Фолксваген е најпродавана електрична марка во Европа, Тесла втора

Марката Фолксваген и во август беше најпродавана електрична марка во Европа, со 16.105 возила и зголемување од 45 проценти во споредба со истиот месец лани. Германската марка расте побрзо од пазарот на електрични возила, којшто во август напредуваше 26 проценти.

Киа ЕВ3 постигнува досег до 605 километри. Стартувајќи на пазарот годинава, компактниот СУВ во август беше 7-ми најпродаван ЕВ во Европа.

Тесла е на второто место со продадени 14.345 возила, но и со пад од 23 проценти. Марката од САД сепак напредуваше од јули, кога беше 7-ма најпродавана ЕВ-марка. БМВ е трет со 12.546 електромобили и раст од 6,6 проценти. Еден месец пред тоа, баварската марка беше вицешампион.

Киа во август не се најде меѓу 10-те најпродавани, откако беше на деветтото место во јули. На местото на Киа се појави Форд, со 6.619 возила, благодарение на зголемената побарувачка за Експлорер, којшто во основата е Фолскваген ИД.4 со сменета каросерија.

Податоците што ги објави Датафорс опфаќаат 97 проценти од пазарите во ЕУ, ОК и ЕФТА.

Електричните автомобили во минатиот месец постигнаа вкупна продажба од 154.582 возила, што значи дека тие држат една петина од пазарот. Продажбата им порасна за 26 проценти во споредба со август 2024. Производителите мораат да постигнат удел на БЕВ од 20 до 25 проценти во вкупната продажба, за емисијата на ЦО2 да ја задржат под границите што ги одреди ЕУ, за периодот 2025-2027.

До август, пазарот на ЕВ порасна 26 проценти. Повеќе напредуваа големоволуменските марки, со раст од 26 проценти, додека премиум марките качија 18 проценти.

Најпродаван БЕВ е Тесла Модел Ипсилон со 8.173 возила, и покрај тоа што оваа продажба заостанува 39 проценти во споредба со август лани. Ипсилон е воедно и најпродаван БЕВ до август, со 83.314 возила, но тоа пак е пад од 34 проценти.

Шкода Елрок, компактен СУВ што уште е нов на пазарот, се искачи на второто место со 6.205 возила, пред Тесла Модел 3 со продадени 6.134 возила, чијшто пазар порасна 43 проценти наспроти падот на целата марка.

Меѓу останатите нови модели што беа позабележливи во август се Киа ЕВ3 на 7-то место, Рено 5 Е-Тек на 9-то и Ауди Ку 6 Е-трон на 13-то место. Еден од БЕВ-моделите од коишто се очекуваше многу, Би Уај Ди Долфин Сурф, го заврши месецот со 1.311 продажби, доволно само за 39-то место.

Приклучните хибриди, коишто исто така им се важни на производителите на автомобили за да го смалат својот ЦО2-отпечаток, годинава се вратија во трка, откако во претходните години беа во постојано опаѓање. Преродбата на овој погон ја донесоа кинеските марки, чијшто приклучни хибриди не се опфатени во заштитната царина на ЕУ, како што е случај со увозот на електрични автомобили од Кина. Друга причина за преродбата се новите модели со значително зголемен досег од преку 100 километри.

Продажбата на приклучни хибриди расте поради новите кинески модели и подолгиот досег

Приклучните хибриди (ПХЕВ) напредуваа 57 проценти, со продадени 79.367 возила во август. Тоа одговара на пазарен удел од 10 проценти. Најпродаван модел е Фолксваген Тигуан со 4.335 продажби и раст од 328 проценти во споредба со август 2024. По него следат Би Уај Ди Ју со 3.715 продажби и Волво Икс Ц 60, поранешен ПХЕВ-лидер, чијашто продажба порасна за 24 проценти.

До август се продадоа вкупно 785.343 ПХЕВ, со раст од 85 проценти кај големоволуменските марки и пад од 8,1 проценти кај премиум моделите.

Обичните видови погон и натаму го губат пазарот од БЕВ и ПХЕВ, со пад кај дизелите од 12 проценти во август, односно пад од 7,5 проценти кај бензинците.

Претходна објаваДонгфенг планира тројно да ја зголеми продажбата во Европа, на 80.000 возила
Следна објаваМерцедес-Бенц почна со производство на ВЛЕ, електрична В-класа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here