
Тавареш беше во спор со управниот одбор на концернот што ги поседува марките на Фиат и Пежо, поради неговата фокусираност за трошоците да се скусат до крајни мерки, место да се гледа пошироката слика. Поради неговата агресивна ценовна политика, продажбата во САД бележеше голем пад и концернот уште вложува големи напори да го надомести тоа.
На менаџерот ќе му бидат исплатени дополнителни 2 милиони евра како отпремнина и уште 10 милиони евра како бонус, поради достигнувањето на неколку од поставените бизнис таргети на концернот за минатата година.
Стелантис неделава излезе со претпазливи прогнози за бизнисот во 2025 година.
Додека претседателот на компанијата, Џон Елкан, води интервјуа со кандидатите што ќе го заменат Тавареш на местото на извршен директор на концернот, главниот нагласок се става на прашањето, како да им се обезбеди сигурна иднина на 14-те марки на Стелантис.
Идниот извршен директор ќе биде избран во првата половина од годината, најави Елкан.
„Имаме исклучителни кандидати, интерно и екстерно,“ изјави Елкан пред аналитичарите, при објавувањето на финансиските резултати за минатата година.
Вредноста на акциите во Стелантис се намали околу 50 проценти во последните 12 месеци.
Приоритети за новиот извршен директор
Новиот извршен директор ќе има задача да ја стабилизира компанијата што со своите 14 марки е присутна на светскиот пазар, да го врати уделот на пазарите во САД и Европа, да се спротивстави на жестоките кинески соперници и да ги надмине штетните трговски политики што ги воведе претседателот на САД, Доналд Трамп.
Производителот на автомобили работи и на обновување на нарушените односи со дилерите, синдикатите, добавувачите и акционерите, на назначување нови директори и понепосредна комуникација со партнерите.
Платата на Тавареш во 2023 година беше зголемена за 56 проценти, на вкупно 36,49 милиони евра. Акционерите лани гласаа против исплатата на компензација кон извршниот директор.
Стелантис соопшти дека вработените во концернот лани заработиле во просек по 66.000 евра, што е за 6 проценти помалку во споредба со 2023 година. Вкупната компензација на Тавареш беше 350 пати повисока од просечната плата по вработен.















