Донгфенг планира тројно да ја зголеми продажбата во Европа, на 80.000 возила

Кинескиот производител на автомобили Донгфенг Мотор има намера продажбата во Европа в година да ја зголеми тројно, на 80.000 возила, со стандарден и хибриден погон, со ЕВ со продолжен досег и со чисто електричен погон.

Донгфенг Виго е еден од новите модели што наскоро почнува со продажба во Европа

Донгфенг е меѓу последните кинески производители што го засилуваат својот напад на европскиот пазар, следејќи ги Би Уај Ди, Шаопенг и Чери. Сите освојуваат територија со конкурентни цени, напредна технологија и со конструкции што се мошне иновативни.

Извршниот директор на Донгфенг за Европа, Си Чиан, за време на презентацијата во Торино, Италија, кажа дека компанијата планира в година да продаде 80.000 возила во Европа, наспроти 25.000 до 30.000 колку што се предвидуваат за годинава.

Кинескиот производител на автомобили се потпира на својата понуда од преку 10 модели, коишто опфаќаат спектар од градски модели до големи СУВ и пикапи, од три марки: Донгфенг, Воја како премиум марка и М-Херо за теренски возила.

Според податоците на Датафорс, Донгфенг од јануари до август има продадено 1.930 возила во ЕУ, ОК и ЕФТА.

„На подолг рок, секако дека вложуваме во батериски електрични возила. Но, на среден рок, ценам дека тука има простор за приклучни и полни хибриди,“ кажа Си, додавајќи дека возилата со мoтор со внатрешно согорување и натаму уживаат висока популарност на пазари како Италија и Полска.

Видеото од тестот на Донгфенг Еолус Мејџ

„Европа е голем и разновиден пазар. Сакаме да бидеме флексибилни.“

Европската мрежа на Донгфенг се состои од 170 дилери, чијшто број се очекува да се искачи на 280 до завршетокот на годинава. Вклучени се повеќе држави во Европа, но посебно се вложува во Италија, Полска, Германија и Франција.

„Во следната година ќе се посветиме на подобрување на искуството на корисниците, преку зголемување на квалитетот на нашата дилерска мрежа, на нашите продажни аргументи, исто како и на сервисирањето,“ најави Си.

Донгфенг размислува за можноста во иднина да изгради фабрика за монтажа на возила во Европа, меѓутоа директорот напомена дека побарувачката мора прво да го оправда тоа.

Претходна објаваБМВ ѝ објавува војна на Кина со Ное Класе
Следна објаваФолксваген е најпродавана електрична марка во Европа, Тесла втора

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here