БМВ не сака да губи време со воведувањето на Ное Класе во својата понуда од модели. Во Минхен уште летово ќе почне претсериското производство на првиот модел, иако фабриката во моментов уште е во фаза на големо градилиште.
Халите во коишто ќе се изработува каросеријата, ќе се врши монтажа и ќе се одвива логистиката веќе се завршени. Пред само неколку седмици почна и поставувањето на производствените постројки.
Претсериско производство во пилот-фабриката
За да се овозможи претсериското производство да започне за само неколку месеци, заслужен е еден трик во производствената мрежа на БМВ. Претсериските возила ќе се изработуваат во пилот фабриката на центарот за истражување и развој (ФИЗ) во Гархинг, со учество на персоналот за производство од фабриката во Минхен.
Покрај тоа, тимот од Минхен што работи на подготовките соработува со експертите за производство во фабриката во Дебрецин, Унгарија, каде што уште годинава ќе почне сериското производство на Ное Класе. Фабриката во Унгарија е изградена нова од темел, меѓутоа технологијата и процесите на производство не се разликуваат од минхенската фабрика.
Сериското производство ќе почне во 2026 година
Директорот за производство во БМВ, Милан Недељковиќ, цени дека фабриката во Минхен е огледен пример за стратегијата за производство на БМВ, којашто се темели врз иновации и флексибилност.
Сериското производство на првиот модел од Ное Класе од фабриката во Минхен се очекува да почне во вториот или третиот квартал од следната година. Кусо потоа ќе почнат и испораките на возилата.

Прва е лимузината од Серијата 3
БМВ потврди дека прв модел од Ное Класе што ќе се произведува во фабриката во Минхен ќе биде лимузина. Германските медиуми дознаваат дека тоа ќе биде електрична Серија 3, повикувајќи се на интерни извори.
Тоа ќе биде логичен чекор, кога ќе се погледне колку баварскиот производител се повикува на сопствената историја, додека се подготвува за стартот со Ное Класе. Минхен е матичната фабрика на БМВ, каде што серијата 3 се произведува веќе 50 години и истата е моделска икона на фабриката.

Значително скусени трошоци за производство
Директорот на фабриката Петер Вебер кажа дека неопходните преправки се одвиваат според планот и се очекува да бидат готови до завршетокот на 2025 година.
Вебер открива и дека со Ное Класе за 10% се смалуваат производствените трошоци во фабриката во Минхен. Тоа се постигнува преку подобрувања во производствените процеси, автоматизацијата и новата платформа за возилата.
Поради тоа што ќе се произведува само еден вид погон, неколку чекори во производството и неколку делови се непотребни. Тоа меѓу другото важи и за каблите, што во тековното производство се разликуваат од еден до друг вид на мотор и се тешки за вградување.

Постепено префрлување на производството
Фабриките на БМВ се поставени на тој начин, што на една линија може да се произведуваат различни варијанти на еден модел, но и различни видови погон. Бидејќи е тешко да се прогнозира како понатаму ќе се одвива развојот на електромобилноста, БМВ се потпира на флексибилност во своите фабрики, во коишто може да се произведуваат и возила со мотор со внатрешно согорување и возила со електричен погон.
Тоа важи посебно за фабриката во Минхен. Таму до завршетокот на 2027 година постепено ќе се одвива преоѓањето на електричните модели од Ное Класе, додека во исто време ќе се произведуваат модели со мотор со внатрешно согорување. По тој рок, Дебрецин и Минхен ќе бидат единствени фабрики на БМВ во коишто ќе се произведуваат само електрични автомобили.
Како фабриката во Минхен се подготвува за новиот модел

Подготовката на фабриката во Минхен за производствона моделите на БМВ од Ное Класе опфаќа главно три хали, односно изработка на каросерии, монтажа и логистика. Изградбата на новата фабрика во кругот на фабриката се врши при тековно производство, додека секој ден се произведуваат меѓу 900 и 1.000 возила.
Производството на првиот модел од Ное Класе ќе почне во првата половина од 2026 година. БМВ во новите хали вложува околу 650 милиони евра.

Нов погон за каросерии:
- Новата хала е долга 206 метри и широка 85 метри. Тоа дава површина од околу 18.000 метри квадратни. Во иднина ќе се произведува на три нивоа. Халата е висока 36 метри.
Нова монтажа и логистика:
- Новата фабрика за монтажа на возила, вклучувајќи ја логистиката, се состои од две хали. Монтажната хала е северно од главната хала. Северната хала е долга 166 метри и широка 55 метри. Површината е преку 9.000 метри квадратни. Производството во халата висока 35 метри се одвива на три нивоа.
















