Полн хибриден погон доаѓа во Suzuki Vitara. Начинот на работа го познаваме од нејзиниот партнер и пионер на хибридниот погон Toyota, но очигледно е дека главнината од погонската техника потекнува од Suzuki.
Јапонскиот специјалист за терен и за градски автомобили Suzuki беше меѓу првите производители што целосно го исклучи дизелот од своите автомобили, а меѓу првите почна и со примената на благ хибриден погон. На тоа следеше и широкоградо вградување на системи за асистенција, од типот на радарски темпомат или систем за задржување во лента. Suzuki сега преоѓа во следниот стадиум.
Компактниот СУВ-модел Suzuki Vitara од првото тромесечје во 2022 година ќе се нуди и во изведба со полн хибриден погон. Моторот е 1,5-литарски четирицилиндарец, без турбонатполнење. Може да се избира меѓу изведба со преден или со приспособлив погон на сите тркала ALLGRIP SELECT, што е познат од постоечките модели.
Срцето на полниот хибриден погон го сочинува електромотор со моќност од 24 киловати, односно 37 КС. Тој му асистира на 1,5-литарскиот DualJet-бензинец со 102 КС (засега е само претпоставка дека тоа е моторот К15B од Jimny, Vitara Breeza и др), при забрзување и поаѓање, но електромоторот може и самостојно да ја движи Vitara. Системската моќност изнесува 115 КС. Погонот го заокружува автоматизиран 6-степен мануелен менувач. Батеријата е литиум-јон.
Тоа е големо освежување на моделот што постигна одличен успех на поширокиот европски пазар, а секако и во Македонија. Во редакцијата уште немаме информации за датумот на отпочнување со продажба на новата погонска изведба во понудата на Vitara, но е мошне извесно дека таа ќе се нуди на македонскиот пазар.
Покрај изведбата со полн хибриден погон, Suzuki ќе продолжи да го нуди моделот со благ хибриден погон, со 1,4-литарски турбо-бензинец со 129 КС, кој работи во комбинација со 48-волтен стартер генератор и со мануечлен менувач.
Според фабрика, просечната потрошувачка на гориво на Suzuki Vitara 1.5 DUALJET HYBRID AGS се движи меѓу 5,8 и 5,3 l/100 km (норма WLTP), додека вредностите кај Suzuki Vitara 1.4 BOOSTERJET HYBRID MT се движат меѓу 5,9 и 5,4 l/100 km.