за

LED-светлата станаа стандард, врвот се ласерски и матрични светла

Светлата некогаш имаа единствена функција да се види и да се биде виден. Денешните светла се поврзани со навигацијата, разденуваат до 600 метри и користат врвна технологија.

LED-светлата станаа стандард, врвот се ласерски и матрични светла

Халогените светла заминаа во историјата. Добрите стари халогени светилки се вградуваат само во некои основни модели. Дури и новата Dacia Sandero секогаш излегува од фабрика со диодни светла. Секако дека постои разлика меѓу диодните светла. Луксузните модели поседуваат светла што се поврзани со навигацијата и точно се насочуваат во свијоците.

Технологијата на светлата напредуваше неколку светлосни години. Денес е можно диодните светла да осветлуваат до 600 метри пред себе, а притоа не мора ниту да се соборува светлото за возачите отспротива да не се заслепат. Врвните светла што ги вградуваат Audi, BMW и Mercedes дури ги препознаваат и сообраќајните знаци и ги осветлуваат во точна мера, за возачот да не се заслепи од рефлексијата од светлата на сопствениот автомобил.

Тоа што им се случи на светлата е дигитализација. Напредокот продолжува во уште побрзо темпо. Во блиска иднина, светлата ќе станат начин на комуницирање со средината и сопствениците ќе можат да избираат меѓу различни дизајни на светлата.

Прв модел со матрични диодни светла беше Audi A8 – дополнително и со ласерско долго светло

Audi повлече чекор меѓу првите и во 2017 година ги претстави ласерските светла во R8 LMX. Првиот големосериски модел со оваа техника беше А8, кој доби диодни светла со матрична технологија и дополнително со ласерско долго светло. Промени се случуваат и во задните светла. Дигиталните OLED-светла во освежениот Audi Q5 се вовед во комуникацијата Car-to-X и на сопственикот му нудат можност сами да ја изберат шемата на осветлување. Истото е случај со предните светла кај новиот Audi А3.

Светлата во иднина ќе комуницираат со средината, како овој пример со пешак што минува улица на недозволено место и на небезбедно растојание

New photo by Automedia MK / Google Photos

Дигиталните OLED светла понатаму ќе добиваат сé повеќе сегменти, а притоа секој сегмент може да се управува одделно. Овие можности ќе се користат и за испраќање пораки на останатите учестници во сообраќајот, на пример при опасност на патот, како голомразица или наидување на застој на автопат.

Идната генерација светла ќе бидат само една свивлива лента со висока технологија

New photo by Automedia MK / Google Photos

Следен чекор за Audi се флексибилни дигитални OLED светла. Место крут материјал со дебелина од 0,7 милиметар, во иднина ќе се користат флексибилни материјали, како пластични или метални фолии, што може да се виткаат. Со тоа ќе се овозможи тридимензионално осветлување. Во иднина може да се очекува дека светлата ќе ги осветлуваат и страните на возилото.

Mercedes веќе одамна ги научи своите клиенти да очекуваат врвна технологија во своите автомобили, примерот е од актуелната S-Class

New photo by Automedia MK / Google Photos

Mercedes исто напредуваше многу и разви светлечки модул што дејствува како HD-Beamer. Во некоја подалечна иднина, LED-светлата ќе поседуваат и по милион микро-огледала, кои ќе можат на ѕид пред возилото да прикажуваат и филмови. Овие HD-бимери ќе бидат поврзани со камерите и со навигацијата во возилото, а понатаму и со системите за асистенција. Светлата во Mercedes ќе постигнат прецизност во распределбата на светлината што досега е невидена во браншата. Тие светла ќе можат, на пример, да проектираат линија врз патот, што помага како ориентација додека се вози низ дел од патот што се поправа. Во случај кога има опасност на патот напред, светлата соодветно ќе проектираат предупредувачки симбол врз патот.

Светлата сами проектираат линии на патот и знаци за предупредување

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со милион светлечки точки, површина од само 2,5 х 4 сантиметри ќе може да осветлува до сто метри пред возилото. Единствената пречка за светлата се сообраќајните закони. Во САД, на пример, законите не дозволуваат голем дел од функциите на актуелните матрични диодни светла во моделите на Audi, BMW, Porsche или Mercedes.

Напредните светла се достапни и во Volkswagen, иако не до степенот на ласерски светла, затоа што тие би биле прескапи како опција во носечката марка на концернот. Диодни матрични светла се достапни за Touareg и за новиот Golf. Светлата на луксузниот СУВ-модел на Volkswagen се состојат од најмногу 48 светлечки диоди за собореното светло и уште 27 светлечки диоди за долго светло. Дополнителни светлечки модули се користат за позициско и дневно светло, како и за трепкачите. Сето тоа дава вкупно 128 светлечки диоди – по светло.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Светлата користат податоци од GPS, од предната камера, радарот, од аголот на завртување на тркалата и од брзината на возење, со цел најдобро да го осветлат патот пред возилото. Со досег до 550 метри, автоматски се вклучува режим за возење во град, за возење по спореден пат, за автопат, за разминување, па дури и статичко и посебно широко светло за возење по терен. Единствено што возачот мора да вклучи сам се магленките. Причината е тоа што не постојат сензори што сигурно препознаваат магла.

Volkswagen моментно тестира техника што би можела да се појави во производство за две то три години. Место 128 диоди, идните светла ќе се состојат од 30.000 светлечки точки. Меѓу можностите на тие светла ќе спаѓа и проектирање на хоризонтална сигнализација врз патот напред, дури и кога таа не постои или не се гледа. Техничарите имаат уште многу работа, затоа што технологијата којашто овозможува вакви функции зафаќа половина од багажникот на Touareg и по кабината се распоредени педесетина прекинувачи.

Убавата вест е тоа што диодната техника веќе станува стандард и се вградува и во најдостапните автомобили на пазарот. Dacia Sandero е одличен пример за тоа.

Информации од навигацијата се користат за осветлување на свијокот уште додека возилото се движи право

New photo by Automedia MK / Google Photos

Секоја нова генерација модели на Mercedes донесуваше нова техника за осветлување

New photo by Automedia MK / Google Photos

Сноп од ласерските светла на BMW i8

New photo by Automedia MK / Google Photos

При нарачката на возилото ќе може да се избира меѓу три шеми на дизајн на светлата

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во овие форми јасно се препознава дека станува збор за BMW, дизајнерите завршија голема работа

New photo by Automedia MK / Google Photos

Возилото отспротива останува надвор од снопот на долгите светла, додека патот напред се осветлува стотици метри далеку

New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
New photo by Automedia MK / Google Photos
Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault R 4 e-plein air

Renault ќе ги враќа во живот R4 и R5 како електромобили

Кога глупавиот и поглупавиот ќе се впуштат во измама со возила

Кога глупавиот и поглупавиот ќе се впуштат во измама со возила