-класа. Тоа следи во првото полугодие од 2026.
Темелните преправки во фабриката во Виторија беа неопходни поради сосем новата платформа што ја користи ВЛЕ и што по неа ќе ја користат уште бројни модели, вклучувајќи ги и доставните модели.
„Новата ВЛЕ е прво возило од нашата нова, модуларна и високо приспособлива архутектура за ванови. Во рекордно време го донесовме ВЛЕ од осмислувањето на концептот до сериска зрелост“, вели Томас Клајн, директор на Мерцедес-Бенц Ванс.
Петте илјади вработени минаа низ повеќе од 160 различни програми за обука, за да се запознаат со новите процеси и постапки. Меѓу новините е интеграцијата на новите ИТ-стандарди, како и работата со нови материјали.
Производство со примена на врвна технологија
Во фабриката во Виториа во 2026 година ќе започне производството на целосно електричната ВЛЕ, покрај В-Класата, Вито и еВито. ВЛЕ ќе се произведува на истите ленти со останатите модели. Подоцна ќе биде понудена и изведба со мотор со внатрешно согорување.
Фабриката уште од 2013 година набавува струја што потекнува од обновливи извори, што е во насока на тежнеењето на Мерцедес-Бенц да постигне целосна ЦО2-неутралност во производството. Во фабриката е поставена и соларна централа, што учествува во снабдувањето. За греење се користи геотермална енергија, а со топлински пумпи се искористува и топлината што се ослободува во лакирницата.
Тоа што е невидливо за лаици е постоењето близнак на фабриката, којшто е изработен во целосно дигитална форма и се користи за тестирање на подобрувањата и усовршувањата, што потоа се применуваат во самата фабрика. Првпат во ван се користи и сопствениот оперативен систем МБ.ОС.
ВЛЕ го подигнува луксузот на В-класа на уште повисоко рамниште
Според Мерцедес-Бенц, целосно електричниот ВЛЕ „го соединува најдоброто од два света – спојува возни својства и управливост на лимузина, со повеќестраност и просторност на МПВ.“ Моделот е наменет и за семејно и службено возило, а во врвните изведби ќе служи и како луксузен шатл.
ВЛЕ е првиот модел врз новата платформа за ванови. При тестирањето од Штутгарт до Рим, ВЛЕ мораше да запре само двапати по 15 минути, заради полнење батерија. Новиот ван се тестираше и на кружна патека со високи брзини, на Северниот Пол, по мраз и снег.















