Извршниот директор на Тесла, Илон Маск, на свеченост во фабриката на Тесла во Остин, Тексас, ја предаде првата тура електрични пикапи на сопствениците. Тоа се случува по четири години, откако возилото со крајно невообичаена појава првпат ѝ беше прикажано на јавноста.
Тесла ги објави и цените што се далеку над вредностите што беа соопштени, кога производителот на електрични возила го најави пикапот како концептно возило.
„Ќе биде многу возбудливо кога ќе се видат сите тие возила како се движат околу,“ кажа Маск на настанот по повод почетокот на испораката на електричниот пикап во четвртокот. „Тоа навистина ќе ја смени уличната слика.“
Маск наведе неколку подробности за пикапот што се движи целосно на струја, вклучувајќи и способност за влечење товар тежок 11.000 фунти, односно близу 5 тони. Внимание заслужува и вредноста на забрзувањето до 60 милји на час, што одговара на 96 километри на час, за само 2,6 секунди, за најсилната изведба на Сајбертрак.
Тој напомена и дека каросеријата од нерѓосувачки челик е отпорна на куршуми.
На вебсајтот на Тесла стои дека основната изведба на Сајбертрак со заден погон почнува од 60.990 долари, не вклучувајќи ги трошоците за транспорт до местото на купувачот. Тесла во моментов наплаќа 1.390 долари за своите останати модели, плус 250 долари такса за нарачка.
Основната изведба располага со досег од околу 250 милји (400 километри) и забрзува до 60 милји на час за 6,5 секунди. Испораките на оваа изведба ќе започнат во 2025 година.
Изведбата на Тесла Сајбертрак со два електромотори и погон на сите тркала чини најмалку 79.990 долари, исто така без транспортни трошоци. Досегот е 340 милји (550 километри), моќноста изнесува 600 КС, забрзувањето трае 4,1 секунди. Посилната и поскапа изведба ќе почне да им се испорачува на сопствениците веќе во 2024 година.
Врвната изведба Сајбербист почнува од 99.990 долари, без транспорт. Досегот се проценува на 320 милји (515 километри), максималната системска моќност изнесува 845 КС, а спринтот трае 2,6 секунди. Сајбербист исто така ќе почне со испорака од следната година.
Ценовниот скок
Цената на Сајбертрак се зголеми значително, од времето кога пикапот беше прикажан како концептно возило. Тесла потфрли и за најавениот досег за најспособната изведба, што беше соопштен пред четири години. Намерата беше Сајбетрак да почне со испорака уште во 2021 година.
Кога го претстави концептот пред четири години, Маск кажа дека цената ќе почнува од околу 40.000 долари за изведбата со еден електромотор и досег од 250 милји. Изведбата со два електромотори требаше да почнува од 50.000 долари и да постигнува досег од 300 милји, додека за врвната изведба со три електромотори се ветуваа 500 милји досег и цена од околу 70.000 долари.
Тесла уште пред две години тивко ги избриша цените од својот вебсајт. Маск лани најави дека почетната цена ќе биде повисока од првичните најави, поради зголемените трошоци, предизвикани од инфлацијата и други влијанија.
Пред почетокот на испораката во четвртокот, аналитичарите кажаа дека Сајбетрак ќе биде инстантен хит, без оглед на неговата цена.
Иако кутиестата каросерија што е изработена од нерѓосувачки челик предизвикува разидување во ставовите на јавноста, пикапот ќе биде дефицитарна стока во следните години, поради натрупаните резервации во сите години досега, од сопствениците на автомобил Тесла, од заљубениците во електрични возила и од новаците во овој погон, кажуваат аналитичарите. Можно е пикапот да предизвика и културен феномен.
#Cybertruck outruns a Porsche 911 while towing a Porsche 911 🔥#Elonmusk pic.twitter.com/3tYT6e1nTV
— LitFXMogul 🇪🇸 (@LitFXMogul) December 1, 2023
„Каде и да оди Сајбертрак, луѓе ќе ја опкружуваат, ќе прават селфија врз, покрај и во неа, и ќе ги објавуваат на друштвените мрежи, за светот да ги види,“ кажува Гери Блек во објава на Икс, некогашен Твитер. Блек е партнер на Фјучр Фонд, претпријатие од Чикако, што поседува акции во Тесла.
Блек во минатата недела кажа дека Сајбертрак ќе биде многу повеќе од новитет, имајќи ја предвид големината на пазарот за пикапи од највисоката класа во САД. Тој предвиде и дека пикапот ќе биде своевидна визит карта за марката Тесла, привлекувајќи нови купувачи за двете лимузини и двата кросовери на марката.
Автомобилските аналитичари ценат дека Сајбертрак е многу поверојатно да ги привлече сопствениците што користат пикап во слободно време и заљубениците во електрични возила, отколку традиционалните сопственици на пикап во Северна Америка, коишто бараат максимална искористливост на возилото и ненападен изглед.
„Постои основна група на Тесла-фанбојс, што сакаат примерок и подготвени се да потрошат многу пари да дојдат до него, само заради пораката што ја пренесува изгледот,“ кажува Карл Броер, главен аналитичар во АјСиКарс. „Меѓутоа, главнината од традиционалниот пазар на пикапи, а тој е огромен, нема да покажат интерес за Сајбертрак.“
Броер цени и дека товарната платформа на Сајбетрак со закосените страници го отежнува товарењето и растоварањето. Покрај тоа, електричните пикапи не располагаат со досегот што е потребен за задачите што се бараат од таков вид возило, како што е носење или влечење тежок товар. Со потежок товар, досегот на електричните возила се преполовува.
Cybertruck Delivery Event https://t.co/rWd111HvHc
— Tesla (@Tesla) November 29, 2023
Роби ДеГраф, аналитичар во АутоПацифик, цени дека лансирањето на Сајбетрак е пресвртница за индустријата на електрични возила, без разлика дали пикапот во иднина ќе се продава или нема да се продава.
„Кога Сајбертрак ќе се најде во рацете на незамисливо трпеливите купувачи што го имаа резервирано возилото, несомнено е дека тоа ќе биде едно од најконтроверзните возила што се појавиле во оваа декада“, изјави ДеГраф минатата недела. „Дизајнот поларизира – за едните поларизира на добро, за другите на ужасно.“
















