Tesla постигнува заработка пет квартали во низа

Tesla Model S сега забрзува за 2,5 секунди до сто

Американскиот производител на електрични автомобили Tesla постигнува заработка пет квартали во низа, потврдувајќи ги амбициозните цели за годинава.

Во тромесечјето до крајот на септември, Tesla постигна нето заработка во висина од 331 милиони долари, односно 279 милиони евра. Така соопшти концернот на техно-милијардерот Илон Маск во средата, по заклучувањето на американската берза. Резултатот е за 131 проценти подобар во споредба со истиот период лани.

Прометот порасна за 39 проценти, на 8,8 милијарди долари, што е нов рекорд. Tesla ги надмина очекувањата, па акциите по берзанската објава реагираа со значително зголемување на вредноста. Со изненадувачкиот биланс во последниот квартал, Tesla ја продолжи успешната серија. Од основањето во 2003 година, компанијата досега нема работено толку успешно во подолг временски период. Дел од заработката сепак се должи на трговијата со СО2 сертификати, што не е друго освен купување право за испуштање штетни емисии, што го користат некои производители на автомобили, првенствено Fiat Chrysler.

Највредна автомобилска компанија во светот

Од компанијата нагласија дека и покрај отежнатите услови поради корона-кризата, Tesla не се откажува од амбициозните планови, годинава да бидат продадени 500.000 возила. Во првите три квартали беа испорачани околу 320.000 автомобили, од кои 139.593 примероци само во последниот квартал. Постигнувањето на годишната цел за половина милион возила сепак ќе биде тешко, признава компанијата во соопштението.

Tesla подолго време е највреден производител на автомобили во светот. Од почетокот на годината, вредноста на акциите се зголеми за 400 проценти, а во споредба со истиот период лани, дури за 730 проценти. Според последните бројки, Tesla вреди 394 милијарди долари на берзата. Тоа е трипати повеќе од најголемите американски производители General Motors и Ford заедно.

>>> Tesla Model 3 од фабриката во Пекинг ќе се продава во Европа

Претходна објаваВака изгледа електрична станица со полначи во Штутгарт
Следна објаваЧоколадите Ritter Sport се возат со електричен Mercedes eActros

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here