Кина во јули извезе 225.000 електрични и хибридни автомобили, раст од 120%

Испораките на патнички автомобили во јули забележаа раст шести месец во низа, со зголемување од 15 проценти и вкупно 2,29 милиони возила, соопшти кинеското здружение на производители на автомобили.

Здружението цени дека постојаниот раст во дистрибуцијата е заслуга на државните субвенции за откуп на старо возило и силниот извоз на електрични и хибридни автомобили.

Во директната продажба исто така е забележан раст и за тоа се заслужни високите попусти и намалените цени во изминатите месеци.

Со субвенциониран откуп на стари возила што ја поттикна побарувачката за возила, во минатиот месец во Кина беа испорачани за 12 проценти повеќе лимузини, кросовери, СУВ, ванови и минибуси, што вкупно дава 1,79 милион возила.

Извозот на патнички автомобили порасна за 25 проценти, на околу 499.000 возила.

Кај доставните возила, камионите и автобусите, исто така има раст од 14 проценти и 306.000 возила во јули, од коишто 76.000 возила заминаа за извоз, и тоа е раст од 8 проценти.

Вкупната испорака на возила во јули достигна близу 2,6 милиони возила, што претставува раст од 11 проценти. За извоз заминаа за 23 проценти повеќе возила, односно вкупно 575.000 патнички и товарни возила.

Растот во првите седум месеци од годината изнесува 12 проценти, односно вкупно се дистрибуирани 18,3 милиони возила. Од тоа, 15,8 милиони се патнички автомобили, со раст од 13 проценти, во коишто влегуваат 3,68 милиони возила што се извезени од Кина, и тоа е раст од 13 проценти.

Видеото од тестот на Еолус Мејџ во Аутомедиа

Кај товарните возила, за седум месеци има вкупно 2,43 милиони возила (+3,9%), од кои се извезени 577.000 возила (+10%).

Од Кина за седум месеци се извезени вкупно 3,68 милиони патнички и товарни возила, што е раст од 13 проценти во споредба со истиот период лани.

Електричните и хибридните возила го движат извозот

Електричните и хибридни возила и во јули го движеа во раст извозот на возила од Кина.

Индустријата во минатиот месец ги зголеми испораките на електрифицирани (електричен и приклучен хибриден погон) возила за 27 проценти, на вкупно 1,26 милион возила. Во мрежата за дистрибуција завршија 811.000 батериски електрични возила, што е раст од 47 проценти, додека испораката на приклучни хибриди и ЕВ со помошен генератор порасна 2,8 проценти, на близу 451.000 возила.

Извозот на електрифицирани возила во јули порасна 120 проценти, достигнувајќи 225.000 возила. Наспроти тоа, извозот на возила со обичен бензински погон, опадна за 4,3 проценти, на 350.000 возила.

Од јануари до јули, индустријата дистрибуираше 8,22 милиони електрифицирани возила (+39%). Батериските електрични возила (БЕВ) напредуваа 47%, достигнувајќи 5,25 милиони возила. Кај приклучните хибриди и електричните возила со помошен генератор, дистрибуцијата скокна за 26 проценти, на 2,97 милиони возила.

Извозот на електрифицирани возила за седум месеци порасна 85 проценти и достигна 1,31 милион возила. Во истиот период, извозот на возила со мотор со внатрешно согорување опадна за 7 проценти, на 2,37 милиони возила.

Ветувања дека ќе се стави крај на војната со цените

Ветувањето на Кина дека ќе ја запре безпоштедната војна со цените покажува резултати. Во изминатиот месец имаше помалку модели со големи попусти, иако тоа влијаеше врз продажбата.

Во јули имало попусти за 17 модели. Тоа е намалување во споредба со 23 модели со попусти во истиот месец лани, односно е исто ниво со јули во 2023 година.

Во јули во салоните биле продадени 1,8 милион возила, што е пад од 12 проценти во споредба со претходниот месец. Продажбата за седум месеци порасна 6,3 проценти, и тоа е забавување во споредба со близу 15-те проценти со коипто пазарот напредуваше во секој месец во периодот од март до јуни.

Лете обично подзабавува купувањето возила.

„Анти-инволуцијата е огромна придобивка за индустријата,“ кажа генералниот секретар Суи Донгшу, зборувајќи за уништувачката состојба во поглед на конкурентноста, што беше предизвикана од прекумерните производствени капацитети во земјата. Овој потег ќе биде корисен за целиот ланец на добавувачи, а посебно за понапредните компании „што место тоа ќе се сосредоточат да го подобрат квалитетот, да ги исполнат барањата на купувачите и да не се натпреваруваат со најниска цена,“ кажа секретарот.

Кинеската влада ја засили контролата врз производителите на автомобили, во загриженост дека напреднатата ценовна војна што ја погоди целата бранша е неодржлива и ги става послабите компании во опасност да паднат во стечај.

Во почетокот на јули, директорите на поголемите производители на електрични возила, вклучувајќи ги БИД, беа повикани во Пекинг, каде што им беше наложено да воведат построга сопствена контрола и да не нудат неразумни попусти.

Производителите на електрични возила Липмотор, Шаоми и Шаопенг пријавија рекордни продажби во јули, додека компаниите како Би Уај Ди и Ли Ауто имаа пад, заттоа што голем дел од продажбата им отпаѓа на обични хибриди.

Би Уај Ди трет месец во низа има намалена продажба во Кина, со пад од 12 проценти во првите седум месеци. Уделот на Би Уај Ди во продажбата на електрифицирани возила во Кина спадна на 27,8 проценти, во споредба со 35,4 проценти лани. Светската продажба сепак имаше раст во минатиот месец, благодарение главно на извозот на прекуокеанските пазари, којшто учествува со преку 20 проценти во вкупната продажба.

Би Уај Ди, најголемиот соперник на Тесла во Кина и лидер во војната со намалување на цените, во јули првпат имаше пад во продажбата во изминатите 17 месеци.

Ли Ауто, еден од малкуте произвоители на електрични автомобили во Кина, покрај Би Уај Ди, што пријави профит годинава, во јули продаде за 40 проценти помалку возила во споредба со лани. Пионерот во хибриди со продолжен досег неодамна ја освежи својата понуда од СУВ-модели со целосно електричен погон, понудувајќи богата опременост по конкурентни цени.

Претходна објаваТајван ќе забрани увоз на кинески автомобили од трети земји
Следна објаваКиа на Нирбургринг мина 10.000 километри во тестирање на електричната ЕВ4

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here