Шефот на Стелантис цени дека изборите во ЕУ и САД може да ја забават продажбата на електрични автомобили

Извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш, го водеше концернот до рекордна добивка во 2023 година.

Изборите во ЕУ во јуни и изборите во САД во ноември е можно да имаат влијание врз политиките за поддршка на електричните автомобили, порачува извршниот директор на Стелантис, Карлос Тавареш.

Извршниот директор на Стелантис, Португалецот Карлос Тавареш, го подготвува концернот за забавена продажба на електрични возила, по клучните избори во ЕУ и во САД.

„Два важни избори се одржуваат в година – европските парламентарни избори во јуни и изборите во САД во ноември. Можно е политиката да се смени по нив,“ кажува Тавареш.

Стелантис можеби ќе треба да ја смени својата стратегија „доколку политичкото и јавното мислење води кон помалку електрични возила,“ изјави Тавареш за гласникот на германската автомобилска индустрија Аутомобилвохе, по конференцијата за медиуми во фабриката Мирафиори во Торино.

Тој го остави отворено прашањето за последиците што промените во законите за ЦО2 во Европа и во САД би можеле да ги остават врз Стелантис.

„Една од моите задачи е да ја подготвам компанијата за новите рамковни услови. Имаме подготвено планови за тоа.“

Гласноговорник од Стелантис изјави за Аутомотив Њуз Европа дека производителот на автомобили продолжува да се придржува кон својот план „Смело напред кон 2030 година“. Според тој план, на почетокот на следната деценија, целосно електричните автомобили ќе сочинуваат 100 проценти од продажбата на концернот во Европа, односно 50 проценти од продажбата во САД ќе отпаѓа на целосно електирчни возила.

Се чини дека продажбата на електрични автомобили во Европа подзабавува. Возачите чекаат подобри и поевтини модели, што треба да се појават во продажба за две или три години, порачуваат експерти.

Европската Унија ќе ја забрани продажбата на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година и ќе дозволува по тој датум да се продаваат единствено возила со нулта емисија на штетни материи.

Во САД, најмалку уште 10 сојузни држави го усвоија сетот закони што го донесе Калифорнија, за продажбата на нови автомобили и лесни товарни возила со бензински мотор да запре во 2035 година.

Во септемвмри, британскиот премиер Риши Сунак кажа дека размислува да го помести крајниот рок за нови автомобили со мотор со внатрешно согорување во ОК, од 2030 на 2035 година.

Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, кој на изборите во ноември веројатно ќе се бори против Бајден, кажа дека потегот на Сунак бил „умен“.

Претходна објаваШведска не им издава регистерски таблици на сопственици на Тесла
Следна објаваПатнички авион го прелета Атлантикот со гориво произведено од отпад

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here