Електро-пионерот Tesla го заврши шестиот квартал во низа со позитивен биланс и првпат во историјата постигна заработка во полна календарска година.
Компанијата на техно-милијардерот Илон Маск и покрај корона-кризата ја заврши 2020 година со заработка од 721 милиони долари (595 милиони евра). Преклани Tesla уште бележеше загуба, којашто тогаш изнесуваше 862 милиони долари. Прометот пораснал за 28 проценти, на вкупно 31,5 милијарди долари.
Акционерите сепак не беа одушевени од прикажаните бројки и покрај тоа што компанијата првпат постигна заработка во континуитет од една календарска година од основањето во 2003 година. Вредноста на акциите на берзата забележа пад од преку пет проценти. Проблемот е во тоа што Tesla не ги исполни плановите за последниот квартал од минатата година. Концернот на Маск постигна заработка, но 270-те милиони долари беа помалку од тоа што го очекуваше пазарот. Во споредба со четвртиот квартал во 2019 година, прометот порасна за дури 46% и со 10,7 милијарди долари ги надмина и прогнозите на аналитичарите.

Берзата меѓу другото се разочара и од тоа што Tesla излезе со разумни предвидувања за бизнисот во тековната година, место со најавување на преамбициозни и неконкретни цели. Целта за годинава е да се надмине растот од 50% од лани. Тоа би значело дека Tesla во 2021 година треба да испорача 750.000 автомобили на светскиот пазар. Лани беа испорачани малку под 500.000 возила, што е рекорд на компанијата.
Концернот постигнува голема заработка и од продажбата на т.н. сертификати за издувни гасови, кои ги откупуваат овие сертификати со цел на тој начин да ја смалат вкупната емисија на штетни материи од сопствените автомобили. Законите во Европа и во Калифорнија поставуваат строги норми во поглед на штетната емисија. Без овој прилив, што во минатата година изнесуваше 1,6 милијарда долари, односно 401 милиони долари само во последниот квартал, Tesla практично ќе ја завршеше и минатата година во минус.
Вредноста на акциите на Tesla порасна за 700 проценти
Илон Маск на телефонска конференција со аналитичарите најави проширување на фабриката во Фремонт, за производство на освежените верзии на постарите Model S и Model X, кои меѓу другото добија сосем нова изведба на внатрешноста. Model S ќе биде достапен и во изведба Plaid што спринтува за две секунди од место до темпо сто. Според Маск, не постои автомобил што е постартен. Tesla најави и прозиводство на електрично комбе, за коешто нема конкретни податоци.