„Имајќи ги предвид националната безбедност, безбедноста на возилата, информатичката безбедност и индустрискиот развој, владата строго ќе забрани возила од кинески марки да влегуваат на тајванскиот пазар, преку разни канали,“ соопшти тајванското министерство за економија на 5-ти август.
Важечките закони веќе забрануваат увоз на целосно монтирани возила од Кина, се додава во соопштението. Возила што се монтирани во Тајван, со користење делови од Кина, мора да го минат прагот за делови од локално потекло, за да добијат дозвола за продажба на локалниот пазар, стои во соопштението.
Соопштението е издадено по објавата на Мирор Медиа во којашто беа цитирани неименувани извори, коишто наведуваат дека Би Уај Ди соработува со Таику Моторс Група, којашто има дилерска мрежа во Тајван, за да се увезуваат автомобили што се монтирани во Тајланд. Изворите тврдат дека два модели веќе се испратени во Тајван за да се добие сертификат за безбедност.
Би Уај Ди бара начини да ја зголеми продажбата надвор од Кина, откако домашниот пазар се презасити со стотици производители на автомобили, што се впуштија во неодржлива ценовна војна.
Владите во Пекинг и Тајпеј се во лоши односи. Кина се заканува дека ќе користи сила за да преземе контрола врз самостојната демократија, за којашто тврди дека е нејзина територија.
Владејачката Демократска Прогресивна Партија во Тајван прави напори да ги прошири трговските односи со други држави, поради загриженост дека Пекинг може да ги користи економските врски како средство за притисок во време кога се вжештуваат односите.
Тајван во почетокот на годината воведе анти-дампинг царини за кинеска стока, вклучувајќи челични производи и пиво, наведувајќи дека тие се „голема штета врз домашната индустрија.“ Заради безбедност, Тајпеј воведе слични ограничувања за кинески производи и компоненти што се применуваат во чувствителни сектори, на пример воени дронови.
Околу прашањето за увозот од Кина се разговараше јавно во рамките на тековните преговори за царини меѓу Тајван и САД, коишто ги предупредија своите трговски партнери за пренасочучувањето на кинеските производи во САД. Тајванскиот претседател Лаи Чинг-те потврди дека неговата влада ќе ги затвори споредните патишта за „евтина стока“, што долго време е причина за загриженост на Вашингтон.
















